Домашна задача: испланирај терористички напад!
27 август 2010Петнаесетгодишната Сара на австралиското радио прочита како гласела темата на домашната задача: „Замисли дека си терорист кој сака да испрати политичка порака на тој начин што во некој австралиски град би пуштил хемиски или биолошки отрови. Целта е да бидат убиени што поголем број цивили. Досегот на смртоносното дејство на хемиските или биолошките супстанци со кои располагаш е само 200 метри.“
Мајката на Сара на австралиското радио изјави дека нејзината ќерка била вџашена, зашто индиректно веќе знаела за последиците на терористички напади. „Едноставно не можев да поверувам дека тоа им го дале као домашна задача.Еден наш роднина загина во бомбашки напад на Бали, што многу ја погоди Сара“, изјави нејзината мајка.
Наставничката ја признала грешката
Многу од школските другари на Сара ја изработиле оваа домашна задача, но уште пред нивните планови за напад да бидат оценети, училишната управа ги повлекла. Шарин О‘Нејл, генерална директорка од Министерството за образование призна дека наставничката направила грешка и таа жали што дала таква задача. Истовремено, таа ја пофали Сара и нејзината цивилна храброст. „Нашите наставници дават задача врз основа на темите кои се наоѓаат во наставниот план. Во случајов, станува збор за груба погрешна оценка на наставничаката, која имала цел на учениците да им ја даде темата ’судири’“, изјави Шарин О‘Нејл.
Тероризмот во Австралија е многу чувствителна тема. Минатите години австралиски граѓани во повеќе наврати беа жртва на терористички напади, меѓу другите во Џакарта минатата година и на Бали во 2002 и во 2005 година.
Автор: Бернд Муш Боровска/ Жана Ацеска
Редактор: Александра Трајковска