Договорот од Преспа ги скара Мицотакис и Ципрас
15 февруари 2022Грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис и лидерот на Сириза, Алексис Ципрас, разменија остри критики и обвинувања околу Договорот од Преспа за време на расправата во грчкиот парламент за Законот за набавка на воени авиони од Франција.
Ципрас му порача на Мицотакис дека едно говорел во предизборието, а друго откако е на власт. Грчкиот премиер, пак, тврди дека неговиот став секогаш бил ист - ако договорот се ратификува, тој не може да се промени.
Според Ципрас, Нова демократија како опозиција тврдела дека „Договорот со Северна Македонија е предавнички“ и ги „фанатизирала“ граѓаните да излезат на протести, а потоа ги предале. Грчкиот премиер, одговарајќи му на Ципрас, потсети дека тој во парламентот го изразил неговото силно несогласување за аспекти на Договорот од Преспа, гласајќи против него.
„Изјавив јасно и без резервираност, целосно информирајќи го грчкиот народ, дека во случај грчките граѓани да ни дадат доверба, нема да бидеме во позиција да го промениме, бидејќи претставува меѓународно ратификуван договор на грчката држава.Тоа е она што го кажав од оваа говорница“, истакна Мицотакис.
Ципрас возврати дека за нив како прогресивна партија, „надворешната политика на Грција се рефлектира во Договорот од Преспа“, додека за Владата на Мицотакис „надворешната политика на Грција се рефлектира во отстапувањето на неодредено време на базата во Александрополис на Американците“.
Грчкиот премиер го праша Ципрас дали додека тие биле на власт „дијамантот на круната на надворешната политика на Сириза е Договорот од Преспа“ и дали тоа е нивен „голем национален успех на кој се толку горди“.
Преспанскиот договор, со кој Македонија го смени името во Северна Македонија, беше потпишан во јуни 2018 година меѓу тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и претходно порачуваше дека Договорот од Преспа има грешки кои „не можат да се излечат“, но дека Грција се стреми кон подобри односи со Северна Македонија. Мицотакис во интервју за грчката телевизија „Антена“, во јануари објасни дека неговата критика за договорот не се однесува на името, туку на македонскиот јазик и македонската етничка припадност, што верува дека е голема грешка.