Дипломатска офанзива на Вашингтон
10 март 2009Посетата на новиот американски заменик претседател Џо Бајден не беше долго договарана. Тој доаѓа во Брисел за да разговара со најблиските сојузници на САД околу промената на стратегијата за Авганистан. Ваквите зачестени консултации на највисоко ниво треба да ја сигнализираат промената на курсот во Вашингтон. „Сакаме да покажеме дека многу сериозно му приоѓаме на партнерството со НАТО, исто како и на заедничката обврска кон Авганистан“, порача министерката за надворешни работи Хилари Клинтон, која во четвртокот беше во Брисел.
Џо Бајден во дипломатскиот куфер ги носи првите потези на администрацијата на Барак Обама за промена на стратегијата кон Авганистан. Тој сака лично да им ги претстави на генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер и на амбасадорите на земјите членки на Алијансата во Брисел. Бајден сака исто така да ги чуе и првичните реакции на сојузниците во врска со промените во стратегијата: „Навистина сме заинтересирани за вашиот совет. Промената на стратегијата е од голема важност, затоа треба да произлезе сеопфатна стратегија, за која сите заедно ќе сносиме одговорност“, вели Бајден.
Консултации и очекувања
Значи се’ си има своја цена. Американците очекуваат на јубилејниот самит на НАТО во април да пристигаат бројни понуди од сојузниците што се однесува до нивниот дополнителен ангажман во Авганистан. Бајден сигурно нема да пропушти да ги потсети на тоа. Притоа нема да биде доволно зголемување на ангажманот во подрачјето на цивилната обнова на земјата, туку ќе требаат и дополнителни контингенти војници: „Не би требало да и’ подлегнеме на илузијата дека засилувањето на компонентата на цивилна обнова, ќе значи намалување на бројот потребни војници“, нагласи неодамна генералниот секретар на Алијансата, Шефер.
Американците веќе покажаа со сопствен пример што треба да се прави. Тие најавија нови 17.000 војници за Авганистан. Германија, пак, вети натамошни 600, што значи вкупно 4.500. Тоа е и горната граница што ја постави германскиот парламент за мисијата во Авганистан.