Димитров против паралелите меѓу „Шарената“ и „Бојкотирам“
БГ
15 август 2018
Шефот на дипломатијата Никола Димитров денеска преку Фејсбук статус реагираше на полемиките во јавноста во кои Шарената револуција беше изедначувана со акцијата Бојкотирам насочена против референдумот на 30 септември.
Реклама
„Да се размислува за некакви паралели меѓу нив е исто како да се става равенство меѓу храброста и стравот, меѓу активниот граѓанин кој се осмелил да прогледа во темница и пасивниот поданик кој се плаши да отвори очи во светлина ...“, пишува министерот Димитров на својот Фејсбук профил. Иако Димитров не кажува кому му реплицира со оваа порака, впечаток е дека алудира на последната колумна на Арсим Зеколи на страниците на Дојче Веле.
„За разлика од дебело платената „шарена” имитација на либерализам, конзервативизмот на апартиските следбеници на #Бојкот е предвесник на длабокото свртување на општеството кон и во прилог на традиционалните, препознатливи и лесно мерливи квалификации на морал и неморал искажан низ парите и отчетноста“, пишува нашиот колумнист Зеколи во последната анализа и продолжува:
Македонија: „Долго го чекавме овој ден“
01:29
„Квази-либералниот дискурс на Шарената револуција потклекна при првиот налет на профитирање од „борбата против режимот” и со тоа ја игуби кохезивната енергија за градење нов политички амбиент во земјата базиран врз социјална рамнотежа. Иако засега доминиран од претежно етно-македонски мотив за сочувување на името и идентитетот, новиот конзервативен бран може да го надополни токму она што шарените така евтино и лесно го напуштија - сензибилизирање на општеството за фискална одговорност без пардон и изговор“.
На овој став, Димитров денеска одговара со контра- теза:
„Шарената револуција е жед за одговорност во ситуација на јавно разоткриен криминал. Кога потфрлија институциите, граѓаните преземаа одговорност, барајќи правда“, пишува тој. Од друга страна, за шефот на дипломатијата, повиците за бојкот се бегство од одговорност:
„Бојкотирам е повик за неодговорност, за бегање од одговорност, за немање глас за сопствената и иднината на Македонија, исправена пред историска раскрсница“, заклучува Димитров.
2016- Годината на Шарената револуција
Годината започна со оставката на премиерот Никола Груевски, продолжи со затворањето на границата за бегалците, а несомнено настан кој и даде белег на годината беше „Шарената револуција“- реакција на амнестијата на Иванов
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Настан на годината: „Шарена револуција“
Несомнено, 2016 година ќе остане запаметена по „Шарената револуција“- движењето кое за првпат од независноста ги извади граѓаните на улиците на македонските градови на протест против корупцијата и политичката неодговорност, а во заштита на демократските вредности и слободата. Шарената револуција се обиде да ги постави темелите за една поинаква, нова Македонија. Патот дотаму ќе биде долг.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Јануари: Оставка на Груевски
Годината започна со оставката на Груевски од премиерската функцијата, на 14 јануари, согласно Договорот од Пржино. По речиси десет години на функцијата, Груевски експресно најави дека нема мирно да се повлече. Во говор пред Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, на 24 јануари, тој порача дека народот на избори ќе си ја врати одземената власт и „ќе ги избрка на клоци вештачки и насила насадените функционери“
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Февруари: Има-нема избори
Иако првично беше предвидено парламентот да се распушти на 24 февруари и да се одржат предвремени избори на 24 април, одлуката во последен момент беше повлечена, а новиот термин беше 5 јуни. СЈО го обзнани првиот случај под кодно име „Титаник“. Осомничени за кривични дела против изборите и гласањето се екс- министрите Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, генералниот секретар на владата и други.
Фотографија: MIA
Март: Ескалација на бегалската криза
Македонија и официјално ја затвори границата кон Грција, со што илјадници бегалци останаа заглавени во Идомени. Неколку обиди насилно да се мине границата минаа неуспешно. СЈО продолжува со истрагите и отвори нови случаи, меѓу нив и „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошкоски. Претседателот Иванов најавува дека „нема намера да амнестира изборни силеџии“ откако Уставниот суд направи законски измени.
Фотографија: Reuters/S. Nenov
Април: Амнестијата на Иванов
Со еден потег, претседателот Иванов ја предизвика најголемата политичка криза во земјата од независноста, која доведе до жестока осуда од меѓународниот фактор, но и раѓањето на „Шарената револуција“. На 12 април, Иванов ги амнестираше сите политичари против кои се водат постапки. Со тоа предизвика бура од реакции. Веќе следната ноќ, на 13 април, беше демолирана неговата канцеларија во Скопје.
Во услови на секојдневни протести на „шарените“ ни делумното повлекување на амнестијата од страна на Иванов не донесе смирување на состојбата. Германија го испрати специјалниот пратеник Јоханес Хајндл. Груевски најавува дека сам ќе оди на изборите на 5 јуни, опозицијата бара тие да се одложат за наесен. Расчистен бегалскиот камп во Идомени. Одбележана една година од кумановските настани.
Фотографија: picture alliance/CTK/Horazny/Sterba
Јуни: Масовни протести и соцреализам
Протестите на „Шарената револуција“ земаа голем замав и покрај тоа што на 6. јуни Иванов целосно ја повлече амнестијата. Паралелни контра-протести и на здружението ГДОМ. Оставка на Ставрески од здравствени причини. Во јавноста протекоа уметнички слики во духот на социјалистичкиот реализам од новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: Nova TV
Јули: Пржино 2
По долги преговори на четирите најголеми политички партии со посредство на ЕУ и САД се роди „Пржино 2“. Поставени се нови услови за организирање предвремени избори, меѓу нив- измени во Изборниот Законик, враќање на опозицијата во парламентот и влез на технички министри во владата. ЕУ блокираше средства од ИПА фондовите. По неуспешниот пуч во Турција, протести на приврзаници на Ердоган и во Скопје.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Август: Смртоносни поплави
Катаклизмична ноќ во Стајковци и други села во околината на Скопје однесе 21 човечки живот. Десетици луѓе беа повредени, а стотици останаа без кров над главата. Никој не презеде одговорност за катастрофата, иако експертите подолго време предупредуваа од погубната политика која практично ги остави граѓаните без заштита од налети на природата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski
Септември: Серија земјотреси и 25-годишникот со бајпас
Серија силни земјотреси ги исплашија граѓаните на Скопје и околните градови и ги вратија страшните спомени на 1963 година. Немаше многу славје ни по повод 25-та годишнина на независноста на која некои аналитичари оценија дека Македонија е 25-годишник со бајпас. СЈО продолжи со отворање нови случаи од кои исплива и „Трезор“, околу набавката на опрема за прислушкување во МВР.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini
Октомври: „Случајот Спасов“ и драмата во УБК
Распишани изборите на 11 декември. Обидот на обвинителите на СЈО да влезат во просториите на УБК и да ја испитаат опремата за прислушкување заврши со жестоки блокади и очекување на помош од експерт на „Ериксон“. Скандалот со заменикот-министер Диме Спасов уште еднаш го отвори прашањето за политичката (не)одговорност. Младите фудбалери ја израдуваа нацијата со пласманот на Европското првенство.
Фотографија: MIA
Ноември: Трамп и Македонија
Додека светот беше во шок поради победата на Доналд Трамп на изборите во САД, во Македонија наголемо течеше изборната кампања. Вестите за улогата на велешките „спамери“ во победата на Трамп го засенија и новиот Извештај „за напредокот“ на Европската Комисија. Најголемо внимание, сепак, привлекуваа информациите за најбарани профили на работници во Германија.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Декември: Сите победија на изборите
Гласањето мина мирно, но резултатите отворија повеќе дилеми, одошто дадоа одговори за можниот излез од длабоката политичка криза. „Прогласот“ на Груевски и прегласувањето во Теарце фрлија уште една дамка на процесот. Молкот од меѓународната заедница укажува дека никој не го знае решението. Очекувањата се дека кризната 2016 ќе има свое продолжение и во 2017 година.