1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десет тези кои зборуваат во прилог на Трамп

Инес Пол / превод: З. Јордановски17 мај 2016

Секојдневно може да се прочита дека Трамп не е за претседател оти би го втурнал светот на работ на пропаста, а Американците докажуваат дека и онака „не се токму“. Инес Пол, пак, набројува што му оди во прилог на Трамп.

Фотографија: Reuters/L. Jackson

1. Трамп се разликува од Хилари Клинтон

Да се гласа за некогашната министерка за надворешни работи и „прва дама“ на САД не е незамисливо само за републиканците - и многумина од независните, па дури и самите демократи имаат големи тешкотии во однос на неа. Таа е олицетворение на речиси династиско сфаќање на владеачката елита. Кога некој, освен тоа, уште и толку долго врши јавни функции, по сила на околностите прави редица грешки, кои сега ќе бидат употребени против неа. Нејзиниот проблем јасно се отсликува првенствено во таканаречениот скандал со електронската пошта: ароганцијата на власта, со која таа си ги поврзува и привилегиите. Недвосмислено - да се извинеше уште на почетокот, темата одамна веќе ќе немаше значење. Се разбира, и една одредена доза на сексизам игра улога во неприфаќањето на инаку многу успешната некогашна сенаторка на Њујорк.

2. Доналд Трамп зборува така, што луѓето го разбираат

Иако многу нешта немаат никаква смисла и Трамп апсолутно е во состојба во една реченица повеќепати да си противречи, тој сепак зборува така, што го разбира секој, што донекаде зборува англиски. Никој не е принуден да пребарува во речник или да ја испушти смислата поради премногу компликувани сложени реченици. И, поради тоа што го разбираат, луѓето се чувствуваат и самите разбрани и сериозно сфатени.

3. Луѓето му веруваат

Тоа всушност нема смисла. Но, токму затоа што Доналд Трамп постојано се вплеткува во противречности и за некоја тема поставува различни тези и тврдења, многу луѓе имаат чувство дека тој е искрен. Во предизборна кампања во која толку изјави најпрецизно се насочени за различни групи избирачи, за многумина автентичноста е многу поважна отколку обмислени концепти, кои честопати кај публиката оставаат впечаток на отуѓени и напамет научени.

4. Неговите економски успеси се видливи

Сега речиси секојдневно излегуваат на виделина детали кои потврдуваат дека бизнисите на мултимилионерот од Њујорк ни оддалеку не се толку успешни, колку што се обидува да се создаде впечаток. Но, досега таквите информации ни најмалку не ѝ наштетија на легендата за успешен бизнисмен. Тоа се должи на фактот дека неговото, во голем дел наследено богатство е видливо во форма на терени за голф, казина и чаламџиските облакодери на Трамп.

Инес Пол

5. Тој не се плаши да создава непријатели

Неговите напади, навреди и киксови за многумина се доказ дека Трамп не се плаши од тоа да создава непријатели околу себе. А тоа, пак, е се смета за јасен доказ за лична сила. И сето тоа првенствено кога е во прашање интересите на Америка да се стават над сѐ. Многумина од неговите приврзаници навистина ни пцујат, ниту навредуваат жени. Но, истовремено тоа го прифаќаат како доказ за онаа сила, која ја посакуваат од еден водач. За многумина на ова се надоврзува и впечатокот дека конечно некој отскокнува од густо испреплетената мрежа од правила на однесување и општествени правила во земјата во која толку различни култури и религии некако мораат да излегуваат на крај едни со други.

6. Трамп симболизира став и чувства

Никој од Доналд Трамп не очекува обмислени, конзистентни и вешто скроени планови. Но, затоа пак тој, како одговор на стравовите и несигурноста на своите приврзаници, нуди големи гестови и визии. Тој им нуди една емоционална татковина, која првенствено се дефинира преку изолирањето и разграничувањето од „другите“. Значи, токму она за што копнеат толкумина. Тие не сакаат прашања, никакви барања за соочувања и дефинирања, туку едноставни одговори.

7. Сѐ да остане како што никогаш не било

Сонот на Доналд Трамп за една превозвишена Америка од минатото во прв ред е само одбивање да се признае дека живееме во еден, во секој поглед, глобализиран свет. Со тоа Трамп е единствениот во оваа предизборна кампања кој нуди лек против стравот од промени. Тој измисли едноставно мото - „Да ја направиме Америка повторно голема“, зад кое можат да застанат сите кои се плашат дека не ќе може да се одржи благосостојбата на долг рок. Доналд Трамп е персонифицирано одбивање на глобализацијата, а куриозен симбол токму за тоа стана озлогласената ограда на границата кон Мексико.

8. Трамп е одговор на развојот во Републиканската партија

Од доцнежните 70-ти години на минатиот век Републиканската партија се разви во една насока која е неприфатлива за многумина од нејзините традиционални избирачи. Феноменот Трамп е одговор на тоа. Конечно партијата, со својот антивладин курс и со фокусирањето врз економските елити, го создаде него. Класичните избирачи, белата средна класа, страда од курсот на глобализација и од нископлатената конкуренција од доселениците. Фактичките праконзервативни темелни вредности на партијата на Линколн се заслабени од сопствениот екстремизам и така беше создаден Трамп.

9. Последна шанса за белците

За демократите белиот среден слој веќе сега не игра никаква егзистенцијална улога. Републиканците, меѓутоа, морат барем на овие избори сигурно да ги имаат гласовите на тој слој, за воопшто да можат да победат. Со општествените промени - најдоцна во 2050. година Америка веќе нема да биде бела - ќе заврши таа моќ. Затоа овие избори ќе се едни од последните во кои уште влијание има средовечен белец припадник на средниот слој. А неговите копнежи, стравови и надеж досега ниеден кандидат не беше во состојба толку добро да ги искористи за себе, колку Доналд Трамп.

10. Трамп се разликува од Хилари Клинтон

Во политичките кругови во Вашингтон кружи една добра изрека: прилично е неверојатно дека Доналд Трамп ќе победи. Но, многу е веројатно дека Хилари Клинтон ќе загуби.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми