1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Димитров: Во Европа ќе влеземе како Македонци

ДТЗ
30 јуни 2021

Вицепремиерот оцени дека изјавата на Ана Паула Закаријаш во Лисабон за македонскиот јазик е „прилично несреќна изјава“.

Nord-Mazedonien: Nikola Dimitrov, Außenminister
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

„Прашањето на македонскиот јазик е за нас клучно прашање. Немаме мандат за тоа и да помислуваме да преговараме. Во Европа ќе влеземе како Македонци кои зборуваат македонски јазик и го задржуваме правото тоа да го браниме на најдостоинствен начин“ - ваква порака испрати денеска вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, по најновите слушувања на релација Скопје - Лисабон и изјавата на државната секретарка за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закаријаш во однос на македонскиот јазик. Португалската државна секретарка Ана Паула Закаријаш вчера во Лисабон изјавила дека „јазикот на Северна Македонија некогаш бил дел од бугарскиот јазик“.  

-повеќе на темата: Историјата се повторува: Лисабонска „декларација“ број два

„Според мене, ова беше прилично несреќна изјава“, вели Димитров, која информираше дека во текот на вчерашниот ден имало засилена дипломатска актвност на релација Скопје - Лисабон. 
„Вчера и јас и министерот за надворешни работи, Бујар Османи имавме многу контакти со Лисабон и со преставници на потугалското претседателство, на кои им укажавме на оваа крајна несоодветност. Добивме уверување дека изјавата апсолутно не го изразува ставот на Лисабон и беше изразено жалење“, вели Димитров. 

Португалски предлог 

Во однос на португалскиот предлог, тој вели дека е корисно јавноста да знае дека се потпира на предлог-преговарачката на рамка на Европската комисија - параграфот околу македонски јазик да остане така како што е „македонски јазик за ЕУ“ и предвидува унилатерална изјава со бугарскиот став од страна на Бугарија. 
Димитров ја цитираше изјавата на португалската државна секретарка Ана Паула Закаријаш  за ДВ, дека „Португалија никогаш не би го загрозила процесот на изнаоѓање решение во спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија“. 
„Напротив, постојано се обидуваме да го олесниме“, изјави вчера за  Дојче веле  португалската амбасадорка во Србија која е задолжена и за С. Македонија, Марија Вирџиња Мендес да Силва Пиња. 
„Таа спомена дека има политички момент кој ги отежнува работите во Бугарија, и дека има сензитивни прашања поврзани со идентитетот, историјата и бугарскиот и македонскиот јазик“, вели амбасадорката Пиња, објаснувајќи ја изјавата на Закаријаш која што предизвика бурни реакции во Скопје. 

Сензитивен момент

Владата претходно соопшти дека изјавата на државната секретарка за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закаријаш во однос на македонскиот јазик, доколку е прецизно пренесена, и по суштина и по методологија е целосно спротивна на португалскиот предлог за изнаоѓање решение. Истакнуваат дека ваквите изјави никако не помагаат во процесот на градење доверба и заедничко разбирање.

-повеќе на темата: Португалската амбасадорка за ДВ: Никогаш не би го загрозиле процесот на изнаоѓање решение меѓу Скопје и Софија

„Контекстот и моментот се крајно сензитивни и затоа ги повикуваме претставниците на земјите кои се вклучени во процесот и кои не ги познаваат целосно и добро приликите во С. Македонија и Бугарија, да се воздржат од какви било квалификации или објаснувања на процеси поврзани со нашите национални прашања“, додаваат од Владата.
Во владината реакција се посочува дека македонскиот јазик е едно од клучните идентитетски обележја на македонскиот народ, меѓународно признаен и кодификуван јазик со своите уникатни специфики, потврден со Договорот од Преспа и запишан во личната карта на Македонија во Обединетите Нации. „Македонскиот јазик е израз на неприкосновеното право на македонскиот народ на самоопределување и дигнитет“, се додава во реакција на Владата.
Бугарските медиуми вчера објавија дека Закаријаш изјавила оти дебатата меѓу Македонија и Бугарија е „тешка и поврзана со историјата, културниот идентитет на двете земји и со идната соработка", како и оти „очигледно е поврзана со јазикот на Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на двете земји".

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми