Средба меѓу американскиот претседател и севернокорејскиот лидер, според Белата куќа, е можна само ако Пјонгјанг пружи докази за денуклеризација на земјата.
Реклама
Американскиот претседател Доналд Трамп нема да се сретне со севернокорејскиот властродржец Ким Јонг Ун сѐ додека тој не преземе „конкретни чекори и конкретни мерки“, изјави портпаролката на Трамп, Сара Сандерс во Вашингтон. Ким даде големи ветувања, во што спаѓа и денуклеризација на неговата земја, а САД очекуваат тие да бидат исполнети.
Поканата за средба меѓу двајцата претседатели потекна од Ким Јонг Ун, а Трамп ја прифати. Терминот и местото на состанокот уште не се утврдени. „Ќе потрае неколку недели додека да ги детализираме сите работи“, изјави американскиот министер за надворешни работи, Рекс Тилерсон при посетата на Џибути. Тој потврди дека во последно време засилено се контактирало преку новоотворени канали за комуникација. „Она што се промени на речиси драматичен начин, е ставот на Ким Јонг Ун. Да кажам сосем искрено, неговата подготвеност за надминување на спорот, презентирана во разговорите со делегацијата од Јужна Кореја, е помалку изненадувачка“, истакна Тилерсон. Од извори на јужнокорејската влада се споменува можност средбата на Трамп и Ким да се одржи до крајот на мај.
Кина го поздрави напредокот во решавањето на севернокорејскиот конфликт, но САД очекуваат Пекинг да продолжи да се придржува на санкциите против Пјонгјанг, без оглед на евентуалниот самит. Кинескиот претседател Ши Џинпинг и Доналд Трамп телефонски се согласиле дека санкциите треба да бидат во сила сѐ додека Северна Кореја не преземе јасни чекори кон комплетна, проверлива и неповратна денуклеризација на Корејскиот Полуостров. Кина е најважниот партнер на Пјонгјанг, и до извесен степен учествува во санкциите против Северна Кореја.
И други држави го поздравија планираниот состанок на Трамп и Ким. Додека Јужна Кореја реагираше еуфорично, нарекувајќи го „сличен на чудо“ и „историски меѓник“ за мирот на Корејскиот Полуостров, останатите беа повоздржани. Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека тоа е „искра надеж“, додека за ЕУ-претставничката за надворешна политика, Федерика Могерини, евентуалниот самит претставува позитивен развој.
Шефот на руската дипломатија, Сергек Лавров истакна дека станува збор за чекор во вистински правец.
За што е способна севернокорејската армија?
Северна Кореја повторно го привлекува вниманието на светската јавност. Тестирањето на интерконтиненталните ракети наидува на остри критики. Земјата има една од најголемите армии во светот. Но, продолжува да се вооружува
Фотографија: Reuters/KCNA
Меѓу најбројните армии во светот
Севернокорејската армија има 700 илјади војници и околу 4,5 милиони резервисти. Речиси секој петти жител на земјата е во војска. Сите мажи во комунистичкиот режим мораат да учествуваат во воената обука. Поради тоа, Северна Кореја има двојно повеќе војници од соседната Јужна Кореја.
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Jones
Различни воени орудија
Според податоците наведени во Глобалниот индекс за вооружување, Северна Кореја во 2017 година располага со 76 подморници, 5.025 тенкови и 458 борбени авиони. На оваа фотографија од 2013 година, лидерот Ким Јонг Ун е сликан во командната централа на армијата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Воена парада
Севернокорејскиот режим секоја година ја демонстрира својата сила на воена парада во главниот град Пјонгјанг. Парадите воглавно се одржуваат за време на некој важен јубилеј на комунистичката земја или семејството Ким.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Интерконтинентални ракети
САД во четвртокот потврдија дека Северна Кореја успешно тестирала балистичка интерконтинентална ракета. Ракетата од типот „Хвасонг- 14“ е во состојба да ја погоди секоја цел во светот, јави државната новинска агенција КЦНА.
Фотографија: Getty Images/AFP/KCNA
Атомските проби продолжуваат
И покрај острите санкции, Северна Кореја продолжува со својата атомска програма. Само во 2016 година беа извршени пет нуклеарни проби. Јужнокорејскиот министер за одбрана Хан Мин Ко смета дека соседот наскоро ќе го изврши и шестиот тест.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Закана за светскиот мир
Кина и Русија се единствените земји кои се водат како сојузници на Северна Кореја. Режимот за главен непријател ја смета „империјалистичката сила САД“. Меѓу непријателите уште спаѓаат и Јужна Кореја и Јапонија.
Фотографија: Reuters/K. Hong-Ji
Крај на трпението?
По тестирањето на интерконтиненталните ракети на американското трпение му дојде крајот. Претседателот на САД, Доналд Трамп сака да најде решение со своите сојузници од Г20. Кина и Русија, во секој случај, сакаат да спречат американски напади врз воени цели во Северна Кореја.