Околу 5000 пожарникари и натаму се борат со големиот шумски пожар „Дикси“ во северна Калифорнија кој прерасна во втор по големина пожар во историјата на оваа американска сојузна држава.
Во пожарот „Дикси“ речиси во целост е уништен градот Гринвил и официјалните лица предупредуваат дека ќе бидат потребни неколку недели за да се стави стихијата под контрола.
Во Калифорнија во моментов има 11 активни големи шумски пожари.
Пожарот „Дикси“ избувна на 14 јули и оттогаш уништи над 187. 562 хектари земјиште- површина поголема од онаа на метрополата Лос Анѓелес. Според официјалните лица, под контрола се само 21 отсто од пожарот.
Фотографија: Noah Berger/dpa/picture alliance
Пет лица во Гринвил, град основан за време на „Златната грозница“ во Калифорнија, се водат за исчезнати, а над илјада се евакуирани. Во околу 39 насто од областа Пумас е објавен налог за евакуација. Повеќе од 400 објекти се уништени меѓу нив и голем број станбени куќи и згради.
Ова е втор по големина пожар по огнената стихија „Мендосино Комплекс“ од 2018 година која уништи над еден милион хектари.
Шумскиот пожар „Дикси“ сега гори на над 1.850 квадратни километри. Во борбата со стихијата учествуваат околу 5000 пожарникари.
Светот шокиран од убиствените екстремни временски прилики
Германија, Канада, Кина - драматичните слики кои се последица на екстремното време доминираат во последните недели. Дали за тоа е одговорна климатската криза?
Фотографија: AFP/Getty Images
Поројни дождови и поплави во Европа
Досега невидените поплави предизвикани од дводневни обилни врнежи дожд, колку што обично паѓаат во два месеци, во Германија и Белгија однесоа најмалку 209 човечки животи. Реките во средината на јули се претворија во надојдени буици и уништија села и објекти стари со векови. Обновата на куќите, фирмите и инфраструктурата, според проценките, ќе чини повеќе милијарди евра.
Фотографија: Thomas Lohnes/Getty Images
Екстремно поројни дождови
И делови од Индија и од Кина се погодени од рекордни поплави, дојде до излевање на акумулации и одводни канали. Научниците предвидоа дека промената на климата ќе доведе до зачестени и пообилни врнежи од дожд - загреаниот и потопол воздух апсорбира повеќе вода, што води до повеќе дождови.
Фотографија: AFP/Getty Images
Поплави во централна Кина
Повеќедневните непрекинати дождови на крајот на јули предизвикаа катастрофални поплави во централнокинеската провинција Хенан. Повеќе луѓе ги загубија животите, стотици илјади мораа да ги напуштат домовите. Во провинцијата Женгџоу бројни патници останаа заглавени во метрото поплавено од водата. Областите во провинцијата се уште потешко погодени.
Фотографија: Courtesy of Weibo user merakiZz/AFP
Рекордни жештини во САД и во Канада
Неподносливата горештина е сѐ почеста, како на крајот на јули во американските сојузни држави Вашингтон, Орегон и канадската провинција Британска Колумбија. Врелиот воздух „заробен“ под антициклонски фронт доведе до екстремно време и стотици смртни случаи. Во селото Литон беше измерена рекордна температура од 49,6 степени Целзиусови, а во следниот ден селото до темели настрада во пожар.
Фотографија: Ted S. Warren/AP/picture alliance
Шумските пожари доведуваат до невреме
Бранот жештина можеби е на заминување, но сушата поттикнува шумски пожари. Огнената стихија во Орегон е толкава што самата предизвикува невреме, а чадот се разнесува дури до Њујорк. Неодамна објавена студија тврди дека ваквите временски услови би „биле практично невозможни“ да не се климатските промени предизвикани од човекот.
Фотографија: National Wildfire Coordinating Group/Inciweb/ZUMA Wire/picture alliance
Дали Амазонската област е стигната до клучна точка?
Во јужниот дел на централен Бразил владее најтешката суша во последните 100 години. Со неа расте и ризикот од пожари и натамошно уништување на Амазонската прашума. Научниците неодамна соопштија дека голем дел од југоисточните шумски области во Амазон наместо да апсорбираат ЦО2 како порано, поради континуираното уништување сега испуштаат штетни гасови. Наскоро може да дојде до пресвртна точка.
Фотографија: Andre Penner/AP Photo/picture alliance
На работ на изгладнување
Во Мадагаскар, по години безмилосна суша, од глад се загрозени преку 1,4 милиони луѓе. Некои се принудени да јадат сирови кактуси, диви растенија и скакулци. Бидејќи не беа регистрирани природни катастрофи или политички конфликти, гладот таму се смета за прв во поновата историја предизвикан единствено од климатските промени.
Досега незабележаните поплави во северна Европа ја зафатија и Велика Британија: откако во еден единствен ден наврна количина дожд колку за еден месец, делови од Лондон, подземни постојки на метрото и улици се најдоа под вода. Поплавите се доказ дека „опасностите од промената на климата ни се приближуваат и нам“, изјави лондонскиот градоначалник Садик Кан.
Фотографија: Justin Tallis/AFP/Getty Images
Грција се бори со пожари
Додека земјите во северна Европа се под вода, оние на југот, како Грција, се зафатени од повеќе топлотни бранови уште од почетокот на летото. Во првата недела од јули температирите се искачија над 43 степени Целзиусови. Туристичките атракции, како Акропол, преку ден се затворени, додека околу Солун беснееја шумски пожари. Во акција на гаснење на огнот беа и хеликоптери.
Фотографија: Sakis Mitrolidis/AFP/Getty Images
Шумски пожари и на Сардинија
Шумски пожари од досега незабележани размери го опустошија централно-западниот дел од островот, истакна гувернерот Кристијан Салинас: „Досега во прав и пепел се претворени 20.000 хектари шума, кои беа синоним за вековната еколошка историја на нашиот остров“. Околу 1200 луѓе се евакуирани од и натаму загрозениот регион.
Фотографија: Vigili del Fuoco/REUTERS
10 фотографии1 | 10
Сушниот период кој трае веќе подолго време и кој според експертите е последица на климатските промени, направи голем дел од западниот дел на САД да бидат особено ранлив на шумски пожари.
До крајот на јули, 250 проценти повеќе површина беше уништена од пожари во Калифорнија отколку во 2020 година. Притоа минатата година се сметаше за најлоша во поновата историја на американската сојузна држава кога станува збор за шумските пожари.