1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Корона: Слобода на сметка на децата?

Кај-Александер Шолц
6 септември 2021

Децата не се ширачи на пандемијата, се сметаше долго време. Неточно! Многуте заразени деца на училиште по летните распусти ја исправаат корона-политиката во Германија пред нов предизвик.

Deutschland Klinikum München Schwabing.
Фотографија: picture-alliance/SvenSimon

За деца под 12 години во Германија нема дозволена вакцина против корона. Затоа, со оглед на фактот дека сите други возрасни групи може да се вакцинираат, децата мора да бидат посебно заштитени. И тоа сѐ додека не се најде и за нив вакцина, а тоа, според многу експерти, може да се случи веќе на почетокот на 2022.

Реалноста изгледа вака: по летните одмори се велеше дека мора да се почне со училиште, во полни училници, настава со полн капацитет, со полн ризик - отпаѓа заштитата преку држење дистанца. За вирологот Јана Шредер тоа е спорно: „Среде пандемија сме”, вели таа за ДВ за актуелната ситуација. „Малку е смешно да се преправаме како да не е така”, заклучува таа.

Училиштата го прават она што им го диктира политиката. „Приоритет има наставата со физичко присуство”, рече неодамна министерот за образование Јенс Шпан во една телевизиска дебата. Ја повтори девизата на министрите за култура на сојузните покраини и на СЗО и Уницеф.

Повеќе: Децата - „скриени“ преносители на коронавирус

Без добар старт на школската година

Во најгусто населената покраина Северна Рајна Вестфалија инциденцијата кај деца на школска возраст по летниот распуст во рок од две недели „експлодираше“ и достигна дури и вредност над 700. Децата едноставно да си останат дома и да се продолжи со онлајн настава? Родителите немаат опција да избираат.

Шредер: Физичко присуство и пандемија не одат рака под ракаФотографија: Privat

„Политичарите повторуваа дека училиштата се безбедни, но сега е повеќе од очигледно дека не се”, се нервира Шредер и додава дека според неа „физичко присуство и пандемија не одат рака под рака, а што стана со многуте добри искуства со дигитална настава на дистанца?”

Има различни ставови околу тоа дали децата се заразиле меѓусебно во училиште, или пак се работи за инфекции донесени од одморите. Шредер смета дека е „јасно” оти „децата се заразуваат и на училиште”. Еден од најпознатите виролози во Германија, Кристијан Дростен, е внимателен во оценките. „Дури во следните недели ќе видиме каква е ситуацијата”, рече тој за Дојчландфунк. Дростен смета дека голем дел од заразените си го донесле вирусот од надвор.

ПовеќеГерманија: Препорака за вакцинирање на сите над 12 години

Помалку строг карантин

И во училиштата и натаму важат засилени хигиенски мерки. Вградувањето системи за вентилација или набавка на филтри за воздухот на многу места се во тек, но се и задоцнети како мерки. Друга можност децата да се заштитат од зарази се карантини. Во Северна Рајна Вестфалија од тие причини неодамна дома останаа 30 илјади деца бидејќи во класовите имало позитивни ученици.

„Официјално училиштата не се затвораат, но сепак се погодени голем број ученици“, критикува претседателот на Здружението за заштита на децата, Хајнц Хилгерс, во интервју за ДВ и вели дека политиката требала да подготви подобри концепти.

И во главниот град расте бројот на случаи по крајот на летните одмори. Докторите му предложија на Сенатот во Берлин да се олабави правилото за 14-дневен карантин за да се обезбеди функционирање на училиштата. Затворањето на училиштата, се вели во документот, предизвикало премногу душевни и социјални штети. Тоа де факто е заклучокот и на многу студии од изминатите месеци во врска со затворањето на училиштата.

Наместо дома да се праќаат цели класови, треба да се изолира само болното дете, бараат лекарите од Берлин и притоа треба да се преземе и ризикот дека може да има повеќе заразени деца. Невакцинирани деца со оглед на вирулентноста на Делта варијантата во тој случај „нужно ќе бидат заразени”, заклучуваат докторите од главниот град.

И други лекари и научници во отворено писмо бараат „соодветен баланс меѓу бројот на заболувања што може да бидат спречени и загубената настава поради карантинот”. Затоа тие бараат правилото за карантин да биде одново обмислено, односно олабавено.

Филтри за воздух нема во сите училиштаФотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

„Поисплатливо е да не се разболиш“

Предлогот на лекарите од Берлин не можеше да се наметне во таа форма, но затоа пак поттикна широка дебата. Образованието во Германија е под надлежност на покраините, па дури и општините го имаат последниот збор кога е во прашање заштита од инфекции. Мислењата за тоа понекогаш се екстремно различни. „Здравствената заштита зависи од тоа во која покраина живеете“, критикува Шредер.

Баден Виртемберг укина карантин за оние кои имале контакт со заразено лице во училиште, за, како што се вели, да се избегне ограничување на наставата. Наместо тоа, меѓу другото, ќе има повеќе тестирања. Слично е и во Саксонија. И другите сојузни покраини велат дека сакаат повеќе да се потпрат на тестирање. Во Бремен и Бранденбург веќе не е задолжително носење маски за време на наставата. Во Хесен децата по два дена карантин може да се тестираат и да се вратат на училиште ако тестот е негативен.

Повеќе: Какви последици има пандемијата врз нашите деца?

Училиштата сѐ уште не се отворени во сите покраини. Но, вирологот Шредер предупредува: студиите покажуваат дека еден до два процента од заразените деца ќе завршат во болница.

„Од девет милиони деца под дванаесет години во Германија тоа се 90.000 до 180.000 случаи.“ Освен тоа, има и многу непознати пост Ковид-последици, како и долгорочен Ковид.

„Не е подобро човек да се зарази, едноставно сѐ уште премалку знаеме за болеста.“ Ситуацијата во САД е предупредувачки пример. Таму бројот на хоспитализирани деца заболени од корона е висок како никогаш до сега.

Има различни ставови околу тоа дали децата се заразиле меѓусебно во училиште, или пак се работи за инфекции донесени од одморитеФотографија: Jens Büttner/dpa-Zentralbild/dpa/picture alliance

„Хедонизмот на возрасните на грбот на децата“

Дебатата во Германија сега се води во насока на можноста „сите да се испозаразат“. Има многу критичари на таквиот пристап. И Дростен вели дека „тоа не треба во никој случај да се дозволи“. За Хилгерс е „цинично“ да се надевате дека децата ќе се испозаразат оти на тој начин ќе има „и деца кои сериозно ќе се разболат“.

Хилгерс и Здружението за заштита на деца со години се борат за нивна поголема заштита, исто како и сега.

„Ние возрасните во меѓувреме повторно почнавме да си уживаме во пријатни ‘слободи’. Патуваме, одиме на стадион и на прослави. Но, кој страда од тоа? Децата.“ Во дебатата за враќање на правата и слободите, според него, повеќе се работи за „хедонизам наместо за либерализам“.

„Не може да дозволиме бранот да се шири на сметка на оние кои година и половина се воздржуваа од секакви активности за да ги заштитат возрасните“, вели Шредер. Исправно е во време на пандемија во одреден момент да се каже „сега е доста“. „Но, не поради тоа што ви дошло преку глава од пандемијата, туку поради тоа што децата добиле можност да се вакцинираат.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми