1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Директорот на СИПРИ: Трамп креира „време на неизвесност“

Матијас фон Хајн
17 февруари 2017

Минхенската конференција за безбедност е платформа за дијалог за безбедносните предизвици во светот. Пред нејзиниот почеток, ДВ разговараше со директорот на СИПРИ, Ден Смит за иднината на меѓународната безбедност.

USA America seen from abroad
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Ngan

ДВ: Годинешниот Минхенски извештај за безбедност именуван „Пост-вистина, пост-Запад, пост-поредок?“ навестува една мрачна слика. „Меѓународната безбедносна средина е поволатилна од кој било период по Втората светска војна“, напиша во предговорот на извештајот Волфганг Ишингер, претседавач на Минхенската безбедносна конференција (МСЦ). Што мислите за ваквата проценка и насловот на извештајот?

Ден Смит: Првата работа е дека Волфганг Ишингер дава многу храбра историска констатација. Особено доколку го погледнете крајот од 1940-те години - периодот на Берлинската криза, условите кои доведоа до формирањето на НАТО, времето на Маршаловиот план за повоена реконструкција, гладот и тешкотиите со кои се соочуваше Европа за време на зимите во тоа време, наметнувањето на советска контрола во Источна Европа - мислам дека може да се аргументира дека тоа бил високо волатилен период.

Затоа мислам дека Волфганг Ишингер, во најмала рака прави споредба помеѓу тој период и овој. И мислам дека ова е интересното околу прашалникот во насловот на извештајот. Дали е ова „пост-поредок“? Или е процес на транзиција во нов режим или поредок? Мислам дека на некој начин ова е клучното прашање за нашето време.

Присуствувавте на конференцијата во 2016 година. Кога ќе погледнете на најважните промени во глобалната безбедност минатата година, кои се најсилните?

Важно е да се разбере дека меѓународнота безбедносна средина може да се промени преку мали чекори кои не мора да бидат драматични, но со годините се надополнуваат едни со други и стануваат нешто големо. Доколку ги погледнете работите кои се случија во 2016 година, тогаш  - иако сите зборуваат за ова, па се чини дека доколку некој повторно зборува за тоа е клише - мислам дека е доста очигледно оти изборот на Доналд Трамп за претседател на САД влијаеше, во најмала рака, да се отворат неколку важни прашања за меѓународниот поредок каков што навикнавме да го гледаме.

Неговите различни ставови кон НАТО и ЕУ споредено со неговите претходници, неговиот различен однос кон Русија спореден со неговите претходници, неговиот понаметлив начин на именување на Кина како проблем број еден со кој САД се соочуваат во светот – сите овие работи носат голем број претпоставки кои ги имавме низ годините, а кои сега тој ги става на маса.

Сега, прашањето е дека не знаеме како сите овие прашања кои ги отвора тој, ќе се одиграат. Не знаеме каква шема на однесување ќе произлезе кога тие ќе се конкретизираат. Затоа, во секој случај, ова е време на несигурност. Дури и да победеше Хилари Клинтон, ќе имаше многу прашања и многу несигурности. Доколку се потсетиме на ланскиот извештај на Минхенската безбедносна конференција и тој не беше многу оптимистичен. Таму се говореше за неодговорност и неизвесност на највисоко ниво. Затоа мислам дека изборот на Трамп е голема работа.

Друга важна работа е ситуацијата на Блискиот Исток која потенцијално се промени многу. Не е во прашање само хуманитарната криза која ја гледаме во Алепо и во Сирија. Станува збор и за промена на стратегиското распоредување на Блискиот Исток, барем во моментот. До тој степен што сега Русија има многу поголема улога отколку што имаше порано, а солидна улога исто така игра и Иран, додека Саудиска Арабија во голема мера е во позадина. САД допрва треба да одлучува за тоа како ќе реагира на тоа. А исто така, тоа треба да го направат и Европејците - затоа тоа што се случува таму е на нашиот праг.

Третата работа, на која ќе се осврнам со многу пооптимистички тон: сметам дека договорот помеѓу ФАРК и владата во Колумбија, иако целосно не го сопира насилството и граѓанската војна во земјата, е голем позитивен чекор напред и може да биде предзнак дека Латинска Америка конечно ќе стане континент на кој ќе владее мир. Тоа, заедно со демократските придобивки во последните 25 до 30 години, ќе придонесе земјите да станат попросперитетни.

Ден СмитФотографија: DW/T. Meheretu

Споменавте голем број тешки проблеми кои завршуваат со знак прашалник. Дали очекувате Минхенската безбедносна конференција да помогне да се најдат некои одговори, имајќи предвид дека ќе присуствуваат голем број клучни играчи?

Добро е да се размислува така. Но, мислам дека фактот што администрацијата на Трамп сѐ уште е во рана фаза од владеењето и тоа што Кина сѐ уште размислува какви би можеле да бидат реакциите на мерките и идните акции на САД - мислам дека ќе биде потребно некое време пред да се воспостави новиот меѓународен поредок, доколку воопшто се придвижиме во таа насока. Мислам дека некои од прашалниците може да се променат додека сме во Минхен. Но, сигурен сум дека ќе има повеќе прашалници по завршувањето на конференцијата.

Кои панели или состаноци ги очекувате со нетрпение?

Прашањето кое најмногу ме интересира во моментот е балансот, или можеби конфликтот помеѓу партикуларизмот од една страна и владеењето на правото од друга страна.

Дали големите сили – САД, Русија, Кина и другите моќни држави – ќе застанат во одбрана на владеењето на правото и на страна на силните меѓународни институции? Или ќе застанат зад сопствените интереси над сѐ и секој? Ова ми се чини дека е исклучително важно прашање: да се дознае каков ќе биде балансот. Нормално, големите сили секогаш сакаат систем кој им оди во прилог и секогаш сакаат да извлечат најголема корист за себе од системот, но тие во изминатите години исто така и инвестираа во светскиот систем, како што беше и во времето на Студената војна. Дали повторно ќе биде исто? Или ќе биде поинаку?

Другата работа – и ова е тоа што навистина го ценам кај Минхенската безбедносна конференција – е шансата за отворена дискусија. Постои степен на доверба за овие големи и предизвикувачки прашања.Според повеќето експерти, набљудувачи и политичари, светот во моментов е несигурен. Добра, отворена и искрена дискусија за дилемите, ризиците и проблемите е нешто од што можеме само да добиеме.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми