Дисл ја заврши кариерата
27 март 2006По 16 години во светскиот врв, прославената германска биатлонка Уши Дисл и’ стави крај на блескавата спортска кариера. 9 олимписки медали, 8 титули светски првак, 30 победи во натпревари од светскиот куп, спортист на Германија за 2005-та година – тоа е накратко сумираниот биланс на нејзините постигнувања. Вчера таа го имаше последниот настап во Осло во финалето на годинашниот светски куп во биатлон, во кој севкупно е петтопласирана.
„Јас сум припадник на сојузната полиција, и таму ќе имам нешто да работам. Но, морам полека да го намалувам тренингот, значи и натаму ќе спортувам и се надевам дека в зима ќе можам да бидам присутна на настаните од биатлонот, но сега како експерт“ – вели 35-годишната Уши Дисл во однос на своите идни планови. АРД и ЦДФ - првата, како и втората програма на германската телевизија, радо би сакале да ја придобијат за себе во таква улога.