1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дијалогот Белград - Приштина продолжува, патот до целта е долг

2 септември 2011

Белград и Приштина денеска (02.09.2011) ги продолжуваат преговорите. Тие и натаму се прeд иста задача - да ги нормализираат меѓусебните однoси заради обостран напредок.

Основната цел на дијалогот Белград-Приштина е решавање на практичните прашања, што би водело кон подобрување на животот на луѓето, усогласување со европските стандарди и приближување на Западен Балкан кон ЕУ. На дневен ред на дијалогот се најдоа прашањата за матичните книги, катастарот, слободата на движење, функционирањето на српските телекомуникациски и енергетски компании на Косово, признавањето на дипломите, трговијата. По четири месеци и четири рунди разговори во Брисел, почетокот на јули ги донесе и првите договори кои не навлегуваа во непроменетите, дијаметрално спротивставени позиции на двете страни околу статусот на Косово. Така, Белград се согласи да ги отстапи копиите на матичните книги, олеснето е движењето на луѓето и на возилата, а постигнат е напредок и за признавање на универзитетските дипломи. Поздравувајќи го овој напредок, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон изјави: „Договорите за слободно движење, матичните книги и признавањето на дипломите се добри за двете страни. Тие не бараат одрекување од нешто, а  двете страни се во добивка“.

Наместо договор - слики на насилство

Иако ЕУ се надеваше дека наскоро ќе следат и нови договори, наредната рунда разговори, закажана за 20 јули, беше откажана токму поради непостоењето можности двете страни во моментот да се усогласат околу другите прашања. Додека српската и косовската делегација меѓусебно си ја префрлаа одговорноста за „нефлексибилност“, Брисел им порача добро да размислат: „Двете страни мора да размислат. Ќе се состанеме во септември и се надевам на брз прогрес“, изјави Роберт Купер, претставник на ЕУ во дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Во Северна Митровица неодамна никнаа барикадиФотографија: DW

Но, наместо приближување на ставовите, наредните денови следеше ескалација на состојбата. Косово, како одговор на непризнавањето на неговите царински печати од страна на Белград, воведе ембарго за стоката од Србија, а потоа се обиде да воспостави контрола врз граничните премини на север, каде живеат претежно Срби. Тие, пак, возвратија со поставување барикади, еден граничен премин беше запален, загина припадник на косовската полиција. Продолжувањето на дијалогот на двете страни тогаш изгледаше далечен и невозможен.

Нов обид во дијалогот, но нормализација на односите не е на повидок

Сепак, денеска делегациите на Белград и на Приштина, како што е планирано, ќе седнат на иста маса во Брисел. Една од најважните теми е решавањето на прашањето на царинските печати, за да дојде до нормализација на протокот на стока меѓу Србија и Косово. Иако ова се смета за практично-техничко прашање, во себе носи политички набој, зашто признавањето на печатите може да се толкува и како признвање на еден од симболите на независноста. Сето тоа говори дека пред Белград и Приштина е долг пат до она што Европа од нив го очекува, а тоа е нормализација на односите. Влогот е уште поголем ако се знае дека нормализацијата на односите значи деблокада на Косово но и побрз европски пат за Србија.

Автор: Марина Максимовиќ/ Жана Ацеска

Редактор: Борис Георгиевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми