1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Децата пак си играат

14 септември 2017

Каква и да е судбината на албанскиот јазик: the corruption, korupcioni, корупцијатa, the criminals, kriminelet, криминалците ќе останат како есперанто на разбирање меѓу политичките елити и нивните западни спонзори.

Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Мандатно и контекстуално споредено, сега е отприлика часот (како на времето) политичкото папство повторно да им порача на владините јуноши - „деца, не си играјте со државата”. Но, кој да го каже тоа? Сегашниот фикус е веќе свенат за да испрати таква порака без да предизвика масовна хистерија од смеење, додека пак минатиот Патријарх како да е манастирски замонашен во завет на молк. Алас!, лесно му беше да се заканува со прст додека децата беа отаде плотот на комшијата. Но, што сега, кога децата се од неговата црвена крв и од негов калап создадени, кога безмалку сите од партиската му дечурлана – македонска, ем албанска – се одродени потомци, кои татка си го држат во подрум и му го распродаваат наследството. Сетики, не преостанува друго, освен да се крсти во чудо, ем срам. И „сиклет“ тивко им ја пцуе мајката.

ВМРО-ДПМНЕ - најпосакуваниот ривал на СДСМ

А дека децата си играат држава додека играат со државата е видливо колку и очекувано. Исто како што е очекуван и кукавичкиот молк за „реформаторските“ деца испилени од под шинелот на Бејли додека во чекор ги следат и копираат пакостите на претходниците. Молкот на посрамените „шаренаши”, или уште повеќе - панично апологетскиот плач проследен со „мољакање“ за гледање на криминалот од нивен и за нив поволен агол - е најгласната верификација на победата на двете најважни описни карактеристики на старо-новата влада. Првата како описна потврда на импонирањето на американската „дајте нови деца” стратегија за менување играчи без менување на сценариото. Втората, многу порелеватна, е уценувачката стратегија на СДСМ за третман на ВМРО-ДПМНЕ како најнизок заеднички именител на споредба во себепромовирање како демократски реформатор. Имено, Груевски и ВМРО-ДПМНЕ сега се најпосакуваните ривали на СДСМ, од проста причина што само во таква споредба СДСМ може да се фали како „демократска” партија, додека пак Заев единствено во сенката на Груевски може да си ја сокрива својата веќе докажана ахална авторитарност и наклонетост кон криминал и корупција. И така ќе остане, сѐ додека споредбата помеѓу демократијата и автократијата ќе се мери низ паритет помеѓу ликови со препознатлива сличност, отколку спротивставени идеи на различност.

Тековната дебата за албанскиот јазик е конкретен пример за таа медиумски и дипломатски наметната мимикрија на фингирана различност помеѓу Груевски и Заев, во која вториот е прифатен како прогресивен единствено поради компаративната беда на првиот. Но ставањето на Заев во споредбена компарација со други ликови веднаш ја разоткрива неговата манипулативна идентичност со првиот на ВМРО. Апропо, не само на Заев, туку и на комплетната политичка постава на Албанците. Наводната вербална либералност на Заев во однос кон албанскиот јазик и наводната потресеност на ДУИ, ДПА, Беса, Алијансата, за судбината на мајчиниот јазик, се релевантни единствено во опонирање на националистичката ВМРО и придружната шовинистичка им камарила од Правниот факултет. Но интересно, и за јавноста непознато, е фактот штоо вистинскиот прогресивен, храбар и конкретен чекор кон албанскиот јазик како службен не е дело на СДСМ, туку на малата, нели, пајтон Либерална партија на Ивон Величковски. Кој, за разлика од празните зборови на Заев, ставот за службен третман на албанскиот го има запишано црно на бело во партиската платформа. И тоа со години пред СДСМ да помисли, а Заев да се појави.

Суровата казна

Тој мал детал – педантно криен од јавноста – е компромитирачки болниот доказ за лицемерието на албанските партии, СДСМ, Сорос, УСАИД и нивниот светец-заштитник, Џес Бејли. Кои здружено во намера, со тенка скрама на различност во елаборација, чинат сѐ за манипулацијата со Албанскиот да ја користат за исцртување на лажниот судир помеѓу националистичката ВМРО и толерантната СДСМ,  нашироко промовирана како некаква си современа идеолошка поделба. Но наместо награда и почит за храбриот исчекор надвор од координатите на лажниот патриотизам на ВМРО и лажната граѓанштина на СДСМ, ЛП и Величковски добија сурова казна од сите страни.  При што беа „наградени” со игнорирање од страна на „патриотските” партии на Албанците, почестени со немилосрдно крволочна кампања на омраза од страна на СДСМ, перфиден бојкот од Сорос и уважени со дрско, недипломатско дезавуирање од страна на Бејли и неговото мешетарење со локалните моќници на криминалот и корупцијата. Сето доволно како потсетник дека на албанските партии сателитската блискост до големите македонски партии им е поважна од албанскиот, дека на СДСМ и Сорос не им чини ништо што не можат традиционално лешинарски да си го присвојат и капитализираат, дека на Бејли и западната дипоматија опсегот на разбирање на прогресот и демократијата не им воопшто е диктиран од визионерската храброст на поединците, туку од манипулативно податната слепа послушност на локалните банди и кланови спрегнати во партијски дувла.

Да, албанскиот јазик денеска е сведен на сеопшта паричка за поткусурување. Адамов лист зад кој албанските партио-патриоти си ја кријат корупцијата, македонските „толерантисти” за купување евтини фласови и ребрендирање на оригиналниот грев на архи-шовинизам, додека пак модерните интелектулни „бранители на Македонството” благодарно го шиканираат Албанскиот како единствен начин за да си го отплатат долгот кон службите. Во реалноста, пак, работите стојат поинаку. Дебатата за јазикот е површно разбранување за прикривање на длабочинската бура која се одвива и заканува да се прелее со последици за сите нас. Дискриминаторскиот однос кон албанскиот јазик од страна на македонските и манипулацијата со него од страна на албанските партии е вербална форма со која се одвлекува вниманието од фактот дека акутната суштина на дискриминацијата не е прашање на лингвистиката или етникумот, туку на експлоатацијата на едни врз други.

Пропаганда по мерка

Не чуди затоа што неодамна објавениот напис низ албанските медиуми (и игнориран од македонските) за бројот на Албанци низ бордовите на најмоќните домашни компании не предизвика никаква реакција од албанските и македонските партии, од Бејли, Жбогар, Гарет и останатите правдољубиви еднооки. Според написот (објавен во ИНА) во Комерцијална Банка од 10 членови на бордот, Албанци има нула. Во ТТК, од 12 членови, бројот на Албанци е нула. Во НЛБ, од девет членови, само еден е Албанец. Во Сосиете Женерал, 7 члена, нула Албанци. Во ЕВН, машала 12 члена, ниту еден Албанец. Во Окта, нула. Макпетрол – етнички пис-чисто. Алкалоид – нула Албанци. ВИП – етнички чисто. Но затоа во Телеком се накотија двајца. Кои подобро и да ги немаше.   

Ерго, дебатата за Албанскиот е лицемерие, најподатливиот инструмент за владеење низ поделба и најлесно видливиот механизам на комплексната перверзија за одвлекување на вниманието од најбитната болна точка – социјалата - за која никој нема ниту спремност, ниту храброст за соочување ниту морален авторитет за критикување.  Но традиционално, односот кон Албанскиот (и Албанците) е огранилен маневар како вовед во репризна улога на предвесник за реинсталацијата на западно импонираната стратегија на приоретизирање на стабилноста на сметка на демократијата и социјалната благосостојба. Стратегија, во која промоцијата на послушни криминалци и корумпирани е битен составен дел на тактиката за обезбедување предвидлив однос на елитите. И што е поважно, оправдание за прикривање на веќе сосема јасниот хендикеп на Западот кон регионот – немање јасна, одржлива и моќна понуда и интерес за развојна политика во која нема да зависат од домашните вагабонди. Консекветно, каква и да е судбината на албанскиот јазик, the corruption, korupcioni, корупцијатa, the nepotism, nepotizmi, непотизмот, the criminals, kriminelet, криминалците ќе останат како есперанто на разбирање помеѓу инсталираните политички елити и нивните западни спонзори. Во тој дијалог – нема место за Величковски, за Мариглен, за тебе. Тоа е факт. Останатото е пропаганда. Скроена по мерка на новите деца на старите патрони.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми