1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десни екстремисти во елитните сили на Бундесверот

Лиза Хенел | Марсел Фирстенау
2 јули 2020

Во медиумите постојано има информации за десни екстремисти во Командата на специјалните сили на Бундесверот - мочуриште што министерката за одбрана Крамп-Каренбауер сака да го исуши со помош на амбициозен реформски план.

Deutschland Bundewehr | Kommando Spezialkräfte KSK | Schleswig-Holstein
Падобранци од КСК се подготвуваат за акција (архивска фотографија)Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Rehder

Се работи за реформски план кој треба комплетно да ги промени елитните единици на Бундесверот (КСК). „Моравме да констатираме дека барем во делови на КСК, заради нездраво поимање на водството, има појави на ‘toxic leadership’”, изјави министерката за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер при претставувањето на реформските планови во Берлин.

Затоа КСК не можеле да останат во својата актуелна форма и морало да има подобрувања во внатрешната структура. „Сакаме да ги охрабриме храбрите”, вели Крамп-Каренбауер.

Елитната формација ќе биде намалена и со помалку ингеренции. Повод за реформските планови беше наоѓањето на скривница за оружје со муниција и експлозив на имотот на еден војник од редовите на КСК кон средината на мај. Во фокусот на реформите е втората бригада „командоси“, која комплетно ќе биде распуштена. Во 2017 година силите организирале забава за збогување од еден член, при што се играло со свински глави, била пуштана десничарска рок музика и се поздравувало со Хитлеровскиот поздрав.

Оттогаш единицата е постојано присутна во медиумите со десноекстремистички испади. Во јануари 2020 година претседателот на Воената тајна служба, Кристоф Грам, зборуваше за 20 случаи на осомничени десни радикали во редовите на КСК. Во споредба со персоналната сила, тоа е пет пати повеќе отколку во остатокот на трупите во целиот Бундесвер.

Тест за елитната единица 

Крамп-Каренбауер: КСК добива шанса „да го стисне копчето за ресетирање и во еден дел да стави нови темели”Фотографија: Reuters/F. Bensch

Плановите на министерката за одбрана треба да стават крај на десниот екстремизам во КСК. Покрај целосното распуштање на втората бригада, прв чекор треба да биде враќање на членови на КСК од вежби и ангажмани во странство. Меѓународната кооперација ќе биде прекината. Особено со овие мерки КСК добива шанса „да го стисне копчето за ресетирање и во еден дел да стави нови темели”, изјави Крамп-Каренбауер во Берлин.

Покрај тоа, реформските планиви предвидуваат систем на ротација. Пред сѐ оние војници од КСК кои треба да преземат водечки позиции мора претходно да служеле и надвор од специјалната единица. Освен тоа, КСК во иднина не смее своите војници да ги обичува самостојно. Обуката ќе биде подредена на делот од Бундесверот задолжен за копнените сили.

Целиот реформски процес треба да го следи т.н. Борд на советници (Advisory Board) под водство на генералниот инспектор на Бундесверот. Тој е офицер од највисок ранг во Германија, кој ќе и’ реферира и на министерката за одбрана.

Крамп-Каренбауер повика реформата да не се доживува како казна за КСК. „Мерките се шанса особено за оние членови на КСК кои се самокритични, самите да придонесат оваа КСК, која следната година слави јубилеј, да стане подобра КСК.”

Министерката во понеделникот лично ја посети КСК и појасни дека војниците мора да се решат дали ќе бидат дел од решението, или и натаму дел од проблемот.

Повеќе: 

Да се бориме за отворена Европа!

Германија не знае каде исчезнале околу 500 неонацисти

Десен екстремизам во Бундесверот?!

Единица која оперира во строга тајност

Елитната единица на Бундесверот, КСК, е основана во 1996 година, откако по геноцидот во Руанда земјата мораше да се потпре на белгиски специјални сили за да евакуира германски државјани. Актуелно брои 1700 војници мажи и жени, како и цивилни вработени, изјави за ДВ портпарол на Министерството за одбрана.

Елитната единица која оперира во најстрога тајност, треба своите опасни задачи да ги завршува прикриено и во позадина.

Во 2012 година, на пример, кога КСК во Авганистан уапси водач на Талибанците на висока позиција. За тоа во интервјуто со ДВ ‘паднаа’ дури и неколку пријателски зборови од воениот експерт на Зелените, Омид Нурипур.

Истовремено, Нурипур критикува заради недостигот на транспарентност во однос на Бундестагот. Бундесверот на крајот на краиштата е „парламентарна” армија. Последен збор за акции во странство имаат пратениците. Особено воените стручњаци меѓу нив сигурно со оглед на последните случувања се прашувале што ли прави КСК. Во мај, на пример, се дозна за случајот на еден командант мајор кој заради блискост до едно меѓународно вмрежено движење, коешто Службата за заштита на уставниот поредок го оквалификува како „десноекстремистичко”, бил суспендиран од службата. Откриениот мајор, според информации на медиумите, не е непознат на властите. Во јуни радиото Зидвестфунк јави дека уште во 2007 година бил во фокусот на обвинителството во сосема друг контекст. Имено, поранешниот затвореник од Гвантанамо, Мурат Курназ, тврдеше дека бил злоставуван од него. Со судбината на Курназ, кој невин бил држен во американскиот логор, во тоа време се занимаваше и парламентарна истражна комисија. Против членот на КСК истрага водеше обвинителството, но без резултат.

Десните екстремисти од неговите редови „самоволно“ да ја напуштат единицата, побара командантот на КСК, Маркус КрејтмарФотографија: picture-alliance/dpa/P. Seeger

Писмо на Командантот на КСК – десните екстремисти да ја напуштат единицата

Лично команданот на единицата го расчисти последниот сомнеж за степенот на проблемот со десниот ектремизам во КСК. Генералот на бригадата, Маркус Крејтмар, во едно писмо кое беше објавено на крајот на мај ги повикува десните екстремисти од неговите редови „самоволно“ да ја напуштат единицата. Причина за ваквиот апел беше апсењето на војник од КСК, кој на својот приватен имот собирал пушки, муниција и експлозив. (Крејтмар во ова гледа „нов аларм“. Според медиумските извештаи, дел од ова оружје потекнувало од инвентарот на Бундесверот).

Уште во октомври 2019 година Крамп-Каренбауер во нејзиното министерство формираше Канцеларија за координација на случаи осомничени за екстремизам. Во фокусот е пред сѐ КСК. Сојузната влада уште во март призна дека елитните единици се особено ранливи во однос на десноекстремистички активности.

Во одговор на парламентарно прашање на Либералната партија, специјалната единица е означена како „пример за пофалба“ на Бундесверот, но сепак се признава дека „несакани внатрешни појави“ не биле веднаш препознатливи „како во другите помалку чувствителни и изолирани делови на Бундесверот.“

Со други зборови: досега беше потешко да се откријат десните екстремисти во КСК отколку кај другите воени единици, бидејќи се работи за еден вид тајна армија. Колку може да биде опасна не само за воениот непријател, туку и за сопствената земја, се покажа најдоцна со реформските планови на Крамп-Каренбауер.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми