Дијалог на културите: двојазично училиште во Бон
11 април 2006Ваквите проекти добиваат уште поголема важност во екот на дебатата за насилството во училиштата и интеграцијата на странците, што се разгоре по апелот за затворање на берлинското училиште Ритли.
„Католичкото основно училиште Мелем„ се наоѓа на јужниот дел од Бон и на прв поглед нема што да му го привлече вниманието на случајниот минувач. Но, внатре во неугледното здание се случува нешто што би можело да стане голем пример за многу други германски училишта. Овде имено се спроведува т.н. Коала концепт, односно „координирано двојазично описменување и почетна настава„. Овој проект веќе покажа добри резултати на неколку школски установи во три германски покраини, а и овде ја докажува оправданоста:
„Концептот на координирано описменување сосема не‘ увери во својата вредност. Го спроведуваме веќе втора година по ред и тоа е навистина многу повеќе од обично описменување на децата„ –вели директорката на училиштето Ани Кавка Вегман.
Таа појаснува дека оваа образовна установа изникнала од фузијата практично на две независни училишта. Едното било католичко училиште, во кое оделе претежно германски деца. Второто пак го посетувале претежно деца на доселеници и нивото не важело како многу високо. И сега отприлика половината од вкупно 325 деца се од доселенички семејства. Најголемиот дел од нив имаат арапско потекло, па затоа во склад со концептот Коала наставата повеќепати во текон на работната недела се одвива паралелно на германски и арапски.
„Одделенскиот наставник или наставничка така стои пред децата заедно со нивната наставничка по мајчин јазик и тие заедно ја водат наставата. Тие заедно и ги воспитуваат децата. Поволноста е во тоа што децата на доселениците така можат од самиот почеток на одењето на училиште да го слушаат мајчиниот јазик, што е од голема полза за концентрацијата на часот. А нашите германски деца од првиот час учат да не ги гледаат нивните арапски другарчиња како странци со недоволни познавања на германскиот, туку како деца кои одлично зборуваат некој друг јазик„ – ни појаснува повторно директорката на Основното училиште.
Според неа би било навистина страшно кога децата кои знаат и по два или дури три јазика би се оценувале како недоволни само затоа што уште не го познаваат доволно германскиот. Со овој вид на настава, меѓутоа, во одделението се создава некакво пријателство и соживот. Тоа не само што им го олеснува на децата на доселениците учењето на германскиот, туку и на германските ученици им дава можност да ги научат темелите на арапскиот јазик.
На овој начин се создаваат и нови пријателства, децата почнуваат да се посетуваат дома. А со тоа во позивитниот вител постепено се вовлечени и родителите. Така има веќе редовни средби на германси и арапски мајки на чај. На тие средби не се разговара за политика и разлики во религијата и традицијата, туку за вопситувањето на децата, за готвење, мода, козметика исл. Ваквиот успех во дружењето на мајките е постигнат благодарение на Бахија Мбаја, учителка по потекло од Тунис.
„Соработката на двете наставнички дава добри резултати за образованието на децата, бидејќи ние взамено се надополнуваме. Според моето доживување децата кои зборуваат арапски вака подобро и полесно учат, отколку само со германскиот. Тие добиваат сигурност и поддршка преку моето присуство во одделението. Јас сум многу задоволна, а децата ес навистина среќни со новиот метод на работа.„
Директорката Кавка Вегман признава дека при воведувањето на Коала методот дополнителни напори морале да вложат и родителите. Така родителите на децата од арапско муслиманско потекло на почетокот при спојувањето на двете училишта во едно имале проблеми што станува збор токму за католичко училиште. Но, откако се увериле дека овде нивните деца нема да бидат мисионирани и поттикнувани да ја сменат верата, тогаш одеднаш им било дури драго нивните деца да учат во школска установа со јасна религиозна ориентација. Таа како христијанка не ја гледа нејзината задача во мисионирање на децата од други религии, туку во поттикнување мирен соживот меѓу разните религии. А што се однесува до родителите на германските деца, таа е многу благодарна што:
„.. што се впуптија во проектот и што се осмелија заедно со нас да го спроведуваат новиот метод на описменување. Мислам дека ним им стана јасно оти нивните деца со тоа не можат да претрпат никаква штета. Напротив: кога сите деца во одделението имаат соодветен поттик за учење, тогаш е тоа подобро за сите!„
И директорката на Основото училиште во Бон и учителката особено нагласуваат дека родителите и на германските и на странските деца се потполно ангажирани и дека и тие и децата носат дополнителни домашни задачи на викенд или дури за време на школскиот распуст. Сето што децата можат да го научат во училиштето е вистинско богатство:
„Имаат шанса да живеат овде во Германија и можат се‘! Можат да зборуваат течно арапски, можат да пишуваат, да напишат писмо или расказ на арапски, но и на германски. Децата од ова училиште имаат можности, какви што не би имале ни дома во татковината. Тие можат слободно да се изразат, да критизираат, имаат можност да учат како од германската, така и од арапската страна. И затоа тврдат дека децата се навистина среќни!„ – вели учителката од Тунис, Бахија Мбаја.
Во крајна линија времето ќе покаже колку е таа во право, но досегашните искуства во Основното католичко училиште во Бон Мелем покажуваат дека децата на лесен и разигран начин добиваат добра подлога за соживот меѓу разните култури и традиции.