1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дилетанти за парламентарна демократија

16 ноември 2021

Собранието на Социјалистичка Република Македонија споредено со актуелното ми наликува на Генералното собрание на ОН, на салата на НАСА од каде се управува со сателитите кои се лансираат во вселената. Пишува Ерол Ризаов

Nordmazedonien Parlament - Sitzung am 25.03.2021
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Билмез, дудук, шупелка, тапанар, шарлатан, дилетант, аналфабет, аматер, удрен со мокра чорапа, тапа џонс... се синонимите во скопскиот сленг за незнајковци. Во изминатите десетина дена по локалните избори се изнагледавме сеир на целата оваа карикатурална галерија личности кои сме ги избрале да нѐ застапуваат во високата политика која ни ја одредува иднината. Многу веројатно дека и тие со право истото го мислат и за нас штом упорно ги бираме, ги поддржуваме и наместо да ги исмејуваме и да им го свртиме грбот и по три децении повеќепартиска парламентарна демократија сѐ уште им веруваме, дури на тоа дека локални комунални избори биле исто што и парламенатарни. Мала утеха е дека паметните се секогаш „малцинство“.

Деновиве гледајќи ги и слушајќи ги нашите парламентарци и политичари од власта и од  опозицијата повеќе пати се присетив на работата на Собранието на Социјалистичка Република Македонија од чии седници во осумдесеттите години на минатиот век сум известувал многу пати. Тоа е она комуњарско, комунистичко еднопартиско, едноумно Собрание, кое во споредба со сегашното ми наликува на Генералното собрание на ОН, на Советот за безбедност на ОН, на Советот на ЕУ, на салата на НАСА од каде се управува со сателитите кои се лансираат во вселената.

Повеќе безумие од едноумие 

Помладите можат да помислат дека претерувам во споредбите, но повозрасните сигурно паметат дека едноумието, ама ич не беше едноумие, а ова што деновиве го доживеавме е многу повеќе од безумие.

Расправите и полемиките во тогашното еднопартиско Собрание кои се одвиваа во трите собори и на пленарните седници било да се работи за буџетот и економијата, било за односите во федерацијата, за програмите, предлог- законите и одлуките на владата, за мерките на Сојузната влада, за погрешните инвестиции, за односите меѓу развиените и неразвиени општини, за образованието, за здравството, за социјалната политика, се уште се недостижни за новите примитивни популисти и борци за освојување на власта. Не им се ни до колена во острината на аргументацијата, ни во презентација на фактите, во критиките на владата, а најмалку во политичката и комуникациската култура.

Мислам дека МРТВ би приредила цивилизациски шок ако пушти неколку инсерти од расправите и начинот на одлучување од тогашното едноумно и еднопартиско Собрание. Се разбира, доколку и тој дел од современата македонска историја не завршил на некое сметиште, или отпад.

Ерол Ризаов, колумнистФотографија: privat

Тажно е сознанието дека и првите повеќепартиски собраниски состави беа подобри пред 30 години во споредба со сегашните партиски аминџии. Иако и пратениците и министрите и премиерите и медиумите се учевме во од што е повеќепартиска парламентарна демократија, сето тоа беше многу поинтересно, повозбудливо, подостоинствено од сегашните валкани и подземни диверзии на партиските раководства за освојување на власта во делот за кој граѓаните не гласаа. Ние биравме градоначалници и советници, а тие сакаа да ни изберат нова влада. 

До победата и по неа 

Еве како изгледа ранг листата на копродукцијата на најновиот македонско албански филм: до победата и по неа – втор дел.

Прво, премиерот Зоран Заев сосема непотребно и избрзано ја обзнани ветената оставка меѓу двата изборни круга под услов доколку „падне“ Скопје. Тоа беше повеќе емотивен, отколку осмислен чин.

-претходни колумни од авторот: Со ултиматуми не се бара оставка

Претседателот на куќен совет не може партиски да управува со една зграда, а не градската управа во една, било која, општина. Самораспуштањето на коалициска влада која има уште две ипол години мандат со најавената оставка на премиерот и претседател на СДСМ предизвика поголем потрес отколку поразот на локалните избори. Само во оваа година има примери во повеќе европски држави каде владејачките партии ги изгубиле катастрофално локалните избори, па ниту еден премиер, или претседател на држава не поднесе оставка. Тоа се случи и во најразвиените западноевропски држави со најголема демократска традиција- Франција и Германија. Партијата на претседателот Емануел Макрон не ги доби изборите во ниту една општина,  ни на крај памет ниту нему, ниту на неговите политички противници не им дојде да бараат оставка. Тоа беше првата дилетантска грешка на Заев која ја исправи донекаде кога се соочи со последиците кои ги засегаат државните интереси, коалициските односи и конечно со интересите на партијата на чие чело се наоѓа.

Најголемиот дилентантизам го приредија Христијан Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ. Јавнати на крилата на големата победа на локалните избори посакаа, наврат нанос, да ја освојат и  парламентарната власт  со ново мнозинство. Ќе речете, со право тоа е легитимен и демократски чин. Така е ама за тоа треба 61 пратеник. Наместо да јаваат на бранот од локалните избори и да ја бараат ветената оставка се полакомија веднаш да ја завршат работата со 61 ветен потпис на крајно спротивставени политички партии и идеологии. Мицкоски се втурна во аналфабетска авантура поставувајќи ултиматум до 14.30 часот на 11 ноември кога премиерот Заев треба да ја достави оставката до Собранието. Со тоа Мицкоски автоматски ја анулира оставката и ја направи беспредметна. Штом веќе не ја прифаќа оставката по 14.30 часот и бара пад на владата со мнозински гласови во Собранието оставката повеќе нема никакво значење. 

Демократија е кога недостасува и еден глас 

Ваква политичка наивност и брзоплетост досега не сме виделе. Се падна во вода поради отсуството на еден пратеник од коалицискиот партнер во владата-  Кастриот Реџепи.  Нема кворум за почеток на собраниската седница, нема мнозинство.  ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски по овој лупинг ја прифатија уште понаивната и кусогледа доктрина да прогласат дека Реџепи е киднапиран, уценет  и се држи под закана. Неговото појавување дека одлуката ја донел во интерес на државата уште побрзоплето е прогласена дека е искажана под притисок, небаре некој му ставил пиштол на челото.

Човекот, по тешкиот викенд, се појави жив и здрав и ги потврди своите убедувања дека бил изложен на притисоци, но од другата страна, оневозможувајќи му да ги искаже своите убедувања. 

-претходни колумни од авторот: Соочување со реалноста по изборите

Од партијата БЕСА пак стасаа најголемите аналфабетски курсисти од вечерното училиште на Макаренко. Испадна работата дека во партискиот врв не знаеле дека се сојузници на режимот. Влегле во првата историска предизборна коалиција со СДСМ и со ДУИ боси по трње, ем опозиција кон ДУИ, ем во владата со СДСМ. Му доаѓа како лубен диња. Кога намирисале дека владата ќе падне, дигнаа востание против режимот во кој имаат министри и функционери. Да не може човек да се изначуди. Прво искажаа голема загриженост за киднапирањето на својот пратеник Реџепи, а утредента  го разрешија од партијата  безмалку како да е предавник. Оди сега ти види го капацитетот на партиските водачи кои во еден миг се почувствуваа толку значајни што помислија дека вршат историска мисија со уривањето на владата.

Левица и Димитар Апасиев откако многу кооперативно ги повлекоа своите потписи од списокот за пад на владата, за да не ги вознемируваат новите партнери од БЕСА, прифатија да не бидат во центарот на вниманието  што никако не се совпаѓа со стратегијата на досегашното дејствување да не им се попушта ни на големите играчи, а да не зборуваме за политички аутсајдери. На Апасиев на крајот од овој дебакл не му преостана ништо освен да најави радикализација во третото полувреме.

Како ќе заврши оваа комунална драмолетка? Вистината е многу банална и засега никој гласно не ја соопштува. Најмалку 100 пратеници не сакаат предвремени и брзи избори бидејќи не се сигурни дали повторно ќе бидат на листите за парламентарни избори. Примањата и привилегиите се големи, а уште двеипол години не се малку. Сите тие навиваат некако да се стокмат 61 пратеник за какво-такво мнозинство и да се истера работата до крајот на мандатот. Тоа ќе ја одреди и судбината на владата и на власта.

Суштината е во тоа што ќе се случува наредните неколку месеци иако е извесно дека сегашните коалициони партнери во владата ќе обезбедат парламентарно мнозинство. Најпресудно за стабилизирање на состојбите во земјата ќе зависи од успешноста на имунизацијата и справување со пандемијата, со енергетската криза, со ублажување на зголемените трошоци од поскапувањата и со добрите постизборни сигнали од Бугарија и почетокот на преговорите со ЕУ. Евентуалните блокади од опозицијата на овие активности ќе го намалат значајно капиталот стекнат од локалните избори. Враќањето на нормалноста е попримамливо од поттикнување на радикализација и неизвесност.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми