1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорот се одржа во живот: разговорите ќе продолжат!

Катерина Блажевска24 октомври 2015

На полноќната средба лидерите се согласиле разговорите да продолжат, со цел да се надминат несогласувањата околу обврските од Договорот од Пржино

Нема финален договор, но од денеска на билатерално ниво ќе продолжат преговорите за спроведување на обврските од договорот во Пржино. Тоа е епилогот од два и пол часовните разговори кои почнаа синоќа на полноќ во Клубот на пратениците, меѓу лидерите на партиската четворка: Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи. На средбата, покрај европскиот олеснувач Питер Ванхауте, присуствуваа и амбасадорот на ЕУ Аиво Орав и заменикот амбасадор на САД.

Ванхауте очекува наредната недела да се надминат несогласувањата.

Се договоривме да продолжиме да се договараме. Можам да оценам дека имавме корисни разговори. Ќе продолжам со средбите на билатерално ниво, бидејќи се покажува дека тоа е покорисно. Потоа ќе закажам и средба во полн состав. Очекуваме тие преговори да се интензивираат и да се надминат сите спорни точки“, изјави Ванхауте по средбата, со став дека „е делумно оптимист“.

На средбата биле отворени прашањата за специјалниот јавен обвинител, изборот на министри и заменици-министри, за законите за „бомбите“ и за заштита на свиркачите.

По средбата партиските лидери не дадоа изјава.

Пренесена пораката од ЕУ

Пред полноќната лидерска средба, амбасадорот на ЕУ Аиво Орав заедно со амбасадорите на Германија, Италија, Холандија и заменик-амбасадорот на САД, беа на средба со премиерот Никола Груевски во Владата.

По средбата, амбасадорот на Италија, Масимо Белели, кратко изјави дека целта на средбата била да му ја пренесат на премиерот пораката од ЕУ.

Разговаравме со Груевски. Немаме специјална изјава туку само ја пренесовме пораката од ЕУ и солуциите“, изјави Белели.

Последиците кои ќе ги има Македонија ако не се спроведе Договорот од 2 јуни/15 јули на лидерите им ги посочил и еврокомесарот Јоханес Хан, кој присуствуваше на претходната рунда разговори која заврши со неуспех. Истото го предочи и олеснувачот Ванхауте, предупредувајќи дека ако не се постигне согласност за точките од Договорот до понеделник, преговорите ќе бидат прогласени за пропаднати, а Македонија ќе се соочи со меѓународни санкции и изолација и најверојатно ќе ја изгуби и препораката за преговори за членство во ЕУ.

И Груевски со „лекција“

На само два часа пред средбата со амбасадорите, и Груевски упати своја „порака“ во однос на Договорот, преку говорот одржан на свечената академија по повод Денот на македонската револуционерна борба.

Договорот од јуни и јули треба да се почитува без разни толкувања од интересите на политичките партии. Тој не може да служи како појдовна точка за нови преговори и договори. Секој политичар и секој кој сака да помогне во реализацијата на политичкиот договор треба да пристапува со максимална сериозност, одговорно и посветено. Зборот не може да биде збор за нов збор. Тој што потсетува за зборот треба да потсети на друго место, а не пред македонскиот народ“, рече Груевски.

На кого му е упатена пораката? Европскиот олеснувач Питер Ванхауте е тој што потсетуваше дека треба да се почитува дадениот збор, откако некои од лидерите се повлекуваа од претходно договорените решенија. Разочаран од такви игри, тој учесниците во разговорите и преку парола напишана на хартија ги потсети дека „зборот е збор“. Деновиве Ванхауте се соочува со жестоки и оркестрирани напади од провладини медиуми, кои го обвинуваат за удар врз државноста и уставноста на Македонија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми