1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

АфД бара забрана на џамиите во Германија

Бен Најт /цб/емф31 март 2016

Радикална отцепена група од деснопопулистичката партија АфД бара забрана на џамиите во Германија. Делови на АфД се дистанцираа од ваквата идеја.

Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Karmann

Баварско крило на партијата Алтернатива за Германија (АфД) го поднесе досега најнепријателскиот кон исламот програмски предлог на деснопопулистичката партија. Во текстот со кој располагаат весниците кои се дел од „Редакциска мрежа Германија“ (РНД), партијата бара забрана за „изградба и користење“ на џамиите.

Џамиите служат „не само за заедничка молитва, туку и за ширење на исламското учење насочено кон уривање на нашиот правен поредок“, се вели во текстот со наслов „Храброст за одговорност“.

Авторите на предлогот натаму тврдат дека Коранот дозволува „лаги и измами“. Освен тоа, исламот „на својот пат да завладее со светот, стигна во 57 од 190 држави“, се вели во текстот.

Напад врз слободата на верска определба

Составувачите на предлогот забележуваат дека тој е спротивен на германскиот Устав, кој гарантира верска слобода, но нагласуваат дека таа слобода би морало да има граници.

За предлогот е одговорна отцепена група во рамките на АфД, „Крило“. Претседателот на баварскиот огранок на АфД, Петр Бистрон, се дистанцираше од текстот, но призна дека знаел за него.

Бистрон изјави дека програмскиот предлог е контрапредлог на официјалниот манифест, кој АфД на сојузно ниво го објави минатата недела. „Крило“ отфрла повеќе точки од тој манифест. АфД би требало на крајот на април да ја изгласа својата програма на партиски конгрес.

Предлогот за забрана на изградбата на џамии е досега најрадикалниот религиозно-политички предлог на АфД. Во текстот дословно се вели: „Исламот не припаѓа на Германија“. Во Германија, според проценките, живеат четири милиони муслимани, што претставува 5% од вкупното население.

АфД сака на муслиманските жени да им се забрани носењето бурка и ниџаб во јавност. Освен тоа, политичарите од оваа партија сакаат ограничување на странското влијание на исламот. На пример, имамите би смееле да се образуваат само на германски јазик и на германските универзитети.

АфД е застапена во три покраински парламенти

Програмата на АфД е голема тема во Германија откако партијата ги постигна успесите на покраинските избори во март. Десните популисти успеаја да влезат во парламентите на три покраини. Важна улога за изборните победи играше одбивањето на бегалската политика на Ангела Меркел. Партијата се обидува да го прошири својот спектар и како нова мета го избра исламот.

Во една верзија на предлог програмата на партијата, објавена на средината од март, имаше контроверзни предлози за приватизација на јавниот радиодифузен сервис, како и за тоа помошта во случај на невработеност да стане приватна работа, а се бараше и укинување на финасиската помош за самохраните родители.

Ваквите контроверзни идеи веќе не се содржани во официјалниот предлог на партиската програма, кој АфД го објави на 24 март. Но, идеологијата не е променета. Партијата бара враќање на задолжителното служење војска и бара политиката да се концентрира повеќе на „традиционалното семејство“, зашто тоа, како што се вели, е „основна клетка на општеството“.

Шефицата на АфД, Фрауке ПетриФотографија: picture-alliance/Zuma Press/S. Kuhlmey

Повеќе оружје, помалку самохрани родители?

Програмскиот предлог се занимава и со темата оружје. АфД не бара директно олабавување на законот за оружје, но отфрла какво било негово заострување. „Една либерална правна држава мора да им верува на своите граѓани“, се вели во манифестот. Една таква држава мора да може да толерира нејзините граѓани да купуваат илегално оружје и мора да ја заштитува слободата на дејствување на своите граѓани.

Стриктното отфрлање од страна на АфД на самохраните родители во официјалната предлог-програма е малку корегирано. Имено, во една претходна верзија се велеше дека АфД е против „какво било државно финансирање на животниот модел самохран родител избран по лична желба“. Во финалната верзија сега АфД бара „корекција“ на „финансиските оптоварувања“, со тоа што би се создал систем кој воспитанието на децата би го признавал како работа.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми