1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Импичментот во Сенатот – процес против Доналд Трамп

ЖА / агенции
26 јануари 2021

Натамошен чекор во импичмент постапката против екс претседателот Трамп: претставници на Претставничкиот дом формално го предадоа во Сенатот обвинението за „поттикнување бунт“. Претседателот Бајден е скептичен во успехот

USA, Washington I Trump Impeachment
Фотографија: Melina Mara/The Washington Post/AP/picture alliance

Со свечена церемонија девет пратеници од Претставничкиот дом молчешкум поминаа низ халите на Капитол во Вашингтон кон крилото во кое е сместен Сенатот и го предадоа обвинението. Пратениците беа назначени од страна на претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси.

Во Сенатот претседателот на обвинителите, Џејми Рескин го прочита обвинението кое Претставничкиот дом го подигнува по настаните од 6 јануари – упадот на радикални поддржувачи на Трамп во седиштето на Конгресот. Трамп „го загрози интегритетот на демократскиот систем“ и „го спречи мирното примопредавање на власта“, стои во документот.

100 сенатори во процесот добиваа улога на поротници, за таа цел денеска ќе положат заклетва, како што најави новиот предводник на Демократите во Домот, Чак Шумер. Демократите очекуваат постапката да тече брзо.

До почетокот на процесот е даден прекин од две недели, време за Трамп да се подготви за своја одбрана. Сенатот пак истовремено добива време за потврда на министрите на новиот претседател Џо Бајден и веројатно носење одлука за нов пакет мерки за помош во пандеијата на коронавирус. Зашто, Сенатот за време на процесот против Трамп, тешко дека би бил во состојба да врши и други задачи.

Обвинението против Трамп, т.н. импичмент, меѓудругото се потпира наговорот кој екс претседателот го одржа кратко пред јуришот врз Капитол. Во него Трамп изнесе цела низа целосно недокажани тврдења дека на изборите во ноември му е украдена победата. Во безредијата при упадот на симпатизери на Трамп во Капитол починаа пет лица.

Трамп е првиот претседате во историјата на САД против кого двапати се покренува импичмент. Првата постапка за отповикување од функцијата против него заврши неуспешно пред една година, повод беше вршење притисок врз украинскиот претседател за помош во изборите преку дискредитирање на неговиот противкандидат.

Трамп е воедно и прв американски претседател кој е конфронтиран со импичмент процес по заминувањето од функцијата. Доколку Сенатот го прогласи за виновен, може да му изрече забрана за вршење јавни политички функции во иднина, со што Трамп во 2024 година не би можел да се кандидира за претседател.

Но, за осуда на Трамп и негово исклучување од јавниот политички живот е потребно двотретинско мнозинство во Сенатот – заедно со Демократите би требало да гласаат и 17 републикански сенатори, што е целосно неизвесно. Републиканската партија е длабоко поделена околу дилемата дали да остане цврсто зад Трамп или да се дистанцира од него, со оглед што десниот популист и натаму ужива широка поддршка кај партиската база.

Американскиот претседател Џо Бајден се чини не е убеден во успех на процесот против Трамп, според Си-Ен-Ен, тој не верува дека доволно републикански сенатори ќе гласаат против својот сопартиец. Но, Бајден сепак ја поддржува постапката : „Мислам дека таа е неопходна.“

Од Министерството за одбрана соопштија дека илјадниците припадници на Националната гарда, испратени во Вашингтон за обезбедување на инаугурацијата на Џо Бајден минатата недела, ќе останат стационирани тука до средината на март. Причина се и натаму присутните „закани“, но претставникот на Пентагон не појасни од каква природа се тие.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми