Деца во Германија по грешка добиле вакцина од Модерна
20 декември 2021Во центар за вакцинирање во округот Олпе, во германската покраина Северна Рајна Вестфалија, повеќе деца добиле вакцина од Модерна, иако за нив досега има дозвола само за примање на вакцината на Бионтек. Кај децата кои ја добиле вакцината на Модерна во моментот на напуштање на центарот за вакцинација не била забележана никаква упадливост, се вели во соопштение на округот Олпе. „Родителите на децата се веднаш информирани“, се нагласува натаму во соопштението. Во разговор со раководството на центарот за вакцинација на родителите им било објаснето и дека од ЕМА е побарана дозвола за вакцинирање деца со вакцината на Модерна.
По барање на родителите случајот е пријавен во полиција. Грешката ја утврдиле самите лица кои вакцинирале, се вели во соопштението, но не се наведува за колку деца станува збор. Центарот за вакцинирање сега ќе проверува како течело вакцинирањето на децата и во други случаи. „Доколку се утврди дека има и други деца (кои добиле вакцина на Модерна, н.з.), родителите ќе бидат известени за тоа“, се тврди во соопштението.
СТИКО препорачува вакцинирање со Бионтек на лица под 30 години
Европската агенција за лекови ЕМА во ноември даде зелено светло за употреба на вакцината Бионтек/Фајзер за деца на возраст над 5 години. Тоа е прва вакцина која има дозвола за употреба кај деца под 12-годишна возраст во ЕУ. Децата добиваат само една третина од количеството предвидено за вакцинирање на возрасен човек во две дози на временско растојание од три недели.
Вакцината на Модерна „Спајквакс“ има дозвола за употреба кај лица во ЕУ кои се над 12-годишна возраст. Сепак, Постојаната комисија за вакцинација во Германија(СТИКО) препорачува лицата под 30 години да се вакцинираат исклучиво со вакцината на Бионтек.