1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Додик побара мирен распад на БиХ

28 ноември 2011

Иако не се познати деталите од состанокот во Италија, на кој се разговарало за компатибилноста на Уставот на БиХ со ЕУ, сигурно е дека договор на политичките лидери или „Дејтон 2“ немало. Додик го напуштил состанокот.

Најголемиот дел од политичарите во БиХ ги осудуваат изјавите за распад на земјатаФотографија: DW

Големите очекувања од состанокот во Италија се распаднаа по вториот ден, бидејќи на виделина излегоа сите разлики во ставовите на парламентарните партии околу иднината на БиХ. На состанокот, чија тема беше „дали уставот на БиХ е компатибилен со ЕУ“, зборувале сите лидери, но излагањето на Милорад Додик предизвикало најмногу реакции. Најпрво се шпекулираше дека Додик демонстративно го напуштил собирот, поради несогласувања на состанокот, но таа вест беше демантирана од фондацијата „Конрад Аденауер“, од каде соопштија дека Додик го најавил своето заминување, поради претходно преземени обврски.

Милорад Додик бара менување на уставот за да се овозможи мирен распад на Босна и ХерцеговинаФотографија: AP

Како што е соопштено, немало разговори за формирањето на Советот на министри на БиХ, но се изнесени ставовите на лидерите за гледањето на БиХ и нејзиното идно уставно уредување. Додик рекол на состанокот дека децентрализираното уредување на БиХ не е неспоиво со праксата на ЕУ.

„Сметавме дека евентуалното уредување во новиот уставен документ во некоја иднина подразбира и да се разработи механизмот за мирен распад, предводен со Уставот“, смета Додик.

Не може на мирен начин

Ваквото излагање на Додик предизвика остри реакции кај лидерите на останатите партии кои присуствуваа на состанокот. Потпретседателот на СДП, Денис Беќиревиќ вели дека ги предупредил учесниците од опасноста од ваквото размислување.

„Не постои ниту теоретска можност за мирно распаѓање на БиХ“, нагласува тој.

И лидерот на СДА, Сулејман Тихиќ, кој на состанокот отиде со намера да иницира разговори за Советот на министри, не беше задоволен со излагањето на Додик.

„Тука беа на посебен начин загрижувачките изјави на господинот Додик, кој уставните промени ги ограничи на спроведувањето на пресудата Сејдиќ и Финци. Зборуваше за потребата со Уставот да се дефинира мирно раздружување на БиХ“, изјави Тихиќ.

Големите очекувања за договор меѓу политичките лидери за европската иднина на Босна и Херцеговина се распаднааФотографија: AP

Консензус само за „Сејдиќ Фици“

Единствениот консензус меѓу лидерите е постигнат во делот кој се однесува на пресудата на Сејдиќ и Финци, но не и за моделите за нејзино спроведување. Лидерот на ХДЗ 1990, Божо Љубиќ, вели дека на состанокот се изнесени ставови на кој начин се гледа излезот од кризата, но и дека ништо ново не е кажано.

„Искажана е одлучност и на овој состанок на лидерите дека во наредните денови ќе ги продолжиме разговорите и контактите со настојување да се дојде до усогласени ставови за Советот на министри. За тоа не се водени никакви формални разговори“, рече Љубиќ.

Во италијанскиот град Каденабиј, лидерите на парламентарните партии ќе учествуваат до 29 ноември во работата на собирот под наслов „Дали Уставот на БиХ е компатибилен со ЕУ?“, кој го организира германската фондација „Конрад Аденауер“. На собирот учествуваат претставници од партиите застапени во парламентот на БиХ.

Свои излагања минатиот викенд имаа и директорот на Одделението за Европа при заедничката служба за надворешни работи на ЕУ, Мирослав Лајчак и известувачот во Европскиот парламент за БиХ, Дорис Пак.

За можните промени на Уставот на БиХ на патот кон ЕУ зборуваа и членот на Европскиот парламент, Јелко Кацин и специјалниот претставник на ЕУ за БиХ и шеф на делегацијата на ЕУ во БиХ, Петер Соренсен.

Автор: Драган Максимовиќ / Александар Методијев

Редактор: Горан Чутаноски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми