1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција реализира, Грција доцни

Бернд Ригерт/З.Ј.4 август 2016

Договорот на ЕУ со Турција не функционира како што е планирано. Но, причина за тоа не е Турција, туку Грција. Поради тоа бавно оди враќањето на одбиените бегалци, како и нивната прераспределба.

Фотографија: picture-alliance/augenklick/S. Matzke

Турција се заканува дека веќе нема да се придржува кон договорот со ЕУ за бегалци, доколку до октомври не биде воспоставен безвизен режим за Турците за влез во Унијата. Во Брисел си го поставуваат прашањето дали договорот е навистина потребен и дали тој воопшто функционира?

Одговорот не е недвосмислен. Бројката на баратели на азил кои се префрлуваат од Турција во Грција, навистина е драстично намалена. Но, според проценки на експерти, причина за тоа е политиката на ЕУ во однос на азилантите, која се потпира врз затворање на балканската патека и зачаурување, што дејствува за одвраќање на мигрантите. Веќе и изгледите да бидат вратени од грчките острови во Турција очигледно ги обесхрабрија многумина бегалци да не тргнуваат на скапата и опасна пловидба.

Само мал број бегалци се вратени во ТурцијаФотографија: picture-alliance/dpa/O. Panagiotou

Бројката на протерувања во Турција од таканаречените „хот-спотови“ - центрите за регистрирање на бегалците на грчките острови во Егејот, е далеку помала отколку што претпоставуваа архитектите на договорот за бегалци од март годинава. Од април до крајот на јули само 468 луѓе се вратени назад во Турција, а се очекуваше да бидат илјадници. Жан-Клод Јункер, претседател на Комисијата на ЕУ, тогаш зборуваше за „Херкулова задача“ за ЕУ и најголема логистичка операција што мора да ја организира Комисијата на ЕУ во краток временски рок.

Нереални, претерани планирања?

За поддршка на грчката управа, за која ова беше преголема задача, државите од ЕУ требаше да испратат во Грција до четири илјади службеници. Врз основа на тоа надлежните власти на ЕУ – агенцијата за заштита на границите Фронтекс и агенцијата за азил ЕАСО – го побараа тој персонал од земјите членки. Но, до денес во Грција за протерувањето се ангажирани само 61 преведувач, 92 експерти за азил, двајца експерти за протерување и 66 припадници на пограничните служби, значи вкупно 221. Таа релативно мала бројка е доволна за исполнување на задачите на грчките острови, првите барања беа превисоки, рече портпаролка на Комисијата на ЕУ.

Постапката во Грција, која треба да доведе до враќање во Турција на сириските бегалци од граѓанската војна и на илегално допатуваните мигранти, трае значително подолго отколку очекуваните неколку денови или недели. Сега, четири месеци подоцна, одвај е завршена привремената регистрација на барателите на азил, како што соопшти ЕАСО во понеделникот. Бегалците допрва ќе бидат повикани на фактичка регистрација и на разговор, па дури потоа ЕАСО ќе донесе решение за прифаќање или отфрлање на барањето за азил. Одбиените баратели имаат и право на жалба. Наредните чекори во постапката, како што еднаш превентивно најавија ЕАСО и грчките власти, „сигурно ќе траат уште неколку месеци“.

Се чека на Грција

Од 20. март бегалците веќе не ги носат од островите на копното, па сега во хот-спотовите се наоѓаат 9399 лица, со што се одамна надминати нивните капацитети. Во цела Грција, според тамошните власти, има 57115 привремено регистрирани баратели на азил, а целосно е завршена постапката за одвај 588 лица. „Проблемот не е во тоа дека ЕУ не нуди доволно помош, туку дека постапките траат толку долго. Тесно грло се грчките власти надлежни за одобрување азил“, вели дипломат од ЕУ кој сака да остане анонимен.

Проблем не се ни парите. Токму минатата недела Комисијата на ЕУ одобри натамошни милиони евра за грчкиот систем за азил. Владата уште бара 2500 нови соработници за таа област. Ако Турција прекине да ги прифаќа одбиените баратели на азил, тоа во почетокот ќе нема некакви конкретни последици во Грција. Проблематично, од агол на гледање на ЕУ, би било само психолошкото дејство врз бегалците и мигрантите кои сега чекаат во Турција – тие би можеле да се почувствуваат охрабрени сепак да тргнат кон Грција, иако од таму не ќе можат да отидат понатаму кон Западна Европа.

Протест поради преполнетите бегалски прифатилишта на ЛезбосФотографија: DW/C. Strack

Забавено прераспоредување внатре во ЕУ

Директната прераспределба од Грција во други земји на ЕУ на „оние кои очигледно имаат потреба од заштита“, како што е предвидено во заклучоците од самитот во март, се одвива во минимален обем. Од ланското лето се прераспоредени 2681, а беше ветено преселување на речиси 12000 лица. Овде, според службеници на ЕУ на кои им е позната постапката, проблем е колебливоста на државите што треба да ги примат, како и крајно долготрајната постапка на избор на лицата што доаѓаат предвид за преселување.

Градоначалникот на градот Кос на истоимениот остров, во писмо до грчката влада предупредува на последиците од некој натамошен бран на бегалци: „Тоа би била катастрофа за нашите обиди да ги ограничиме загубите во туризмот“. Министерот за прашања на бегалците Јанис Музалас во изјава за булеварскиот весник „Билд“ превентивно побара некаков план во случај Турција да го откаже договорот за бегалците. „Не ни е потребен план Б, оти го имаме планот А кој се спроведува“, одговори Мина Андреева, портпарол на Комисијата на ЕУ.

Неприфатливи услови во бегалските кампови?Фотографија: picture alliance/NurPhoto/N. Economou

Здравствените власти бараат затворање на грчките бегалски логори

И состојбите во привремените логори во Грција можеби исто така влијаат за одвраќање на бегалците. Тие не одговараат на меѓународните стандарди, сметаат не само невладините организации, туку и грчката влада. Тамошниот Центар за контрола против зарази на почетокот на јули посети 16 прифатилишни логори, по што препорача сите да бидат затворени. Поради недоволната хигиена и снабдување со вода тие претставуваат опасност за бегалците и за жителите, е оценето во извештајот.

Ситуацијата во Грција веројатно уште би се заострила доколку Турција го откаже договорот за бегалците. Или состојбите во Грција и затворената балканска патека се доволно застрашувачки за да ги држат бегалците во Турција? Тоа се прашуваат не само во ЕУ во Брисел – но нема јасен одговор.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми