1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДИК ќе реферира, Вељаноски ќе тактизира?

Катерина Блажевска6 април 2016

ДИК денеска ќе соопшти дали Македонија до законскиот рок ќе стигне да обезбеди веродостоен Избирачки список. Од таа оценка во голема мера ќе зависи и одлуката на опозицијата

Фотографија: MAKFAX

Вечерва до полноќ Собранието на Република Македонија треба да се распушти, за да може изборите да се одржат во закажаниот термин на 5-ти јуни. Оценката - дали Македонија е подготвена за избори, од аспект на навремено обезбедување веродостоен и кредибилен Избирачки список, денеска треба да ја даде Државната изборна комисија (ДИК). Иако оценката се очекуваше уште вчера, ДИК остана обвиткана во молк, а фактот дека таа нема да биде соопштена на прес-конференција од страна на претседателот, туку на јавна седница, индицира дека во Комисијата нема усогласен став по ова прашање и дека секој од членовите ќе соопштува индивидуална оценка. Јавната седница започнува во 10 часот со главна точка на дневниот ред: „Разгледување на Извештајот за прогресот од вкрстените, теренските и административните проверки заради ажурирање на Избирачкиот список врз основа на Правилникот за методологија за водење и негово ажурирање, заклучно со 05.04.2016 година“.

Ако до полноќ евентуално не се смени одлуката за распуштање на парламентот, сите рокови за спроведување на изборите ќе почнат да течат од денот кога ќе биде потпишан актот за распишување на изборите. Ако тоа се случи на 7 април, Избирачкиот список треба да се стави на јавен увид веќе на 17 април, а според досегашните сознанија не е извесно дали неговото прочистување ќе заврши дотогаш.


Фотографија: Agentur MIA

Тактизирање со решението за избори

Имајќи ги предвид ваквите опасности за изборниот процес, претседателот на парламентот Трајко Вељаноски, најави дека има „тактичка можност“ да ги закаже изборите неколку дена подоцна, за да и даде време на ДИК да ги заврши обврските.

„На 7 април ќе биде распуштено Собранието. Тогаш ми останува мене, според уставните надлежности што ги имам, да го донесам решението за распишување на изборите, кои се одредени да бидат на 5 јуни. Како претседател на Собранието, условно речено, јас можам да тактизирам, и наместо на 7-ми април, до 15-ти април да го потпишам решението за распишување и одржување на изборите на 5-ти јуни, за да и' дадам можност на ДИК ако некои работи евентуално не се завршени, да може да ги заврши. Тоа се однесува на Избирачкиот список, бидејќи многу активности на ДИК зависат од денот на потпишување на решението за распишување на изборите од страна на претседателот на Собранието. Поради тоа, јас по распуштањето на Собранието ќе разговарам со претседателот на ДИК и ќе му ја дадам таа опција“, најави Вељаноски.
Неколку невладини организација вчера предупредија дека може да се создаде правен вакуум токму околу Избирачкиот список. Тие посочија дека по теренските порверки спорните гласачи ќе треба да бидат избришани од избирачкиот список, но за тоа сѐ уште не постои јасна правно утврдена постапка.

„Во секоја варијанта постапката ќе треба да вклучи право на жалба до второстепен управен орган, до Управниот суд и Вишиот управен суд. Колку време ќе одземе оваа постапка не можеме да шпекулираме, но секако дека оваа проценка го прави рокот 5-ти јуни невозможен за достигнување и организирање кредибилни избори (...) Ако Собранието се распушти на 7-ми април, а претседателот на ДИК не го потпише Избирачкиот список, односно не даде одобрение за негово користење на изборите, тогаш се создава правен вакуум или подобро кажано правен хаос, кој е предолго присутен во Македонија. Во таква ситуација, политичката и институционалната криза ќе се продлабочат, а последиците се тешки за предвидување. Токму затоа цениме дека треба да се преиспита одлуката за распуштање на Собранието и таа да се донесе тогаш кога сите услови за фер - избори ќе бидат исполнети“, наведоа во обраќањето до меѓународната заедница и домашната јавност Хелсиншкиот комитет, Инфоцентар, Фондацијата Отворено општество, Транспарентност-Македонија, Македонскиот центар за европско образование, Метаморфозис и Институтот за човекови права.

Денеска со голем интерес се очекува и ставот што ќе го соопшти Граѓанската асоцијација „МОСТ“, која во рамките на редовните активности од проектот „Патоказ кон слободни и фер избори“ во 11 и 30 часот ќе одржи прес-конференција, на која е најавено присуство и на претставници од поддржувачите на проектот - Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија, Националниот Демократски Институт и Националниот Фонд за Демократија.

Фотографија: MIA

СДСМ ќе прави проценка

Од она што ќе го соопшти ДИК, но веројатно и од ставовите на најголемата организација што со години ги набљудува изборите - МОСТ, во голема мера ќе зависат одлуките и потезите на здружената опозиција, предводена од СДСМ. Во текот на денот се очекува лидерот на СДСМ ставовите на партијата да ги соопшти на прес - конференција. Од таа одлука ќе зависи дали министрите Спасовски и Ременска и тројцата дополнителни заменици-министри од СДСМ, исто како на 23 февруари, денеска ќе му ги достават на премиерот Емил Димитриев нивните оставки на функциите, или партијата ќе остави простор да ја гради оценката до 4-ти јуни, во зависност од тоа дали условите ќе бидат исполнети дотогаш.

Пратениците вечерва немаат обврска да бидат присутни во парламентот, бидејќи одлуката за негово распуштање е донесена и ќе стапи во сила на полноќ, доколку не стигне друга иницијатива. Но, со цел пратениците да бидат „на куп“ заради евентуално гласање на поинаква одлука, според извори во Собранието, денеска ќе има редовни активности во парламентот и се очекува тие да траат до подоцна.

Засега е неизвесно дали некоја партија ќе побара промена на одлуката за избори на 5-ти јуни, но се навестува дека опозицијата нема да учествува на избори ако не се исполнети условите за кредибилен изборен натпревар. Таква „интонација“ има во соопштението дистрибуирано по вчерашната средба на лидерот на СДСМ, Зоран Заев и генералниот секретар Оливер Спасовски, со партнерите од здружената опозиција.

„СДСМ и коалициските партнери едногласно заклучија дека се подготвени за избори во секој момент на коишто постои цврста убеденост дека промени ќе се случат, но дека обврска на сите институции и политички субјекти е во Република Македонија да се спроведат фер и регуларни избори. Без прочистен Избирачки список не може да бидат организирани и спроведени фер и регуларни избори. Оттука, СДСМ и коалициските партнери очекуваат реална оценка од ДИК која ја има одговорноста за доверлив Избирачки список“, се вели во соопштението. Притоа, потсетуваат дека во неколку изборни циклуси по ред се спроведени нерегуларни избори, на кои не е почитувана изборната волја на граѓаните, што нанесува непоправливи штети за граѓаните и за интеграциите на државата.

„Од 2011 година кога беше апсењето на Љубе Бошковски и затворањето на А1 телевизија, рушењето на Космос, насилното исфрлање на новинарите и пратениците од Парламентот во 2012 година, изнуденото одење на избори 2013 година, од проектот 'Вистината за Македонија' и се што следуваше потоа, јавноста се увери дека се случувала вистинска изборна кланица, вклучувајки ја и кулминацијата на изборните измами и нерегуларности во 2014 година, поради што опозицијата не ги призна изборите. Уште едни нерегуларни и недемократски избори во Македонија нема да се случат. Опозицијата останува гарант на ваквите заложби“, се вели во соопштението по средбата на партнерите од здружената опозиција.

Од атарот на владејачките партии стигнуваат информации дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се цврсто решени да одат на избори на 5-ти јуни, без оглед дали на нив ќе учествува СДСМ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми