1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договор за името не значи решение на сите проблеми

Елизабета Милошевска Фиданоска
18 април 2018

Првпат по долго време сум полн со надеж дека е можен пробив во спорот за името, но тоа не значи дека се решени сите проблеми, вели за ДВ Гунтер Крихбаум, претседател на Комисијата за европски прашања во Бундестагот.

Gunther Krichbaum Bundestag
Фотографија: picture-alliance/dpa/Zipi

ДВ: Европската Комисија даде препорака за почеток на пристапни преговори со Македонија, но датум сѐ уште нема. Што значи тоа за земјата која до пред една година беше во длабока политичка криза?

Гунтер Крихбаум: По годините на застој, тоа, се разбира, е охрабрувачки сигнал. Тоа пред сѐ покажува дека Европската Унија не ја заборави Македонија. Перспективата за приклучување и натаму постои, тука нема никаков сомнеж. Сега од Македонија зависи колку брзо ќе се случи приклучувањето.

Само што се вративте од посета на Македонија. Што, според Вас, ќе биде најголемата пречка на евроинтеграцискиот пат на земјата?

Централен проблем во текот на изминатите години, се разбира, беше спорот за името со Грција. Но, сакам сосема јасно да кажам едно: дури и ако се постигне договор за името на државата, проблемите на Македонија ни оддалеку не се решени. Напротив, спорот за името во минатото можеби дури и покриваше многу проблеми кои земјата ќе мора да ги реши на патот кон зачленување во ЕУ и НАТО. Ендемска корупција, недостиг на економска конкурентност и недостатоци во делот на правната држава - сето тоа стои во преден план. За тоа се неопходни многу реформи кои ќе мора да се спроведат не за да се задоволат Брисел или Берлин, туку тие во прва линија се за доброто на граѓаните, кои на тој начин ќе добијат нови перспективи. Тоа ќе помогне за ставање крај на масовното иселување на младите добро образовани Македонци.

ЕУ стави јасно до знаење дека не сака да увезува билатерални конфликти. Македонија и Грција прават интензивни напори да најдат решение за спорот околу името. Сметате ли дека е можно решение во наредните месеци, на пример пред самитот на НАТО во јули?

Во текот на мојата посета на Македонија минатата недела имав исклучително добри разговори со членови на Владата, со пратеници и претставници на цивилното општество. Првпат по долго време сум полн со надеж дека е можен вистински пробив во овој конфликт, кој трае уште од 1990-тите.

Германија е пријател на Македонија и на Западниот Балкан и тоа го докажува со својата политика кон регионот и многуте проекти за поддршка. Каква улога игра геостратешкиот интерес и поволноста на политичкиот момент за ЕУ-интеграцијата?

Со Берлинскиот процес земјите од Западниот Балкан би требало да добијат поддршка во своите реформски напори. Точно е дека регионот има и стратешка улога за Германија и за целата ЕУ. Но, тоа не значи дека поради тоа ќе има попуст во делот на неопходните реформи - ниту во Македонија ниту кај другите кандидати за членство. Секоја земја која сака да стане членка на ЕУ мора да ги исполни предусловите за тоа.

Како гледате на иднината на Македонија и на Западен Балкан? Која од земјите ќе биде подготвена за зачленување во ЕУ до 2025 или 2030 година?

За темпото на пристапните преговори одлучуваат само одделните влади, кои го определуваат темпото на реформи. Земјите од Западен Балкан имаат перспектива за приклучување во ЕУ уште од самитот во Солун во 2003 година. Тоа важи и за Македонија. Тука Германија си стои цврсто на зборот, но која земја каков напредок ќе постигне до 2025 или 2030 година, денес не може да се предвиди.

Гунтер Крихбаум (ЦДУ) е претседател на Комисијата за европски прашања во Бундестагот. Тој минатата недела предводеше делегација со германски пратеници кои беа во посета на Македонија.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми