1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорот од Даблин е мртов

Бернд Ригерт/превод: К. Краљевска21 август 2015

Се’ повеќе бегалци и азиланти се слеваат во правец на ЕУ. Товарот не е размномерно распореден меѓу државите, но кој е подготвен тоа да го промени? Повеќето држави не се заинтересирани за нешто такво, смета Бернд Ригерт.

Фотографија: Reuters/S. Loos

Пред 25 години државите-членки на Европска унија ги усвоија ткн. Даблински правила (Даблински договор) за прифаќање на азиланти. Целта беше државите од Европска унија проблемот со азиланти да не си го префрлаат од еден на друг грб. Требаше да се разјасни кој е тој што треба да се грижи за оние кои пристигнуваат и бараат азил во државите во Европска унија.

Првите одредби од договорот не ни стапија на сила, а веќе се водеше жестока дискусија за тоа дали предвидената распределба на азиланти по државите е правилна и остварлива. Во меѓувреме, веќе важат правила, кои се наречени „Даблин III“. Во суштина, правилото предвидува дека за регистрација на азиланти и донесување одлука за нивните барања е надлежна државата на ЕУ на чија територија прво стапнале.

Со текот на годините, правецот по кој се движат бегалците кон ЕУ е променет. Моментално, главен товар на згрижување е врз грбовите на Италија и Грција. Се менуваа и државите на потекло на бегалците, во зависност од конфликтите и кризата околу Европската унија. Од почеток на војната во Сирија драстично порасна бројката на азиланти од тие земји.

Кризата, која сега ја преживуваме, можеше да се предвиди. Зголемување на бројката на азиланти, не е изненадување. Уште во октомври 2014 година, кај министрите за внатрешни работи во ЕУ, заради прогноза за бројката на бегалците, се вклучи алармот. Меѓутоа, малку од европските држави се подготвија, за она што ги чека. Азилантската политика очигледно се води кампањски, се реагира на моменталната состојба, а не врз основа на прогноза, можеби во надеж дека бегалците на крајот сепак ќе чукнат на врата на соседите.

Правилата „Даблин“ очигледно не се моќни

Таа надеж е лажна, бидејќи кон Европа оваа година се слеваат реки од бегалци на разни страни: од Сирија и Ирак. политички бегалци од Еритреја и Нигерија, т.н. „економски“ бегалци од други афрички држави и од Западен Балкан. По правилата на „Даблин III“, за прифаќање и за регистрација на повеќето од тие бегалци по правило се задолжени Грција, Италија, Бугарија и Унгарија.

Меѓутоа, правилата усвоени во Даблин очигледно веќе не важат, тоа неодамна јавно го призна и Ангела Меркел, германски канцелар, во интервју за германски јавен сервис ЗДФ. Некои држави, поради огромна бројка на бегалци, едноставно не се во состојба да им обезбедат пристојно сместување. Некои држави тоа и не го сакаат.

Ситуацијата на грчкиот остров Кос е драматична и жалосна, но владата во Атина веќе со години не е во состојба, ниту пак сака да воспостави функционален систем за прифаќање на бегалците, иако од Берлин за тоа и‘ се нудат пари. Истото тоа, но во поблага форма, важи и за Италија. Таа регистрира помалку азиланти, отколку што реално пристигнуваат во таа земја. Многу бегалци патот го продолжуваат во правец на север во Европа.

Државите од југот на Европа укажуваат на тоа дека е неправедно што тие носат поголем товар. Некои аргументи говорат во прилог на тоа, но би било добро кога сите лидери на ЕУ ќе признаат: договорот од Даблин е мртов. Но, што сега?

Мнозинството не поддржува квоти

Државите во Европска унија со години разгледуваат нов систем за прифаќање на бегалците. Европска комисија покрена иницијатива за воведување квоти, прво на доброволна основа. За тоа, министрите за надворешни работи на ЕУ не постигнаа договор. Моментално поголем дел од барањата за азил, ги прифаќаат само пет држави. Во случај на воведување квоти, тие би биле во добивка, а останатите 23 ќе мора да почнат да прифаќаат поголем број бегалци - првенствено Велика Британија и Шпанија, како и бројни источноевропски држави, кои и заради тоа го отфрлаат овој предлог.

Затоа е добро тоа што германската канцеларка проблемот со бегалци го прогласи за следен голем заеднички проект, со кој мора да се занимава ЕУ и на тој начин да покаже дека е во состојба да делува уникатно. По зборови, треба да следат и дела.

Речиси две децении Европа дебатира за единственен систем и праведна распределба на азиланти. Германија покажува интерес да се подобри сегашниот систем, бидејќи таа земја моментално прифаќа повеќе бегалци, отколку што треба кога би бил воведен системот на квоти. По тој систем во Германија ќе завршуваат околу 16 отсто од вкупната бројка на бегалци, а сега таа прифаќа околу 30 отсто.

Меѓутоа, ако се погледне просек од последните седум години, тогаш сликата повторно се менува. Германија во тој период приближно ја исполни својата квота, Италија презеде многу малку, а Грција премногу бегалци.

Многу празни зборови

Поради различни интереси на 28 земји-членки, изгледа дека воведување на квоти во догледно време е невозможно. Повиците на Жан Колд Јункер, шеф на Европска комисија, дека државите во ЕУ мораат да покажат повеќе солидарност, остануваат без слух. Уште долго ќе трае, додека не се променат ставовите по прашање на миграција, вселување и азил.

Фразата за „потреба за соработка со земјите од кои доаѓаат бегалците“ може да се заборави. Бегалските судбини не ги интересираат властодршците во Сирија, Либија, Еритреја и други земји.

Европска унија може да влијае единствено на некои африкански држави или на демократски уредени држави на Балкан. За таа цел планирани се и конференции со африкански држави во ноември, а со државите од Западен Балкан во текот на следната недела. На таа конференција, конечно работите ќе се стават на маса и ќе се донесат конкретни заклучоци. Но, и барањето да се направи такво нешто, долго е присутно. Тоа постои речиси 25 години, колку и првиот договор од Даблин.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми