Длабока болка
11 март 2010Во 9 часот и 33 минути, моментот кога 17-годишниот Тим К. влезе вооружен во училниците и застрела девет ученици и тројца наставници, се огласија црковните ѕвона во гратчето, а учесниците во комеморацијата создадоа човечки синџир околу зданието на училиштето Албертвил.
Тешки мигови
Околу 900 ученици, нивни наставници и роднини на загинатите се собраа рано изутрина во една сала блиску до училиштето Албертвил за да им одадат почит на жртвите. За време на комеморацијата беа проектирани слики од животот на жртвите и се читаа стихови. За многумина од учесниците ова се тешки мигови:
„Ова ќе биде уште една тешка задача за мене, бидејќи овој ден сигурно ќе отвори нови дупки во моето сеќавање“, изјави Харди Шобер, чија ќерка Јана беше меѓу жртвите на масакрот.
Директорката на училиштето Астрид Хан исто така носи тешки трауми од настанот: „Вакво нешто никој не може да заборави, јас во секој случај не можам. Тоа беше најстрашниот настан во целиот мој живот!“
Основана фондација која се ангажира против насилството во училиштата
Преживеаните и најблиските на жртвите, сепак, се обидуваат да најдат сила и да го свртат погледот кон иднината. Веќе има планови за обнова на досегашната училишна зграда, која од денот на масакрот стои празна. Наставата се одржува во импровизирани контејнери. Најблиските на жртвите, како таткото Харди Шобер, во меѓувреме основаа и фондација, која се ангажира против насилството во училиштата.
Автор: ГЧ/ЖА/дпа/дв
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска