1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Добредојдовте“ во нацистичко село!

Ханс Фајфер/бг1 септември 2015

Веќе со години, десничарските екстремисти се „главни“ во селото Јамел. Наспроти нив стои една брачна двојка која не дозволува да биде заплашена од неонацистите и организира рок-концерт кој им е „трн во око“ на радикалите

Фотографија: DW/H. Pfeifer

Вонредна состојба во Јамел: единствениот приод кон селото е затворен. Оној кој сака внатре, мора прво да одговори на прашањата на полицијата. Јамел се наоѓа во шума, на крајот на слепа улица која води низ пченкарни полиња и плантажи со овошје- недалеку од брегот на Балтичкото море. Минатиот викенд тука беше одржан музичкиот фестивал „Рок за шумарот“.

Меѓу присутните владее шаренило: во публиката се млади, но и постари луѓе, некои дури и во инвалидски колички, некои во костуми, има панкери, но и познати музичари. Сите сакаат да минат два дена во забава - и да и‘ упатат на јавноста порака против десничарското насилство и екстремизам. Но, полицијата не е тука за да ги штити малубројните жители на селото од масата посетители, туку обратно! Добредојдовте во нацистичкото село Јамел!

Семејството ЛомајерФотографија: DW/H. Pfeifer

„Примерно нацистичко село“

Новодојдените прво мораат да се пријават кај Хорст Ломајер и неговата сопруга Биргит. Тие својата манифестација „шумски рок“ ја организираат на своето земјиште среде селото. Семејството Ломајер живее во Јамел од 2004 година, и тоа под полициска заштита. Пред почетокот на годинешниот фестивал, запалена им беше шупата. Иследниците пронајдоа хепо-коцки и врз таа основа заклучија дека пожарот бил подметнат. Тоа го знае и семејството Ломајер, на кое десничарските екстремисти со години му се закануваат. Кога некој продава земјиште, неонацистите го купуваат и го доделуваат на истомисленици. Храбриот брачен пар сака тоа да го спречи. Но, тоа е тешка задача, тие двајца се практично сами.

„Ајде до селото!“, им довикува еден млад човек на своите пријатели. Обиколката на селото е едно од најнепријатните доживувања за време на фестивалскиот период. Мнозинството посетители се одлучуваат на такво нешто само затоа што насекаде се присутни полициските патроли. Прошетката изгледа како патување низ времето во Германија за кое сите мислат дека одамна е минато: онаа Германија од времето на нацизмот.

Патокази сѐ до родното село на Хитлер!Фотографија: DW/H. Pfeifer

Ариевска општествена хигиена

Сред село е поставен голем мурал на кој се гледаат русокос маж со сопругата и дете. Над нив натпис: „Селска заедница Јамел“ и паролата на новите нацисти: „Слободно-Социјално-Национално“. Сликата ноќе е осветлена. Само неколку метри понатаму се патоказите. Имињата на местата се напишани со готика. Една стрелка го покажува правецот за Виена, „Остмарк“ како што нацистите некогаш ја нарекуваа Австрија. Друга табла го покажува правецот за Браунау на Ина - родното место на Адолф Хитлер. Тука е и игралиштето за децата на десничарските екстремисти. Украсено е со трупец во кој е врежана петнаесеттата буква од старата германска азбука, истата онаа која ја користеа и СС-единиците на Хајнрих Химлер како симбол на здруженито Лебенсборн.

Целта на тоа здружение беше одржување на ариевската хигиена во општеството и зголемување на ариевскиот наталитет. На селскиот пат среќаваме жена со две русокоси деца кои галат едно ждребе. Ја прашуваме што мисли за семејството Ломајер: „Тие живеат таму, јас живеам овде“, вели. А нацистичките мурали?- „Мене не ми пречат“.

Рок-концерт во градинаФотографија: DW/H. Pfeifer

Десничарските семејства не одат на рок-концертот, но и тие нешто слават: децаат поаѓаат на училиште. Има и гости од други места. Некои ги украсиле автомобилите со знамиња од Германскиот Рајх. Седат, разговараат, а од рака до рака кружи двоглед со кој набљудуваат кој влегува во селото. Одвреме-навреме низ селото ќе прошетаат ќелави и тетовирани мажи, колку да се покажат. Тие, како и нивниот лидер Свен Кригер, во чија куќа беше пронајден митралез со 200 куршуми, се секогаш подготвени на насилство. И добро знаат дека во текот на 363 дена во годината се мнозинство во селото. Освен овој викенд.

Бидејќи претходниот викенд, како и секоја година во август, селото беше дел од нормална Германија. По последниот пожар, солидарноста со семејството Ломајер е поголема од кога било. Речиси сите кои го поддржуваат храбриот брачен пар велат дека тие не би можеле да издржат да живеат сами во такво место. Но сеедно, сите сакаат да покажат дека демократски ориентираните граѓани се мнозинство во земјата.
Ломајерови се одушевени од солидарноста. „Тоа е многу силен симбол“, вели Хорст Ломајер. Нему и на неговата сопруга им е потребна поддршка за да добијат сила за секојдневниот живот во селото. Шефот на градежниот синдикат им предаде чек во вредност од 10 илјади евра. Тој вели дека луѓето мораат да се побунат против „русокосата глупост“. Заслугата на Ломајерови е во тоа што ги „направија видливи нацистите. Никој веќе не може да каже: кај нас ги нема“.

Во Јамел годинава минаа и познати гости: премиерот на сојузната покраина Мекленбург Предна Померанија како и сојузната министерка за семејство. Изненадувачки концерт приреди легендарната рок-група „Ди тотен хозен“. Рок-ѕвездата Кампино се поклони пред храбриот брачен пар - Биргит и Хорст беа трогнати до солзи.

По два дена, тие повторно останаа сами во своето село. Им остана само полицијата - и натаму секоја ноќ еден патролен автомобил ќе дежура пред нивните врати. Но Ломајерови не отстапуваат. Бидејќи Јамел е и нивно село.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми