1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доделена Мировната награда на градот Ахен

2 септември 2010

Мировната награда на градот Ахен оваа година ја добија двајца свештеници со различна заднина, но со иста цел: поголема хуманост во светот. Наградата беше доделена вчеравечер (01.09.2010), во Ахен.

Петер Брант и Марко АранаФотографија: picture-alliance/dpa

Денот на Светскиот мир во Германија се прославува на 1 септември. На овој ден, уште од 1988 година, се доделува Мировната награда на градот Ахен. Со неа се одликуваат личности кои се залагаат за мир и меѓусебно разбирање. Оваа година, наградата им беше врачена на Петер Брант и Марко Арана - нив цврсто ги поврзува визијата за мир и разбирање во светот.

Петер Брант, свештеник од Евангелистичката црква и претседател на здружението „Феникс“ од Дуизбург, со години ревносно се залага против расизмот во Германија. Свештеникот со нигериско потекло уште како дете го почувствувал расизмот на своја кожа, па мировната награда, како што вели самиот, е мотив и понатаму да работи на искоренување на расизмот од германското општество. Како добро упатен поборник за човековите права, Брант вели дека дискриминацијата во земјата се јавува во сите аспекти од секојдневниот живот:

„Во поново време се појавија поинакви форми на расизам, како на пример, страв од жените кои носат шамии или страв од исламот, воопшто. Старите форми на расизам во земјата се преточуваат во расизам кој се` почесто е насочен против луѓето со исламска вероисповед.“

Мировната награда на градот Ахен се доделува уште од 1988 година

Овогодишен странски добитник е католичкиот свештеник Марко Арана од Перу кој со мировни средства се бори против безобѕирното ископување злато во неговото родно место, каде страдаат и луѓето и животната средина. Арана вели дека во Перу е забележан брз економки раст, но од него профитираат само неколкумина на грбот на сиромашните луѓе. Социјалните конфликти, повредувањето на човековите права и уништувањето на природата земаат се` поголем замав. Затоа, Арана сега сака да дејствува од највисоко политичко ниво, па ќе се кандидира на следните претседателски избори во земјата, што беше недозволиво за Католичката црква, која го суспендира од неговата служба:

„Многу општествени организации сметаат дека е особено важно да постои човек кој ќе се залага за човековите права и заштитата на животната средина на политичко ниво. Актуелната политика во земјата воопшто не обрнува внимание на овие проблеми.“

Со Мировната награда на градот Ахен организаторите, меѓу другото, сакаат да ги претстават овие хумани личности пред пошироката јавност и гласно да ги поддржат во нивниот ангажман за меѓучовеко разбирање. За таа цел, обезбедена беше и сума од две илјади евра.

Автори: Моника Дитрих / Улрике Цимерман / Далибор Стајиќ

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми