Димитров: Срамно е ВМРО-ДПМНЕ да критикува за ЕУ
29 октомври 2019Жестоки полемики и обвинувања на денешната седница на собраниската Комисија за европски прашања. Свикана за да се дебатира околу неуспехот на самитот на ЕУ да се добие датум за почеток на пристапните преговори, седницата се претвори во куса, но остра препирка меѓу претставниците на владата и опозицијата. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски најпрво обвини дека седницата е пародија, и повика расправата да се води утре на седницата на Комисијата за надворешна политика со која раководи тој. Милошоски смета дека вицепремиерот Бујар Османи и шефот на дипломатијата Никола Димитров треба да си поднесат оставки по неуспехот.
„Кога имате лажен датум и лажна прослава следува и лажна отчетност пред Комисијата за европски прашања каде парламентарното мнозинство очекувам да ги пофали и да им аплаудира на министрите кои се одговорни за неуспехот“, рече Милошоски.
Потоа Милошоски и другите пратеници од неговата партија ја напуштија расправата.
Димитров остро реплицираше, објаснувајќи дека последна незавршена работа е донесувањето на Законот за јавно обвинителство, кој го блокира токму ВМРО-ДПМНЕ. Да сум на местото на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ „ќе ми биде срам да зборувам за ЕУ и да ги изговорам буквите ЕУ“, рече Димитров. Тој рече дека „политичка дрскост и срам“ да се обвинува актуелната влада за неуспехот и тоа „од луѓе кои не напикаа во земја и скокаа одозгора за да го затабаат патот да нема отвор напред“.
Вицепремиерот Османи смета дека државата го заслужила почетокот на преговорите и оцени дека е сторена „неправда и историска грешка“.
Димитров објасни и дека Преспанскиот договор не може целосно да се имплементира без Северна Македонија да ги започне преговорите со ЕУ. „Преспанскиот договор не може да се имплементира целосно ако ние сме вон пристапниот процес кон ЕУ. Исто така, како што не можеше да стапи во сила ако грчкиот Парламент не го ратификуваше и пристапниот протокол за членство во НАТО“, рече Димитров.