Дијалог меѓу католиците и протестантите во Словенија
20 април 2009Словенечката римо-католичка црква е дел од римо-католичката црква под раководство на папата. Католиците, со 58 проценти, се најголемата верска група во Словенија. Во земјата има дури шест епархии. Само околу два проценти, односно 20.000 Словенци и‘ припаѓаат на протестантската црква. Но, и покрај ваквата верска нееднаквост, одлично функционира дијалогот меѓу католиците и протестантите во североисточниот регионот Прекумурје. Регионот е познат по добриот соживот.
Различните верски заедници живеат во меѓусебна толеранција. Стотици години во околината на главниот град на оваа област Мурска Собота, во слога живееат католици, протестанти, баптисти и други помали христијански групи.
Прекумурје отсекогаш било место каде се ширела толеранција
Фери Кузмич, долгогодишен протестантски пастор на црковната заедница во Мурска Собота за ова вели: „Уште со првите преселби овде беа собрани луѓе од различно потекло. Тие се навикнаа да живеаат заедно и секогаш ги прифаќаа новодојдените. Така на пример, кога протестантите во Австрија беа протерани, овдешните религиозни лица ги прифатија кај себе. Овој регион е навистина нешто посебно, а симбиозата на заедништво дури и за некои во Словенија е несфатлива“, објаснува Кузмич.
Соживотот понекогаш не е едноставен
За најголемата автохтона црква во Словенија, римо –католичката, ситуацијата во Прекумурје претставува особено голем предизвик. Имено, секојдневниот соживот на големиот број помали христијанско верски заедници не е воопшто едноставен. Меѓутоа, католичкиот пастор Јоже Хозјан во тоа гледа божја милост: „Јас во тоа гледам еден вид богатство. Секогаш кога се среќавам со верници од други религии нагласувам дека секој од нас има свој начин на верување и колку повеќе живееме според примерот на Исус, толку поголемо ќе биде нашето единство. Освен тоа, меѓусебе ќе се разбираме многу подобро.“
Во Словенија има околу 20.000 протестанти
По католиците, протестантите, со 20.000 верници, се втора по големина религиозна заедница во Словенија. Поголемиот дел од верниците живеат во Прекумурје.
Јана Кречмар повеќе години е пасторка во малата црковна општина Горњи Петровци. Инаку, таа по потекло е од Словачка и верува дека протестантите и покрај тоа што не се многубројно малцинство во земјата, не треба да се плашат од доминантноста на католичката црква. Напротив, меѓусебната толеранција на двете верски заедници особено се поттикнува, а ова ја објаснува и популарноста на христијанството во Словенија воопшто: „Начинот на живот на протестантите и католиците во основа е ист. Верската припадност не е од одлучувачка важност. За мене и мојата верска заедница најважно е секој да ја чува црквата во своето срце, а верата свесно да ја живее“, објаснува пасторката Јана Кречмар.
При толку многу хармонија и соживот ќе беше чудно доколку скандалот со братството Пиј и негирањето на холокаустот од страна на бискупот Вилијамс, негативно се одразеше врз популарноста на католичката црква и соживотот на протестантите и католиците во Словенија.
Автор: Метка Филипиќ / Бисера Огњановска-Митров
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска