1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дијалогот на Србија и Косово пред пресвртница

Ивица Петровиќ
12 јуни 2018

Бриселскиот дијалог на Белград и Приштина е во ќорсокак и неговото продолжение е неизвесно. Се најавува и нов тип на дијалог. ДВ анализира дали е можен некаков „Рамбује 2“ за Косово.

Boykottdrohungen gegen EU-Westbalkan-Gipfel
Фотографија: picture alliance/dpa/AP/V. Kryeziu

Врвот на властите во Србија дава противречни изјави. Така, од државните претставници може да се слушне дека дијалогот до крај на јуни е неизвесен, за потоа српскиот претседател Александар Вучиќ да каже дека до крајот на јуни очекува продолжение на дијалогот со Приштина.

Во секој случај, во Белград се оценува дека сѐ е неизвесно поради непредвидливото однесување на Приштина и дека сега е прашање за што воопшто може да се разговара и дали е можен каков било договор. Ако нема поместување во дијалогот, што е целта на сѐ, прашува Милован Дрецун, претседател на Одборот за Косово на српското Собрание.

Три варијанти на развој на случувањата

Официјален Белград, значи, смета дека дијалогот е на пресвртница и со таа оценка се согласува и политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ. Тој за ДВ наведува дека „Приштина не реализирала ништо од она што е договорено. Дијалогот се развива така што само Србија дава отстапки и поради тоа лично не гледам како дијалогот би можел да се продолжи доколку не се реализира она што веќе е договорено во Брисел, а тоа е пред сѐ Заедницата на српски општини.“

Досега имавме некој вид симулирање дијалог, во кое Србија за секое поглавје во европските интеграции даваше нешто, додава Анѓелковиќ, но сега дојде до линија кога Белград во тоа не може веќе да оди натаму доколку од албанска страна не се испочитува она што е претходно договорено.

И Душан Јањиќ од Форумот за етнички доноси смета дека Бриселскиот дијалог е на раскрсница. Постојат два пата - едниот е продолжение на дијалогот и потпишување на правно обврзувачки договор меѓу Белград и Приштина, а вториот е локално етнички судири и продолжение на напнатоста, оценува Јањиќ.

„Но постои и трета варијанта на развој на случувањата, а тоа е Бриселскиот формат потполно да се распадне и да пропадне сѐ што е досега направено. Тоа би значело дека тогаш се бараат некои други механизми, било тоа да се некои еднострани решенија или подолгорочно одлагање на патот на Србија кон ЕУ, а можеби и некои подрастични решенија“, предупредува Јањиќ.

Делегациите на Белград и Приштина кај ЕУ-шеф дипломатот Могерини во Брисел (архива, 24.01.2017)Фотографија: European Union

(Не)возможен Рамбује 2?

Српскиот претседател Александар Вучиќ од своја страна веќе најавува некаков нов тип дијалог на Белград и Приштина. Во таа смисла доста се зборува за вклучување во дијалогот на Русија и Америка. Според зборовите на Драгомир Анѓелковиќ, тоа можеби би значело „вклучување и на оние центри на моќ кои може да гарантираат дека Приштина ќе го исполни она што со нејзе е договорено. Србија нема работа само со Приштина, туку и со клучните западни сили кои може да ја притиснат Приштина доколку сакаат. Тие тоа досега не го сторија. Ми се чини дека на тој начин би се симнала завесата, би престанало префлањето на одговорноста на Приштина и дека оние кои всушност носат одлуки би морале да учествуваат во тоа и дека тоа и ги обврзува“, напоменува Анѓелковиќ.

Повеќе: 

Вучиќ ќе мора да ја „голтне жабата“ за Косово

Дијалог Белград - Приштина - „иднина“ од бриселските ходници

Доста внимание во Белград им е посветено на шпекулациите дека косовскиот проблем на крајот би можел да се решава на некоја конференција, како да речеме онаа во Рамбује. Меѓутоа, Душан Јањиќ напоменува дека овде се работи за злоупотреба на стари називи за нови и поинакви работи. Јањиќ ја објаснува клучната разлика меѓу Рамбује и косовскиот проблем денес. „Тоа всушност е фантазирање за повторно покренување на Контакт група за Балканот, дека Русија ќе седи на преговарачката маса и дека нејзината засилена улога ќе ѝ помогне на Србија. Рамбује, но и Дејтон, се организирани во време на вооружени судири. Војна сега нема и војна нема да биде дозволена. Покрај тоа, Русија тогаш имаше целосна соработка со Западот, што сега веќе не е случај и на Русија воопшто не ѝ одговара да се вклучува тоа. На Русија повеќе ѝ одговара предизвикување на кризата, управување со кризата, повремено заострување и да продаде малку своја стара технологија“, вели Јањиќ.

Од друга страна, Драгомир Анѓелковиќ смета дека единствено некаков договор на големите сили бо можел да доведе до позитивни резултати. Анѓелковиќ додава дека во Рамбује веќе биле поставени некои насоки од страна на Западот, дека Русија тоа го следела и дека Србија е изложена на притисок. „Мислам дека сега таква конференција и таков модел се невозможни. Можно е само доколку Западот и Русија се договорат за нешто, па потоа заеднички да извршат притисок врз српската и албанската страна тоа да го прифатат. Тоа не ми делува реално и не гледам дека Западот е подготвен на таков вид договор“, оценува Анѓелковиќ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми