1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Децата - „скриени“ преносители на коронавирус

Гудрун Хајзе
9 јануари 2021

Деца може да се заразат со коронавирусот и да го пренесат на бабите и дедовците, на родителите и браќата или сестрите. Најчесто не манифестираат симптоми и ретко ги тестираат.

DEutschland | Schulbeginn in Mecklenburg-Vorpommern
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Büttner

Голем број студии се занимаваат со опасноста за заразување со коронавирусот преку децата. На 4 јануари беше претставена нова студија што ја спровел тимот на научници и микробиолози предводен од микробиологот Михаел Вагнер од Виена. Вагнер рече дека во ноември минатата година во секој трет до четврт од испитаните класови имало по едно заразено дете кое не било ни свесно дека е инфицирано. За студијата е применет необичен метод: учесниците морале да си ја исплакнат устата со специјален раствор со солена вода која потоа ја плукале во епруветки, а со мострите биле направени ПЦР тестови. Тоа за децата било многу попријатно отколку да ги подвргнуваат на земање брисеви со стапче во грло. 

Еден резултат од студијата е дека и деца често пати се заразени, дури и почесто отколку возрасните, но речиси и да не манифестираат симптоми. Затоа и првично ништо не укажува на потребата за тестирање. „Ако само ги земеме заразените деца и гледаме дали има и други потврдени случаи на инфекција на училиштата, без да тестираме деца што се асимптоматски, не можам да кажам од каде потекнува заразата”, објаснува Вагнер во магазинот Панорама на првиот германски канал АРД.

„Значи ако Франц бил позитивен, дали се тестирал цел клас или само се барало одговор дали има и други потврдени случаи во класот на Франц? Каква е ситуацијата можам да оценам само ако го тестирам во најмала рака целиот клас каде што имало заразено дете и тоа не само еднаш.”

Децата може да го пренесуваат вирусот

Досега научниците главно поаѓаа од тоа дека деца општо земено не играат голема улога во ширењето на вирусот. Но, студија од центарот Хелмхолц од Минхен спроведена во поглед на присуство на антитела дојде до друг резултат.

Анегрет Габриеле Циглер ја водеше студијата: „Ги испитувавме децата за присуство на антитела и моравме да констатираме дека шест пати повеќе деца биле заразени со корона отколку што се мислеше досега.”

Меѓу јануари 2020 и јули 2020 научниците ги испитувале примероците од крвта на 12 илјади деца во Баварија во поглед на САРС-Ков-2. Учесниците биле на возраст од 1 до 18 години. Од децата кои живееле со родител што бил позитивен на корона, една третина имале антитела. Речиси половина од децата не покажуваат никакви симптоми, а присуството на антитела во крвта може да се докаже дури по една до четири недели.

Невидлива опасност

Фактот дека децата честопати не покажуваат никакви симптоми, односно дека инфекцијата се развива незабележано и потоа се шири, се должи меѓу другото на таканаречените наивни т-клетки, објаснува Дона Фабер. 

Таа е микробиолог и имунолог на Универзитетот Колумбија. Меѓу другото ги анализирала различните реакции на создавање антитела на САРС-Ков-2 кај децата и возрасните.

Таа предводела и студија која се занимава со улогата на неспецифичната имуна реакција кај децата и нејзината релевантност за евентуална елиминација на САРС-Ков-2.

„Децата општо земено поинаку реагираат на вируси, а особено на коронавирусите. Тоа е поврзано со наивните т-клетки”, објаснува таа во разговор за ДВ.

„Новите т-клетки може сосем различно да реагираат на нови патогени. Децата постојано продуцираат нови од овие таканаречени наивни т-клетки и имаат цел арсенал на располагање. За разлика од нив, возрасните со текот на животот ја губат способноста да продуцираат вакви нови ‘непрограмирани’ т-клетки.“

Овие клетки циркулираат меѓу крвните садови и периферните лимфни органи. Ако дојдат во контакт со антигени, примаат сигнал за размножување и така реагираат со адаптиран и соодветен имунолошки одговор.

Т-клетките кај возразните пак се „тренирани" да реагираат на веќе прележани инфекции, како на пример инфлуенца (грип). Затоа одговорот кај возрасните е генерално поефективен.

Но, во случајов и децата и возрасните се изложени на нов патоген, појаснува Фабер. Затоа децата поради „непрограмираните" т-клетки можат да реагираат подобро.

Досега беше потценувана опасноста декадецата може да ја шират заразата. Децата може несвесно да го пренесуваат вирусот. Но, нив многу ретко или воопшто не ги тестираат на корона.

За да се ограничи ширењето на вирусот, Анегрет Габриеле Циглер се залага за значително построги мерки на претпазливост, особено во градинките и училиштата. Тука спаѓаат досегашнитеправила за држење дистанца, редовно проветрување, миење раце и групите деца и млади да бидат што е можно помали. Покрај тоа препорачливо е што повеќе да се тестира, дури и кога нема видливи симптоми.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми