1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев ќе се третира како „неуредно поканет“ на суд?

Катерина Блажевска2 јули 2015

Правосилноста на обвинението не ја нарушува улогата на Заев во преговорите. Тој на суд има можност да ги компромитира доказите на обвинителот, вели поранешниот државен јавен обвинител, Љупчо Шврговски.

Фотографија: DW/K. Blazevska

Ќе биде ли уапсен Заев? Не е ли лицемерно судски да го гонат „насилникот против Груевски“ кој преговара со Груевски за излез од кризата? Ова се дел од прашањата кои ги поставува јавноста, откако судот завчера го прифати обвинението против Заев во случајот „Пуч“, а лидерот на СДСМ на тоа вчера одговори: „Не го признавам правосудството како независна власт, нема да одам на рочишта, нека ме уапсат“.

Поранешниот државен јавен обвинител, Љупчо Шврговски, вели оти изјавата на Заев дека не го признава правосудството, не може да се коментира само од еден аспект, бидејќи е јасно дека таа има политичка импликација.

„Тоа е негов личен став и одлука. Но, постапката во ваков случај е јасна. Ако Заев не се појави на судско рочиште, а бил уредно поканет, Законот за кривична постапка предвидува процедура според која треба присилно да биде доведен“, вели Шврговски.

Според него, суптилноста на моментот во кој доаѓа ваквата судска одлука – четирипартитни политички преговори за излез од политичката кризата во кои Заев е еден од учесниците, не треба да биде ограничувачки фактор за постапување на судството.

„Правосилноста на обвинението не значи дека на Заев му се нарушува значењето и улогата во актуелните политички разговори или други активности. Напротив, тој има мегдан да се брани на суд и можност да ги компромитира доказите на обвинителот. Тоа е негово легитимно право, а дали ќе успее во тоа, е прашање на судска одлука. Законите се напишани и нормите се кодифицирани за да се спасиме од анархија. Затоа, непризнавањето на правосудството не може да биде урнек за ничие идно однесување. Државата има легални и легитимни инструменти преку кои ја реализира својата функција, токму за да се оневозможи анархија, бидејќи во спротивно, секој би правел што сака“, дециден е Шврговски.

Неуредно поканет?

За разлика од Шврговски, актуелни судии и обвинители вчера бегаа од каков било коментар за одлуката на Заев и неговата оценка дека правосудството е под целосна контрола на премиерот Никола Груевски. Обвинители се правдаа со „долги состаноци“, а судии со ставот дека не е нивна надлежност да коментираат политички изјави. Сепак, неофицијално прогнозираат дека е мала веројатноста за присилно доведување на Заев на рочиште, барем додека траат политичките разговори и дека „картата“ на која најверојатно ќе се игра во таа насока, е дека „не бил уредно поканет“. Но, подготовките за судскиот процес забрзано течат. Завчера, по електронски пат бил избран судија кој ќе го води предметот „Пуч“, но засега не го соопштуваат неговото име. Од изборот биле изземени судиите кои биле дел од составот на Советот за оценка на обвинителниот акт и оние од претходната постапка, кои ги предлагале мерките на претпазливост или притвор. Судијата што ќе го води преметот „Пуч“ има максимален рок од 60 дена, односно најдоцна до 1 септември, да закаже термин за главна расправа, но терминот може да биде закажан и многу порано од крајниот рок.

На новинарско прашање, како ќе продолжат политичките преговори ако заврши во притвор поради недоаѓање на судско рочиште, Заев вчера одговори: „Ќе дојдат во Идризово, односно во затворот Шутка, останатите претседатели на политичките партии“.

Тој објасни и зошто продолжува да доставува документи до Обвинителство, во ситуација кога не го признава правосудството.

„Рековме дека ќе продолжиме да ја оставаме трагата за времето во кое живееме и работиме. Ако не се поднесат документи и докази до обвинителството за `се што поседуваме и за `се што и во иднина ќе поседуваме, никогаш никој нема да одговара за ништо во оваа земја. Ако денеска имаме нелегитимно правосудство, тоа не значи дека така ќе остане и понатаму. Токму една од борбите што ги водиме и една од целите е - правда и правичност за сите, покрај борбата за слобода, демократија и за европските вредности, генерално“, рече Заев.

Но, слична борба најавија и негови незадоволни сограѓани. Во кампот во градскиот парк во Струмица, тие побараа оставка од градоначалникот. Во нивно име зборуваше Димитар Ангелов, пензионер од Струмица.

„Заев треба да си замине од позицијата градоначалник, да се соочи со народот и да распише нови локални избори. Заев не е градоначалник на струмичани. Тој е само лидер на неговата партија. Тој не обрнува ни трошка внимание на Струмица. Наместо да бега, да држи пресови во Скопје и во други градови, нека дојде тука во Струмица, каде што ние го плаќаме“, рече Ангелов.

Како аргумент дека Струмица не е на неговата „мапа“, ја поочија изјавата на Заев дека ако треба да биде лишен од слобода, може да го најдат „или во просториите на СДСМ или во 'Кампот на слободата'“.

Во извештајот на Рајнхрад Прибе се нотирани исклучително сериозни недостатоци во судствотоФотографија: Petr Stojanovski

Заложбите и практиката во расчекор

Партиите учесници во преговорите, вчера не ја коментираа одлуката на Заев за непризнавање на судството. Во дипломатски кругови, пак, владее „извесна загриженост“ за развојот на настаните во последната фаза од разговорите, кои треба да финишираат до крајот на неделава. Неофицијално, некои од дипломатите „во разговор со домашни политички лидери“ ја реактуелизирале темата судство, за која во извештајот на Рајнхрад Прибе се нотирани исклучително сериозни недостатоци, а за кои, меѓу другото, Владата неодамна најави акциски план за нивно решавање. Имено, било укажано на се‘ уште евидентен расчекор меѓу прифатените забелешки, најавени реформски заложби и тековната практика.

На слични состојби укажа и анализата што ја изработи Институтот за човекови права, чиј претседател е судијката Маргарита Цаца-Николовска. Таа вчера ја презентираше анализата за независноста на Судскиот совет во земјава, во која се детектираат најголемите слабости во функционирањето и големата недоверба на граѓаните во оваа институција. Станува збор за шестмесечен проект, во чии рамки е направена анкета со 1.200 испитаници од 80 различни општини. На анкетни листови одговарале и судии, а биле мониторирани и седниците на Судскиот совет (СС) и одлуките кои ги донесувал. Според резултатите од анкетата, над 50 отсто од испитаниците главно имаат доверба во Судскиот совет, 47,6 отсто сметаат дека тој не работи професионално. Од анкетираните 58,9 отсто се изјасниле негативно на прашањето за објективноста на изборот на судии во СС, а 52,5 отсто вината за проблемите во судството ја гледаат исклучиво во актуелната извршна власт. Дури 56 отсто сметаат дека СС го врши изборот на кандидати за судии под притисок.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми