1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преговорите за името продолжуваат и во „Светата недела„

3 април 2018

Најверојатно на 12-ти април, Димитров и Коѕијас ќе ги продолжат разговорите, најавуваат грчките медиуми, и пренесуваат ставови на владини извори, според кои, за решавање на спорот клучни се следните неколку недели.

Mazedonien Griechenland Nikos Kotzias bei Nikola Dimitrov in Skopje
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас ќе се сретнат по Велигден, најверојатно во четврток на 12-ти април, најавуваат грчките медиуми, со оценка дека разговорите продолжуваат по нотираниот напредок постигнат во Виена. Тие пренесуваат ставови на владини и дипломатски извори, според кои „за решавање на спорот за името клучни се следните неколку недели“.

„Во суштина, Светата недела ќе им послужи на двете страни како период на анализа на позициите искажани од Атина и Скопје, но, исто така, и за информации каков може да биде текот на настаните ако евентуално се постигне согласност“, пишува „Катимерини“.

Околу текот на настаните и роковите засега се вртат разни верзии, но ниту една не е потврдена од официјални извори. Но, според изјавите што доаѓаат од грчка страна, може да се заклучи дека евентуалниот договор би се раководел од т.н. еволутивна клаузула, односно од повеќе фази на имплементација. Односно, дека она што би се постигнало во овој период би било „договор за договор“, кој нема да ги кочи европските и евроатлантски интеграции, и би се реализирал фазно и зацврстен со претходно утвердени гаранции. Целта е договорот да се постигне до летото, бидејќи и двете држави го немаат „луксузот време“, а во Македонија наредната година ќе има претседателските избори.

Се очекува „голем чекор“

Според медимите, се проценува дека се бара формула според која на Самитот на НАТО во јули Македонија би можела да ги „надгради“ односите со Алијансата, а полноправното членство да се ефектуира со имплементацијата на последната фаза од постигнатиот договор со Грција.
Говорејќи за грчката државна телевизија ЕРТ, Коѕијас изјави дека е оптимист во постигнувањето на решение и дека фокусот е ставен на постигнување компромиси за серија тешки прашања. Тој изјави дека временските рамки се поставени, но не ги елаборираше. Дел од медиумите реторички прашуваат дали 27-ми април е некаква временска рамка, со оглед дека тогаш ќе се одржи состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, на кој, Коѕијас би реферирал доколку дотогаш се постигне договор.
„Ние детално утврдивме со што се согласуваме, и со што не се согласуваме. Ги идентификувавме главните прашања за двете страни, и се надевам дека на нашиот следен состанок ќе бидеме подготвени да направиме голем чекор“, најави Коѕијас. 

Повеќе на темата: 

Димитров-Коѕијас: „Филиграните“ бараат трпение и прецизност за името

Заев за Дер Шпигел: име без превод е неприфатливо

Владини извори за „Катимерини“ откриваат дека можноста за постигнување взаемно прифатливо решение останува реална, дека има отворен канал за комуникација помеѓу премиерот Ципрас и неговиот македонски колега Зоран Заев, како и јасна позитивна клима, која е далеку од вниманието на јавноста за полесно да се заврши процесот. Покрај разговорите за името, тече и подготовка на рамката за билатерална соработка, по урнек на  Договорот со Бугарија, која треба да ја гради довербата и да ги унапреди односите меѓу Грција и Македонија, дури и ако не се реши спорот. Покрај тројниот виенски состанок Димитров -Коѕијас-Нимиц кој траел шест и пол часа, паралелно и групи од двете министерства за надворешни работи биле посветени на подготвка на т.н. позитивна агенда.

Димитров и Коѕијас во Виена со медијаторот Метју НимицФотографија: Ministry of Foreign Affairs Macedonia

„Тоа е рамка за соработка меѓу двете земји во иднина, која вклучува неколку билатерални прашања - меѓувладина соработка, енергетика, одбрана, транспорт, образование, соработка со трети земји. Сосема е јасно дека оваа конкретна позитивна агенда е главно дизајнирана да има изгледи за континуирани контакти меѓу двете земји, дури и ако не се постигне договор до јули и самитот на НАТО“, пишува „Катимерини“.
Ваквиот аспект го навести и Нимиц, кој по минатонеделните разговори потенцираше дека „двајцата министри се фокусираат на долгорочните односи, на стабилноста во регионот и на важноста на добрите односи меѓу двете земји“.

Разговорите ги оцени како „конструктивни“, иако има голем број отворени и трнливи технички прашања, но изрази уверување дека страните ќе продолжат да работат во истата конструктивна рамка.
 

Оптимизам

Според грчки извори, и посредникот Нимиц, кој е посредник во реализација на рамка што ќе обезбеди меѓународен легитимитет на евентуално решение, наводно подготвувал правен документ, кој по евентуално постигнатиот договор би бил презентиран пред членките на Советот за безбедност и Генералното собрание на ОН. 

Од македонската влада се целосно затворени за информации за ова прашање, со цел да не се попречи процесот на разговори. Димитров за виенските разговори најави серија состаноци, а првиот го започна со премиерот Зоран Заев.

„Ги знам сите детали и драго ми е што можам да потврдам дека има позитивен исчекор во разговорите. Ако некој ме праша дали сум повеќе или помалку оптимист и позитивен, јас сум повеќе позитивен и поголем оптимист по оваа средба што Димитров ја имаше со Коѕијас во Виена под раководство на посредникот Метју Нимиц“, изјави вчера Заев.

Неговиот оптимизам го пренесоа сите грчки медиуми, а јавуваат и за серијата средби на Коѕијас со истата цел: да ги информира партиските лидери за разговорите во Виена. Вчера тој имал средба со генералниот секретар на Комунистичката партија на Грција, Димитрис Куцубас, а потоа и со Ставрос Теодоракис, лидер на партијата Потами (Река). По средбата, Теодоракис потврдил дека „следните неколку недели ќе бидат одлучувачки дали ќе има или ќе нема решение на спорот за името“.

За денеска се предвидени разговори на Коѕијас со лидерката на ПАСОК и Движење за промена, Фофи Генимата и со претседателот на Сојузот на централисти, Василис Левендис. Лидерот на опозициската „Нова Демократија“, Кирјакос Мицотакис побарал да биде информиран лично од премиерот Ципрас и одбил да го прими Коѕијас, па шефот на грчката дипломатија ќе се сретне со одговорниот за надворешна политика во партијата, Јоргос Кумуцакос.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми