1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Доживотен затвор за неонацистката Беате Чепе

Саша Бојиќ
11 јули 2018

Беате Чепе, членка на терористичката група НСУ, доби казна доживотен затвор поради десеткратно убиство. Јавноста сепак не дозна зошто германската држава била неефикасна во борбата против неонацистичките терористи.

Deutschland NSU Prozess
Фотографија: Reuters/M. Rehle

Беате Чепе (43 години), членка на терористичката група Националсоцијалистичко подземје, е осудена на казна доживотен затвор како соучесник во убиствата на девет мигранти (мнозинството со турско потекло) и една полицајка, мотивирани од омраза кон мигрантите во Германија. Кообвинетиот Ралф Волебен е осуден на десет години затвор поради обезбедување оружје за НСУ и помош во извршување убиства. Кообвинетиот Холгер Г. е осуден на три години затвор, Андре Е. на две и пол години и Карстен С. на три години затвор за неполнолетни лица.

Судењето почна пред пет години, на 6, мај 2013. година пред Високиот покраински суд во Минхен.

Што е НСУ?

Националсоцијалистичко подземје, НСУ, беше неонацистичко терористичко здружение формирано околу 1999. година. Според досега познатите официјални информации, него го сочинувале двајца мажи: Уве Мундлос и Уве Бенхарт и една жена - Беате Чепе. Сите тројца по потекло се од градот Јена, од 1998. година живееле во илегала во Кемниц и Цвикау. Тие се обвинети дека меѓу 2000. и 2007. година убиле девет мигранти и една германска полициска службеничка, за извршени три напади со експлозив (во Нирнберг во 1999. година, Келн 2001. и 2004. година), како и за 15 вооружени грабежи. Полицијата проценува дека ширум Германија имале мрежа од околу 100 до 200 помагачи, меѓу кои некои се функционери на десноекстремистички партии.

Кога беше откриено постоењето на НСУ?

Во Хајлброн на 26. април 2007. година беше убиена полициската службеничка Мишел Кизеветер. Во убиството прво никој не виде поврзница со други нерешени убиства. По пропаднатиот грабеж на банка во Ајзенах од 4. ноември 2011. година, телата на наводните ограбувачи се пронајдени во запалена камп-приколка. Тоа беа Уве Бенхарт и Уве Мундлос. Тие, како што тврди полицијата, си ги одзеле животите за да избегнат апсење. Дека тие биле припадници на десничарско-екстремистичката и тероистичка група НСУ и дека биле одговорни за серијата убиства, стана јасно нешто подоцна и тоа по видео-снимката испратена на адреса на медиуми и различни организации на странци во Германија. Уште една копија од видео-снимката полицајците открија во урнатините на станот, разнесен од експлозија на 4. ноември во градот Цвикау, во источна Германија. Експлозијата била дело на Беате Чепе, која од 1998. година живеела во илегала со Бонхарт и Мундлос. 

Жртвите на НСУФотографија: picture-alliance/dpa

Каква е улогата на тајната служба?

Германската Служба за заштита на уставниот поредок во текот на низа години во опкружувањето на НСУ уфрлила многу шпиони и во неонацистичката сцена имала свои платени информанти. Тие луѓе, како припадници на тајната служба, не можеа да бидат сведоци во процесот. Истото се однесува и на нивните налогодавачи и контакт-лицата во самата Служба. Откако и во самата Служба за заштита на уставниот поредок се уништени повеќе пакети со доказен материјал, стана јасно дека и таа самата систематски оневозможувала расветлување на десетте убиства, 43 обиди за убиство и 15 грабежи. Од аспект на семејствата на жртвите, расветлувањето на злосторствата на НСУ е неуспешно. Роднините на убиените се надеваа на ветувањето на германската канцеларка Ангела Меркел, изречено на 23. февруари 2012. година во текот на комеморацијата за жртвите од НСУ: „Ќе направиме сѐ за да ги расветлиме убиствата, да ги откриеме соучесниците и сите извршители да ги извадиме пред лицето на правдата.“ 

Повеќе: 

НСУ - Пледоаје со јасна порака

НСУ: една ужасна годишнина

Семејствата на жртвите на неонацистичките убиства бараат објаснување

Кои прашања останаа отворени?

Многу прашања останаа неодговорени. Едно под нив, кое посебно ги мачи членовите на семејствата на убиените е: како НСУ ги избирала своите жртви? Одговор не даде ни самата Беате Чепе. Таа за убиствата наводно дознавала дури по нивното извршување. Правните застапници на семејствата на жртвите се уверени дека НСУ имала многу повеќе приврзеници отколку оние кои се изведени пред судот во Минхен. На едно од најважните прашања: како една терористичка група можела да убива и ограбува речиси цела деценија, а притоа да остане неоткриена, исто така нема задоволувачки одговор. Службата за заштита на уставниот поредок секако за тоа знае повеќе отколку што ѝ откри на јавноста. Отворени прашања имаат и бројните комисии за истражување на злосторствата на НСУ. Во Бундестагот постоеја две комисии, а последната ја предводеше демохристијанинот Клеменс Бинингер. И тој се сомнева во тезата за трио составено само од Беате Чепе, Уве Мундлос и Уве Бенхарт.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми