1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Децата - жртви на војната во Косово

Вјоса Ќеркини
8 јуни 2019

Пред 20 години заврши војната во Косово. Во Приштина е отворена изложба посветена на децата убиени за време на борбите во косовската војна.

Kosovo Humanitarian Law Centre Kosovo in Pristina | Ausstellung Kinder im Kosovo-Krieg
Фотографија: DW/V. Çerkini

„Беше и да не се повтори никогаш повеќе“ гласи насловот на изложбата во Приштина, која потсетува на преку илјада деца убиени за време на Косовската војна-со фотографии и приказни, но и со лични предмети.

Можат да се видат малечки џемпери и чевлички, една бебешка лулка или кадифени играчки со кои некогаш играло некое дете. Родителите на малите жртви овие предмети ги зачувале до денес како спомен на нивните убиени деца.

Сеќавање на семејните членови

Ејуп Чараку од селото Поклел во близина на Приштина во војната загубил четири членови на неговото семејство. Неговите двајца синови Хасан (12) и Берат (13), неговата сопруга Бафтија (30), како и сопругата на неговиот брат, Михриа (47) биле убиени за време на борбите. Нему многу му значи оваа изложба во спомен на најмладите жртви.

Фотографија: DW/V. Çerkini

„Ја ценам оваа изложба како идеја. Добро е што некој мисли на нашите деца и што се прави нешто да се зачува нивниот спомен. Чувствуваме олеснување, иако сме свесни дека на овој начин не можат да ни бидат вратени нашите жени и деца“, вели Чараку.

И децата на Мериме Келменди биле убиени во текот на војната во Косово. Болно е потсетувањето на деталите на смртта на нејзините синови Бесими и Хаџиу, објаснува таа, тие биле на возраст од само 12 и 10 години.

„На оваа изложба може да се види ќебето со кое секогаш ги покривав моите деца. Ќе беше подобро куршумите да ме погодеа мене, наместо моите деца, да не морав да ги гледам нивните ликови на оваа изложба“, вели таа.

„Едноставно трогателно“

Изложбата ја посетиле веќе многумина посетители од цела Европа. 20-годишниот Албин Морина, чија мајка во време на војната во Косово побегнала во Германија, допатувал посебно за изложбата.

„Јас лично го загубив својот татко во војната. Мајка ми била бремена со мене кога тоа се случило, немав можност значи ни да го запознаав мојот татко. Во секој случај, добро е што постои изложба за да може уште еднаш да се види  што сме преживеале во војната и како загинале овие сироти невини деца. Тоа е едноставно трогателно," вели Морина.

Фотографија: DW/V. Çerkini

„До денес не постои никаков споменик или ден кој ќе потсетува на децата загинати за време на војната“, објаснува Деа Деди од Хуманитарниот центар Косово, кој ја организира оваа изложба. Според податоците на Центарот, во војната биле убиени 1024 деца, а 109 уште се водат за исчезнати.

„За да не се повтори такво нешто“

„Сметаме дека е важно овие деца, убиени или исчезнати во војната во Косово, да не паднат во заборав. Ги контактиравме нивните семејства за на тој начин да добиеме информации за децата. Им раскажавме за изложбата и дека сакаме да направиме нешто за да потсетиме на нив. Семејствата беа исклучително кооперативни и подготвени за помош, ја поддржаа нашата идеја.“

Повеќе: 

Косовска војна: Жртвите на сексуално насилство го прекинаа молкот

Ѕвечкање со сабји околу Косово

20 години од НАТО бомбардирањето на Југославија

Да се добијат од родителите делови облека, играчки или цртежи од децата, не беше едноставно, раскажува Деди. Најголем дел од работите се изгорени во војната или загубени, а на многумина родители им останува само сеќавањето.

Сепак е важно потсетувањето на убиените деца: „20 години по крајот на војната, како општество мора да се соочиме со она што го преживеала нашата земја, за тоа никогаш повеќе да не се повтори.“

Изложбата е отворена до мај 2020 година во библиотеката Хивзи Сулејмани во Приштина.

Вјоса Ќеркини Се занимава главно со теми од Косово, другите балкански земји и нивните односи со Западот
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми