1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Засега крај на трговската војна помеѓу САД и Кина

Рајнхард Клебер
29 јуни 2019

Трговскиот конфликт помеѓу САД и Кина им штети не само на двете најголеми економии, туку и на остатокот од светот. Сега претседателите Трамп и Ши се договорија да разговараат.

Japan Osaka | G20 Gipfel | Donald Trump und Xi Jinping
Фотографија: Reuters/K. Lamarque

Патот за нов почеток на преговорите помеѓу САД и Кина за надминување на трговскиот конфликт е отворен. Американскиот претседател Доналд Трамп по средбата со кинескиот колега Ши Џинпинг на маргините на самитот на Г20 во Осака изјави дека разговорите биле „извонредни“. САД ветиле дека веќе нема да воведуваат казнени царини за кинескиот извоз, јави кинеската агенција Ксинхуа. Деталите сега треба да ги договорат преговарачки тимови од двете земји. Во меѓувреме, Трамп на прес-конференција соопшти дека САД засега нема да воведуваат нови специјални царини за увозот од Кина.

Ши по средбата нагласи дека се надева оти кинеските претпријатија ќе бидат третирани фер. Двете земји треба да бидат партнери, рече Ши и додаде дека Кина е сериозна со преговорите. Конфликтот треба да се реши преку разговор, смета кинескиот лидер.

Фотографија: Reuters/K. Lamarque

Шефицата на Меѓународниот монетарен фонд, Кристин Лагард, ја поздрави најавата за повторен почеток на преговорите, но потенцираше дека конфликтот и натаму останува сериозен риизк за светската економија. „Уште еднаш ќе нагласам дека приоритет мора да биде отстранување на трговските пречки - новите и старите, царините и другите работи.“

Во трговската војна, САД за речиси половината од увозот од Кина воведоа царини од 25%, а Кина реагираше со контрамерки и свои царини. Трговскиот конфликт ги кочи и двете економии, а експертите предупредуваат дека несигурноста е проблем и за светската економија.

Повеќе:

Трамп против Кина - лудилото на казнени царини

Кина против САД: војна за економска превластКолкава штета и нанесуваат царините на Трамп на кинеската економија?

По самитот на Г20, американскиот претседател Трамп изјави дека повторно ќе бидат дозволени испораки од американски претпријатија за кинескиот концерн Хуавеи. Тој на кинескиот претседател Ши му ветил дека на Хуавеи и натаму ќе му бидат продавани технолошки производи. Претходно, американската влада го означи Хуавеи како закана за националната безбедност и го стави на црна листа. Со тоа беа строго огранучени зделките со концернот, кој е втор по големина производител на смартфони во светот. Постапката на Вашингтон, според Пекинг, е доказ дека американската влада следи политички мотиви и дека има намера да го спречи економскиот и технолошкиот подем на Кина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми