Доживотен затвор за убиство во илегална автомобилска трка
27 март 2019
Судот им ја потврди доживотната затворска казна на двајца возачи кои тркајќи се низ улиците на Берлин предизвикаа смрт на едно лице. Се заоструваат законите против илегалните трки и брзото возење.
Реклама
Февруари 2016: двајца возачи се тркаат во центарот на Берлин. Возат со 170 километри на час низ познатиот булевар Курфирстендам. Го игнорираат црвеното светло на семафорите. На крстосницата еден од автомобилите удира во 69-годишен човек. Тој умира на лице место.
Сега, три години подоцна, Покраинскиот суд во Берлин донесе пресуда против двајцата возачи. По втор пат. Марвин Н. и Хамед Х. осудени се за убиство на доживотен затвор (насловна фотографија). Првата пресуда од пред една година беше укината од Врховниот сојузен суд во Карлсруе бидејќи не беше доволно образложена.
Смртта како нужно зло
Во новата пресуда, Покраинскиот суд во Берлин образложува дека е докажано оти двајцата обвинети, кои сега имаат 30 и 27 години, имаат долго возачки стаж и дека смртта на 69-годишникот ја „примиле со леснотија“ и тоа како „нужно зло“.
„Она што се случило немало никаква врска со невнимание. Обвинетите без причина си играле со животите на повеќе луѓе“, рече претседавачкиот судија. Тој додаде дека возачите биле „нарцисоидни и безобзирни“, и дека буквално ги обожувале своите автомобили.
Двајцата мажи возеле низ Курфирстендам со голема брзина. Возачот кој денес има 30 години, удрил во џип кој го возел пензионерот и тој починал на лице место. Возачите кои се тркале речиси и да не биле повредени.
Во завршните зборови на судењето, обвинетиот 30-годишник призна дека тој „кога би можел, би сакал да го исправи она што се случило“. И 27-годишникот нагласи дека „сака искрено да се извини“.
Низ белградските улици со 200 на час
02:22
Нов закон
Од октомври 2017 година на учесниците во илегални трки со автомобили во населени места им се закануваат многу построги казни. Во Кривичниот закон сега постои членот 315д во кој се наведува дека, доколку во текот на „забранета трка со автомобили“ биде предизвикана смрт на трето лице, може да биде изречена затворска казна до 10 години. Сепак, во споменатиот берлински случај, тој член не може ретроактивно да биде применет. Според статистиката, полицијата во Берлин од воведувањето на новите правила до крајот на 2018 година водела истраги во 298 случаи на илегални автомобилски трки.
Врховниот сојузен суд на почетокот на март во еден друг случај потврди дека безобзирниот возач може да биде осуден и како убиец. Па така, на казна доживотен затвор во 2017 година беше осуден маж кој со украдено такси возило усмрти едно лице и повреди две други.
Германците и нивните автомобили
Без оглед на скандалот со дизел горивото, автомобилите се дел од германскиот национален идентитет. Но колку е навистина длабока љубовта на Германците кон пријателите на четири тркала?
Удар за автомобилската индустрија
Репутација на славните германски автопроизводители доживеа голем удар, но продажбата и натаму расте. Сепак, германските брендови сочинуваат помалку од две третини од сите возила на германските патишта. Притоа се работи за чисто машка „територија“: само една третина од сопствениците на возила во 2017 година се жени. Интересно, таа бројка воопшто не се промени во последната деценија.
Фотографија: picture alliance/dpa
Една деценија на пат
Германските патнички возила, полека старееја, од 8,1 година во просек пред една деценија, до највисокиот просек во историјата од 9,7 години во 2017. Патем, Германија воопшто не е во светскиот врв според возила по глава на жител. Таа е на 20 место - 17 места зад САД, каде на секои десет жители има осум автомобили. Најмалку моторизирана земја во светот е Того.
Земја на олдтајмери
Околу 600 илјади возила - околу 13 проценти од сите возила на германските патишта се сметаат за олдтајмери, што значи дека се постари од три децении. Околу 380 илјади имаат историски регистерски таблички кои се добиваат доколку се докаже дека возилото е сочувано со оригиналната состојба.
Фотографија: Imago/imagebroker/friederich
Постепена моторизација
На 1 јануари 2017, во Германија беа регистрирани 45,8 милиони патнички возила. Во однос на населението од 82,8 милиони, тоа значи дека има 684 автомобили на илјада жители. Денес, има пет пати повеќе автомобили во земјата отколку пред половина век, кога беа регистрирани околу 9 милиони возила.
Во земјата на БМВ
Просечната старост на возилата во Германија варира од покраина до покраина. Веројатно не е изненадување што во Баварија, домот на БМВ и покраина со најголем приход по глава на жител, просекот на старост на возилата е најмал. Просечната старост на возилата на патиштата во Бранденбург, покраината околу Берли, надминува една деценија.
Фотографија: picture alliance/dpa/A. Gebert
Германија заостанува
Иако бројот на возила на бензин остана стабилен во последната деценија, нивниот удел се намали на две третини од сите мотори во 2017. Бројот на дизел возила порасна од 10 на 15 милиони од 2008 наваму. Електричните и хибридните возила комбинирано сочинуваат само 0,5 проценти, или вкупно 200 илјади. Во Норвешка уделот на електричните возила е повеќе од 1 процент.