1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Длабоки поделби во ЕУ околу Западниот Балкан

БГ /АФП
16 февруари 2018

На неформалниот самит на ЕУ министрите за надворешни работи во Софија на виделина излегоа длабоки поделби меѓу земјите во врска со плановите за членство на земјите од Западниот Балкан.

Bulgarien Sofia EU-Außenministertreffen
Фотографија: Imago/photothek/F. Gaertner

Бугарскиот премиер Бојко Борисов, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, предупреди дека моментот е „сега или никогаш“ за проширување на ЕУ кон Балканот, особено поради стравот од растечкото влијание на Москва во регионот.
Минатата недела ЕУ ја објави Стратегијата за регионот, во која се наведува намерата да им се даде членство на некои земји до 2025 година, доколку дотогаш ги исполнат сите услови.
Фаворити за членство се Црна Гора и Србија, додека Македонија, Албанија, БиХ и Косово заостануваат, но сите шест држави се нестрпливи да тргнат напред откако ЕУ го сопре проширувањето пред четири години.
„Доколку нема проширување сега, нема да има друго време за проширување“, изјави Борисов.

„Инаку, Кина, Русија и Турција веќе имаат планови за регионот, и тие ќе започнат денес“.

Министрите за надворешни работи на ЕУ разговараа за Стратегијата за Западниот Балкан во Софија, додека лидерите на земјите од регионот ќе се состанат на специјален самит на таа тема во мај годинава во бугарскиот главен град.

Хан: вратите за Западниот Балкан се отворени

00:48

This browser does not support the video element.

2025- прерано или предоцна?

Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто оцени дека рокот од 2025 година е „премногу доцна“ за Црна Гора и Србија и ги повтори предупредувањата на Борисов за опасноста од надворешните играчи.

„Очигледно е дека САД имаат стратегија за Западниот Балкан, Русија има стратегија за Западниот Балкан, Турција има стратегија за Западниот Балкан- само ЕУ е екстремно бавна“, рече Шијарто.

„Доколку сериозно работиме на тоа, ние, Европската Унија, да бидеме победници во однос на стратегиите и во однос на напорите за Западниот Балкан, треба да бидеме многу побрзи“. 

Повеќе на темата: 

Балканот е на потег

Голема приказна за Западен Балкан и ЕУ во 2018-та

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров вели дека е тешко за земјите да одат напред во вистинската насока доколку „се заклучени во чекалницата“. Но тој предупреди да не се преувеличува улогата на Русија во регионот.
„Не мислам дека треба да се преценува, но не треба ни да се потценува“, рече Димитров.
„Сведоци сме на враќање на геополитиката, на некој начин, но не мислам дека регионот има алтернатива- Европа е единствената опција“.

Нерешени спорови

Но, ЕУ не сака да прима нови членки додека тие не ги решат меѓусебните проблеми, особено во регионот кој се уште ги чувствува последиците од војните во 1990-те години.
Србија и Косово се уште спорат околу иднината на покраината која прогласи независност пред 10 години, додека Македонија и Грција се обидуваат да го решат деценискиот спор околу името. Во меѓувреме, и самата Унија е вовлечена во нерешениот спор за поморската граница меѓу Хрватска и Словенија.

Карл ЕрјавецФотографија: DW/I. Kashchey

Словенечкиот министер за надворешни работи Карл Ерјавец вели дека „не е реалистично“ да се очекува дека Србија и Црна Гора ќе бидат подготвени за членство до 2025 година.
„Мислам дека не е можно да се исполнат условите до 2025 година и тоа може да биде проблем за проширувањето на ЕУ но и за Западниот Балкан“.
И Германија не е приврзаник на планот за брз прием на земјите од регионот во ЕУ, особено поради недостатоците во однос на владеењето на правото кои се присутни и во некои земји-членки на ЕУ како Романија, Бугарија, Полска и Унгарија.

„Тукушто доаѓам од Србија и Косово и состојбата е извонредно тешка. Ќе зборуваме отворено за ова“, рече германскиот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел.

„Кој ќе биде прво во Белград- Кина или ЕУ? Тоа е она на што треба да се спротивставиме, затоа што се работи за нашето непосредно соседство“, рече австриската министерка за надворешни работи Карин Кнајсл.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми