Резултати од првиот круг на Локалните избори во Македонија
БГ
18 октомври 2017
Во вториот изборен круг на 29 октомври ќе се прегласува во 35 општини. Се очекуваат неизвесни битки за гласови во неколку поголеми градови. Поднесени се вкупно 48 приговори за гласањето во првиот круг.
Реклама
За конечно конституирање на советите и преземањето на градоначалничките функции ќе треба да мине и жалбениот рок, по што избраните функционери треба да добијат уверенија од ДИК. Она што е сигурно, иако не и официјално потврдено, е изборот на 46 градоначалници во првиот круг вклучително и во градот Скопје. СДСМ досега има освоено 38 градоначалнички места, ВМРО-ДПМНЕ три (Илинден, Петровец и Сопиште), ДУИ две (Кичево и Пласница), исто колку и група избирачки (Ранковце и Чучер Сандево), а Демократската партија на Турците едно градоначалничко место (Центар Жупа).
Излезноста, според податоците на ДИК, била 59,5 проценти.
На 29 октомври ќе се прегласува во 35 општини. Во 20 од нив, битката ќе се води меѓу кандидатите на двете најголемите политички партии- СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Од поинтересните ги издвојуваме: Штип каде актуелниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ Илчо Захариев по првиот круг имаше предност од само 36 гласови во однос на противкандидатот од СДСМ, Благој Бочварски; Кавадарци каде Митко Јанчев од ВМРО-ДПМНЕ водеше со помалку од 600 гласови пред Бетиане Китев од СДСМ; Гази Баба- каде кандидатот на СДСМ, Борче Георгиевски имаше предност од нешто над илјада гласови пред актуелниот градоначалник Тони Трајковски; Кисела Вода каде кандидатот на СДСМ, Филип Темелковски водеше пред кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Јохан Тарчуловски со разлика од 1.600 гласови... Тесни и неизвесни трки се очекуваат и во скопските општини Шуто Оризари и Бутел, како и во Виница и Демир Капија.
Неизвесно ќе биде и во неколку општини со мнозинско албанско население, каде битка ќе водат три партии- ДУИ, Беса и Алијансата на Албанците. Во вториот круг за градоначалници ќе се одлучува во Тетово, Боговиње, Сарај, Врапчиште, Гостивар, Дебар, Долнени, Желино, Липково,Теарце, Студеничани и во Струга.
Локални избори за голем пресврт на политичката сцена
Исходот од локалните избори кои се одржаа на 15 октомври, освен првиот пораз на ВМРО-ДПМНЕ под раководство на Никола Груевски од 2004 година, најавува и голем пресврт на политичката сцена во Македонија
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Мирни и фер избори
Оценка на набљудувачите и на МВР е дека Локалните избори минаа во фер и демократска атмосфера, иако не отсуствуваа и изолирани неправилности и инциденти. Излезноста достигнала околу 60 проценти, што е помалку од изборите во 2013 година, а вкупно гласале нешто над еден милион и 70 илјади граѓани.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Крај за партиските шерифи
Зоран Заев и неговата СДСМ се големи победници на изборите. Партијата успеа да направи целосен пресврт во распоредот на градоначалниците и да ја извојува првата изборна победа по пауза од 13 години. Заев порача дека завршува „ерата на локалните шерифи“ и побара од сите новоизбрани функционери да ги засукаат ракавите и да се фатат за работа.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Скопје има градоначалник социјалдемократ
За првпат од прогласувањето на независноста, Скопје ќе добие градоначалник од редовите на социјалдемократите. Иако победата на Петре Шилегов се уште не е официјално потврдена, извесно е дека тој ќе биде новиот градоначалник на Скопје, заменувајќи го на функцијата Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Новата ера... не започна
Иако најавуваше „нова ера“, Никола Груевски го доживеа најтешкиот пораз во својата политичка кариера. По серија последователни победи на сите изборни циклуси во последните 11 години, Груевски со наведната глава се пожали на изборни неправилности и најави жалби. Иако одби да одговори дали ќе поднесе оставка на партиската функција, меѓу редови, такво нешто се насетува.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Победа над стравот
За многумина во Македонија, изборниот исход е, на некој начин, победа над стравот кој го чувствуваа граѓаните. Настаните од 27 април и насилниот упад во Собранието беа почетокот на крајот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кој овојпат доби своја евалуација и во јасно изразената волја на граѓаните.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Grdanoski
Одмотување на клопчето
Губењето на локалната власт ќе го заокружи процесот на обезвластување на ВМРО-ДПМНЕ, што пак би требало да отвори многу процеси кои треба да дадат одговор на прашањето: што се случуваше во Македонија во изминатите 11 години. Заробена држава, огромна корупција, задушување на медиумите... Меѓу нив, секако, е и проектот Скопје 2014, кој ги чинеше граѓаните преку 600 милиони евра.
Фотографија: DW/F. Hofmann
Тешки задачи
СДСМ сега има уште поголема одговорност да ги спроведе најавените и потребни реформи во државата. Во прв ред тоа се однесува на препораките од вториот извештај на експертската група на Рајхард Прибе. Заев ја доби довербата на граѓаните за продолжување на политиката на заедништво, помирување со соседите и придвижување кон ЕУ и НАТО.