1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доналд Трамп- гробарот на републиканците

Михаел Книге
13 октомври 2016

Американските претседателски кандидати и нивните партии и во минатото биле во судир. Но она што ѝ го прави Доналд Трамп на Републиканската партија не само што е невообичаено, туку може да води и кон нејзин распад.

Collage - Donald Trump und Paul Ryan
Фотографија: picture-alliance/AA/S. Corum&Getty Images/AFP/T. Katopodis

Претседателските кандидати и нивните партии не секогаш се на иста страна, и тоа не е ништо невообичаено. Всушност, политичките разлики меѓу кандидатите и делови од партијата се нормални. Но, вообичаено, двете страни се обидуваат да ги испеглаат разликите во итен рок по завршувањето на внатрепартиските избори и пред почетокот на националната кампања. Дури и кога партиските раководители имаа сериозни забелешки, како што бројни републиканци имаа забелешки за многу конзервативниот Бери Голдвотер во 1964 или Демократите со прогресивниот Џорџ Мекговерн во 1972, сепак партијата и кандидатот најчесто успеваа да соработуваат.
Токму од тие причини, актуелниот судир меѓу републиканскиот кандидат Доналд Трамп и неговата партија е исклучителен и ги шокираше аналитичарите.


„Ние сме на непозната територија“, вели Скот Лукас, професор на Американски студии на Универзитетот во Бирмингем. Најџел Боулс, поранешен директор на Американскиот Институт во Оксфорд, смета дека судирот меѓу Трамп и партијата „е без преседан во повоениот период“.
Иако јавниот судир е неверојатен сам по себе, сепак не е големо изненадување што тој се случува со оглед на сето она што се случуваше претходно.
„Аудио снимката беше големиот катализатор за ова да исплива на површина“, вели Лукас. Причината поради која водечките републиканци, како сенаторот Џон Мекејн или спикерот на Конгресот Пол Рајан, сега целосно му ја откажуваат поддршката е едноставна: страв.
Рајан и неговиот колега од Сенатот, Мич Меконел се длабоко загрижени дека мнозинството на Републиканската партија, особено во Сенатот, но и во Конгресот, е во опасност. „Тие се фокусираат на тој проблем затоа што се убедени дека Трамп сигурно ќе ги загуби изборите“, вели Боулс.
Со други зборови, раководството на републиканците се откажа од Трамп и сега се обидува да ја ограничи штетата. Но и тоа може да се покаже како изгубена кауза, затоа што Доналд Трамп силно удри по слабите темели на Републиканската партија.

Кршлива коалиција

Она што го знаеме како Републиканска партија од 1970-те години наваму, е всушност лабава коалиција на три различни групи, велат експертите: богати републиканци кои се пред сѐ заинтересирани за економски прашања и ниски даноци, евангелистички христијани, и белци од работничката класа чии плати одат надоле со децении. Иако овие три групи имаат некои заеднички нишки, нивните интереси често се разликуваат.
„Не постои теоретска или историска причина да се претпостави дека коалицијата може да остане стабилна на долг рок“, вели Боулс. „Чудото не е што сега се распаѓа, туку што и требаше толку време да се распадне“.
Републиканската партија веќе една генерација е длабоко поделена за економски и социјални прашања, вели Лукас: „Убавината на Роналд Реган беше што успеа да го одржи заедништвото на партија и покрај поделбата во 1980-те“. 

Роналд Реган на двапати победуваше на изборите за претседател во 1980-те години.Фотографија: AP

Она што Реган успеа да го одржи заедно, сега Трамп го растури. Неговата кампања се фокусираше само на мобилизирање на белата работничка класа, во исто време одвраќајќи ги другите основни групи, како и неопределените.
„Трамп е натрапник, сериски натрапник“, вели Лукас. „Но Републиканската партија ја дозволи злоупотребата. Тие ја потценија моќта на Трамп да поттикне значајно малцинство од народот“.
„Јасно е кој ја растури“, додава Боулс. „Јасно е дека Доналд Трамп е архитектот на распадот. Прашањето за Републиканската партија на среден рок е дали ќе успее да се обедини повторно. Јас мислам дека тоа е малку веројатно“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми