1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорот од Преспа под лупа - кој го кочи процесот?

ДТЗ
31 август 2021

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас доаѓа во официјална посета на Северна Македонија. На маса ќе бидат ставени неисполнетите обврски од договорот. 

Türkei | Nikos Dendias zu Besuch in Ankara
Грчкиот министер за надворешни работи Никос ДендиасФотографија: Adem Altan/AFP/Getty Images

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас доаѓа во официјална посета на Република Северна Македонија. Негов домаќин ќе биде министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Посетата на грчкиот министер за надворешни работи е во значаен период кога околностите на регионот и глобалните кризи налагаат заедничко координирање и дејствување меѓу двете соседните земји, со што се потврдува и унапредува стратешкото партнерство, велат од МНР. 

Предвидено е министрите да дискутираат за билатералните односи, за напредокот во развојот на стратешкото партнерство, случувањата во регионот, посебно од аспект на неговите интегративни процеси, како и во случувањата пошироко во светот, со посебен осврт на најновите ангажмани во борбата за справување со пандемијата и состојбите во Авганистан. Според најавите, двајцата министри се очекува да стават на маса - што досега е реализирано, а на што треба да се фокусираат во наредниот период, како обврска преземена со потпишувањето на Преспанскиот договор меѓу двете земји. 

Проблемот со трите меморандуми

По повеќе од три години, Северна Македонија согласно договорот го промени официјалното име на државата, по што следеше промена на таблите и имињата на државните институции, започна отстранувањето на сонцето од Вергина, а од 1 јули започна и издавањето на документи со новото име на државата. Но, како тече имплементацијата на обврските од договорот во Грција? 

-повеќе на темата: Сонцето од Вергина уште е „трн во око“ за Грција

Поранешниот грчки премиер, Алексис Ципрас, деновиве говорејќи за Договорот од Преспа рече дека е модел за решавање на разликите, на мирен начин, заштитувајќи ги националните интереси и градење на доверба во најтешки времиња.
„ЕУ мора активно да го поддржи Договорот од Преспа, мора да стори сé што е потребно за да се одржат Меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија, како и да се постигне напредок во преговорите Белград- Приштина“, порача лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас на свечената манифестација во Мунстер, Сојузна Германија, за време на доделувањето на Меѓународната награда за мир на Вестфалија.

Зоран Заев и Алексис Ципрас на Преспа форумот во Охрид.Фотографија: Government North Macedonia

Токму Ципрас на 2 април 2019 година, заедно со македонскиот премиер Зоран Заев потпишаа три меморандуми кои произлегуваа од Договорот потпишан во Нивици. Но, по промената на власта во Грција, меморандумите останаа заглавени во парламентот во Атина, кој не ги ратификуваше. Станува збор за економската соработка меѓу двете земји, забрзувањето на македонските европски интеграции и контрола на македонскиот воздушен простор.  

Лидерот на СИРИЗА неодамна упати критики до актуелната грчка Влада и премиерот Кирјакос Мицотакис дека иако го почитува Договорот од Преспа, сепак на неодредено време ја одложува ратификацијата на трите меморандуми за соработка со С. Македонија. „И навистина се прашувам каде се скрија сите оние кои тогаш со омраза се бореа против договорот што ги бранеше и ги брани националните интереси. Но денес, самиот господин Мицотакис кој тогаш беше во првите редови на оваа борба, од една страна изјавува дека го почитува договорот, но од друга страна, покажувајќи политички кукавичлук и лицемерие, ги одложува на неодредено меморандумите за соработка со Северна Македонија, меморандуми кои го штитат националниот интерес, бидејќи обезбедуваат грчките воени авиони да бидат тие кои ќе го надгледуваат воздушниот простор на нашата соседна земја“, рече Ципрас. 

-повеќе на темата: САД ќе ги става на црна листа сите кои се против Охридскиот и Преспанскиот договор

Грчкиот весник „Катимерини“ кон крајот на јуни објави дека Атина ќе ја одложи ратификацијата на три меморандуми за соработка меѓу Северна Македонија и Грција во парламентот, поради „твит“ на премиерот Зоран Заев за време на натпреварот С. Македонија – Холандија во Амстердам. Со тоа ратификацијата на меморандумите наместо во јули, ќе се случи во септември. Заев на Твитот напиша „македонска фудбалска репрезентација“, по што Грција го повика на целосно почитување на Преспанскиот договор во врска со името на земјата, вклучувајќи ги и меѓународните спортски натпревари. На овој „твит- инцидент“ му претходеше и посета на Заев на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара, која Грција официјално не ја коментираше, а македонската јавност од неа не дозна ништо. Дали Заев од Ердоган побарал или добил и нешто друго што на Грција не и се допадна- остана непознато, а формално целата посета се сведе на подарок од 30.000 вакцини.  

Кирјакос Мицотакис и Зоран Заев во Солун, во 2019 година. Фотографија: Government of the Republic of North Macedonia

Меѓувладина седница

Одржувањето на втората меѓувладина седница е исто така предизвик кој претстои во односите меѓу двете земји. Согласно Договорот од Преспа, Советот за соработка на високо ниво предводен од премиерите на двете земји, „ќе се состанува најмалку еднаш годишно и ќе биде надлежно тело за правилно и делотворно спроведување на оваа Спогодба и Акцискиот план кој ќе произлезе од истата“. Првата меѓувладина седница беше одржана во Скопје во април 2019 година, при посетата на тогашниот премиер на Грција, Алексис Ципрас. Грција треба да биде домаќин на наредната средба. 

Договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција беше потпишан на 17 јуни 2018 во местото Нивици на грчката страна на Преспанското езеро. Тој му стави крај на спорот кој траеше цели 27 години. Договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција беше потпишан на 17 јуни 2018. Со новото име, Северна Македонија стана 30-та членка на Северно-атлантскиот воен сојуз, НАТО и се наоѓа непосредно пред почеток на пристапните преговори со ЕУ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми