Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров денеска и утре во Берлин со германски парламентарци разговара за европските интеграции на земјата.
Реклама
„Следниве два дена, клучни средби за нашите европски перспективи! Имаме аргументи, и реформски и добрососедски. Нашиот успех ќе биде успех и за регионот и за ЕУ. Убеден сум во тоа, а ќе ги убед(ув)ам и сите соговорници во Берлин“, напиша вчеравечер на Фејсбук шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.
Тој денеска и утре е во работна посета на Берлин и разговара со германски пратеници, но и со шефицата на владејачката Христијанско-демократска унија, Анегрет Крамп-Каренбауер. Освен тоа, предвидена е и средба на Димитров со претставници на кабинетот на канцеларката Меркел, која денеска има полни раце работа околу Брегзит и ја пречекува британската премиерка Меј. Утре, заедно со вицепремиерот Бујар Османи, шефот на македонската дипломатија ќе ги брифира членовите на Комисијата за европски прашања во Бундестагот за напредокот и подготвеноста на земјата за почеток на пристапните преговори со Унијата, во пресрет на јунскиот Совет на ЕУ.
Ставовите на официјален Берлин околу евроинтеграциите во текот на викендот за Дојче веле уште еднаш ги повтори државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот, кој исто така ќе разговара со Димитров. Рот рече: „Ние не ги оставаме на цедило луѓето од Западен Балкан“, дотолку повеќе што процесот на трансформација на патот кон ЕУ е „тежок и напорен“ за луѓето. Притоа, Рот не заборави да повтори дека демократијата, правната држава, почитувањето на малцинствата и борбата против корупцијата се од огромен интерес за Германија и Европската унија и дека тука „не смее да има никаков политички попуст“.
Во врска со македонскиот пат кон Европската унија, Рот неодамна во гостински коментар за весникот „Велт“ напиша дека Унијата „мора брзо да почне преговори со Северна Македонија“, зашто кога напорите на земјите кои сакаат да се приклучат се успешни, притоа мислејќи на договорот за името, „тогаш и Унијата треба да испорача“.
Договор за решавање на спорот за името
Договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција беше потпишан на 17 јуни 2018. Тој би требало да му стави крај на спорот кој трае четврт век. Но, до неговото конечно спроведување има уште работа.
Договорот за решавање на спорот за името во Псарадес, на грчката страна од Преспанското Езеро, го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас. „Горди сме затоа што избравме решение што нѐ обединува“, оцени македонскиот премиер Заев. Неговиот грчки колега Ципрас рече: „Овде сме да ги залечиме раните што ги остави времето, да отвориме пат за мир, братство и пораст“.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Роденден
Потпис на договорот стави и долгогодишниот посредник на Обединетите Нации во спорот за името, Метју Нимиц. Потпишувањето се падна токму на неговиот 79-ти роденден. „На членовите на моето семејството им реков дека не сакам подароци за овој роденден, зашто двајца премиери ќе ми дадат еден голем подарок“, рече Нимиц на церемонијата во Псарадес.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Вратоврска
Кога по потпишувањето на договорот требаше да се направи семејна фотографија од настанот, македонскиот премиер Зоран Заев, веројатно не сакајќи да се разликува од Алексис Ципрас, кој е познат по тоа што не носи вратоврски, ја извади својата црвена вратоврска и му ја подари на својот грчки колега. Тоа беше поздравено со широки насмевки и громогласен аплауз од присутните.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Договорот зачинет со македонска храна и вино
Официјалната средба по потпишувањето во Псарадес се префрли на македонскиот брег на Преспанското Езеро. Двете делегации до Отешево стигнаа по воден пат, со чамци. Во Отешево се водеа билатерални разговори и имаше свечен ручек. На заедничкиот ручек присуствуваа и претставниците на Европската Унија и Обединетите Нации – Федерика Могерини, Јоханес Хан, Метју Нимиц и Розмари Ди Карло.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Протести во Скопје
Потпишувањето на договорот за решавање на спорот за името предизвика протести во Македонија. Демонстрантите пред Собранието на 17.06.2018 се судрија со полицијата. Во безредијата имаше повредени и приведени лица. Според полициски наводи, има неколку повредени полицајци, како и над 25 уапсени учесници на протестите. Официјален организатор на протестите нема.
Во Грција исто така се протестира. Противниците на договорот за решавање на спорот за името во Атина за време на расправата за доверба на владата на Ципрас се судрија со полицијата пред парламентарната зграда (фото: 16.06.2018). Полицијата мораше да употреби солзавец за да ја разбие толпата која се обиде да влезе во парламентарната зграда. Владата го преживеа гласањето.
Фотографија: Reuters/C. Baltas
Уште многу работа
Ставањето потпис на Конечната спогодба за решавање на спорот за името е само еден од чекорите кои следуваат во наредните месеци до конечно решение. Следува ратификација во македонското Собрание, референдум на кој македонските граѓани ќе се изјаснат за договорот, а потоа и ратификација во грчкиот парламент.