Децата најмногу страдаат во сириската војна
28 октомври 2014Во кризните региони на Блискиот исток милиони луѓе се бегалци. Според проценките на ОН, од почетокот на граѓанската војна во Сирија, повеќе од 3 милиони Сиријци избегале во соседните земји. На таа бројка треба да се додадат и уште 6,5 милиони внатрешно раселени Сиријци. Меѓу нив се околу 6 милиони деца. „Во случајов се работи за катастрофа на векот“, вели германскиот министер за развој Герд Милер. Катастрофата е зголемена поради теророт на т.н. Исламска држава, изјави политичарот од ЦСУ. И во Ирак, каде голем број сириски бегалци побараа прибежиште, во меѓувреме цели населби се во бегство.
Меѓународната заедница мора посилно да се ангажира за помош на настраданите, вели Милер. Зимата е пред врата, а бројни бегалски кампови воопшто не се подготвени за неа. Во северен Ирак и во Турција, многу бегалци живеат без покрив над главите, по паркови или на улица.
Помош и за соседните држави
„Не смееме да дозволиме ниту едно дете или возрасен да премрзне во камповите или да умре од глад“, вели Милер и ветува дека помошта за бегалците ќе се зголеми за уште 100 милиони евра. Од 2012 година Германија одвои околу 630 милиони евра за помош на бегалците од Сирија. Според пресметките на ОН, севкупните потреби за помош се околу 3,75 милијарди долари. Милер смета дека Европа мора да обезбеди најмалку една милијарда евра за да им се помогне на бегалците да ја преживеат зимата. „Доколку европските земји таму не се ангажираат доволно, тогаш оваа бегалска криза во уште поголема димензија ќе дојде кон Европа“, предупредува тој.
Денеска (28.10.) во германското Министерство за надворешни работи се одржува конференција за бегалците од Сирија на која ќе учествуваат 40 држави и меѓународни организации. На неа треба да се одлучи како да им се помогне, не само на бегалците, туку и на соседните земји, Либан, Јордан и Турција. Многу општини кои примија бегалци веќе се на крајот на силите. Во Либан се јавува недостиг и на вода за пиење. Особено е тешка состојбата на децата кои остануваат без перспектива. За да не пораснат како „загубена генерација“ мора да им се помогне, во најмала рака, барем да посетуваат училиште. Три милиони сириски деца во моментов немаат воопшто пристап до училиште. Со помош на програмата на ОН во Либан се обезбеди школски учебници за 70 илјади деца, додека во Јордан е организирана настава за околу 120 илјади.
Нови мировни иницијативи
Кусо пред почетокот на конференцијата за сириските бегалци и развојните организации предупредуваат на драматичната состојба во погодените земји. Целиот хуманитарен систем е недоволно финансиран, вели Матиас Моге, член на претседателството на заедницата на германските невладини организации. Финансиската поддршка од државите најчесто е само краткорочна, што не остава простор за финансирање на долгорочни проекти за поддршка на општините кои примаат бегалци. Хуманитарните организации се надеваат дека од конференцијата ќе бидат испратени и политички сигнали. Во прв ред, потребни се нови мировни иницијативи во регионот, вели Моге.
Сепак, конференцијата во Берлин нема да биде донаторска, туку од неа треба да се испратат политички сигнали. „Се надевам дека од оваа конференција ќе биде испратен силен сигнал за солидарност“, изјави канцеларката Ангела Меркел, по понеделничката средба со либанскиот премиер Тамам Салам. Таа вети германска помош за Либан, земја со четири милиони жители во која во моментов престојуваат околу 1 милион бегалци од Сирија. „Ние во Германија не можеме ни да замислиме колку е тешка состојбата во Либан, земја која со години се соочува со потешкотии поради бројните палестински бегалци“, рече Меркел.