1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дичев: Нема ништо поразорно од понижувањето

16 јули 2022

Нема ништо поразорно од понижувањето - всушност, главното нешто што ги навредува нашите соседи е асиметријата во предложениот договор - Бугарите наредуваат, тие извршуваат. Пишува Ивајло Дичев

Протести пред Собранието против францускиот предлогФотографија: Petr Stojanovski

Како што знаеме, национализмот е игра со нулта сума: ако едниот победи, другиот нужно мора да загуби. Нашите националистички популисти замолкнаа, но само затоа што тие од другата страна почнаа да врескаат - дури донесоа и Гилотина на плоштадот пред парламентот. Ако таму го прифатат т.н. француски предлог, бумерангот ќе ни се врати и којзнае какво ново вето ќе измислиме. Како што велат некои: толку многу идиотизам од двете страни на границата јасно покажува дека сме еден народ. 

Проблемите со компромисот што се наѕира 

Дозволете ми да кажам дека не ме радува компромисот што се наѕира. Тимовите на Петков и Ковачевски со елегантен стисок ги префрлија егзистенцијалните спорови на прифатлива и суштински европска тема: правата на бугарското малцинство - без, сепак, да го покрене прашањето за македонското малцинство кај нас, очигледно за да се чувствуваме како победници. Вклучувањето на Бугарите како уставна нација по Власите, сепак, не само што го задоволува сложеното бугарско его: тоа е и нешто конкретно и доволно изводливо за да се смета дека ветото имало смисла. Што точно ќе бидат придобивките на нашите сонародници таму, не ми е јасно. Можеби самопочит. Слушам дека борбата била за некакви квоти во органите на локалната самоуправа - нема штета, но треба да се потсетиме на таа позиција кога се во прашање квотите кај нас во корист на инвалидите, малцинствата, жените... 

Од друга страна, предлогот елегантно ја пренесува во неодредена иднина темата за историјата согласно Договорот за добрососедство. Навистина, несреќната историска комисија ќе продолжи да работи, а владите ќе бидат обврзани да ги почитуваат нејзините одлуки во одреден временски период - освен што никаде не гледам рок за донесување на овие одлуки од неа. Што изгледа сосема нормално за толку сложено прашање како што е историјата. Ако ме прашувате мене, најдобро би било оваа комисија да се трансформира во вистински научен институт, по можност со меѓународно учество, наместо сегашниот полуполитички ентитет. А времето во науката не е политичко. 

Ивајло Дичев, колумнист на бугарската редакција на ДВФотографија: BGNES

Она што не ми се допаѓа е ултимативниот тон со кој се решаваат интимните прашања како идентитетот. Ќе биде прекрасно ако некои граѓани на Северна Македонија се раскопаат во минатото на нивните дедовци и баби, и го воскреснат споменот на бугарското. Но, може ли тоа да се случи насила? Или го заборавивме тажното искуство од преродбеничкиот процес, кога се обидовме да натераме 300 илјади наши Турци да станат Бугари? Наместо интеграција, тогаш го постигнавме токму спротивното - поделби, сомнежи за години нанапред, дури и бомби. 

Кон што навистина се стремиме? 

Ајде да си замислиме дека Македонците ќе ги тргнат озлогласените Татари од учебниците, ќе сменат пет табли за преродбениците, ќе казнат неколку разломотени блогери. И ќе замолкне трајниот анимозитет кон нас? За 8-10 години, кога евентуално државата ќе стане членка на ЕУ, ќе ги тргнат таблите, ќе смислат нешто сосема друго. Нема ништо поразорно од понижувањето - всушност, главното нешто што ги навредува нашите соседи е асиметријата во предложениот договор - Бугарите наредуваат, тие извршуваат. 

Дали навистина сме во право за сѐ? На историско поле, јас би побарал гестови на добра волја. Добро, тие ќе ја пратат методологијата за нивните учебници во Софија, но зошто да не им ја испратиме и ние  нашата? Тие ќе прифатат дека Самуил е бугарски крал, а ние тогаш доброволно и без да не тера ЕУ да одлучиме да се извиниме за соучесништво во криминалната нацистичка окупација на Југославија и ликвидацијата на 12 илјади Евреи. Ако ме прашате мене - да направиме споменик во Софија во нивен спомен. Прашањето е каква цел си поставуваме: да се самодокажуваме или да се зближиме? 

Време е да започнат актите на почитување 

Секое обновување на односите меѓу нашите блиски народи мора да започне со акти на почит. Со „европскиот предлог“ ги притиснавме: сега на ред се победниците да направат гест на благородништво и да отстапат нешто. Можеме, на пример, да се откажеме од нашата апсурдна тврдоглавост за јазикот. Добар гест е да почнеме да ги преведуваме нивните официјални говори на нашите телевизии, но не сето, се разбира. 

Говор на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен пред македонското СобраниеФотографија: Petr Stojanovski

Во меѓународните односи нема авторски права врз националните јазици, а уште помалку една земја може да определи како соседот да го нарекува својот јазик. Самата Урсула фон дер Лајен тоа го кажа пред македонскиот парламент: „Нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик“. Ниту една од нашите фусноти нема да има во Европската унија, и според мене, сега е време да се откажеме од оваа тема - свечено, благородно.

Навистина, во Молдавија објавија дека нивниот јазик е романски, но ова беше нивна суверена одлука, а не резултат на уцена од Букурешт. Ако ме прашувате мене, раслојувањето на јазиците е крајно глупава појава - со распадот на Југославија, моите српски пријатели станаа полиглоти, затоа што српско-хрватскиот наеднаш се намножи во хрватски, босански, црногорски. Очигледно, во нашиот регион јазикот не е средство за меѓусебно разбирање, туку симбол на суверенитет над одредена територија, палка на некои елити против соседите.

Ако ми дозволите да мечтаам, еден ден можеби ќе организираме и една комисија за бугарско-македонскиот јазик, која би почнала да работи на приближување на двете јазични норми - нашата да ги вклучи западните верзии, нивната североисточните, да бараме меѓусебно збогатување преку експресивни фрази и зборови. Тоа е можно, ако еден ден успееме да ги надминеме навредите и евро-претерувањето. На овој начин, некои национал-популисти, потчинети од Русија, ќе останат без работа. Гледајќи ги нивните настапи во Скопје - личи на протест против заканата од невработеност. Па ти станува и смешно и тажно.

Ивајло Дичев Ивајло Дичев е долгогодишен автор и дописник на бугарската редакција на ДВ.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми