Доналд Трамп и американското паралелно општество
2 август 2016 Вашингтон Пост говори за гнев, Њујорк Тајмс го нарекува екстремна криза. Дури и либералните ТВ канали како ЕмЕсЕнБиСи и СиЕнЕн се чини се фокусираат само на едно нешто деновиве: како можеше Доналд Трамп да се осмели да ги навреди родителите на еден американски војник кој загинал во Ирак?
Без предрасуди, целосниот недостаток на почит и емпатија на Трамп овојпат добива особени аспекти- дури и според неговите стандарди. Тоа можеби се должи на фактот дека муслиманските родители успеаја жестоко да го удрат републиканскиот претседателски кандидат, критикувајќи го за време на Демократската конвенцијата дека никогаш не жртвувал ништо за САД. Тие и се спротивставија на реториката на Трамп и неговото барање за забрана на влез на муслиманите во САД со најголемата жртва која тие и други муслимани и имигрантски семејства ја дале за нивната земја: животот на своето дете.
Критики меѓу републиканците
Агресивниот одговор на Трамп докажува дека не постои самоконтрола или размислување кога тој чувствува дека е притиснат до ѕид. Неговото нервозно однесување најдобро се гледаше во твитовите кои, се чини, отидоа предалеку дури и за дел од повидните Републиканци. Листата на водечки републикански пратеници кои застанаа во поддршка на семејствата Кан е долга и импресивна: од спикерот на Конгресот Пол Рајан, преку поранешниот гувернер на Флорида Џеб Буш, се до поранешниот претседателски кандидат Џон Мекејн.
Нетактичните коментари на Трамп коинцидираа со уште една серија изјави кои ги даде викендот, а кои ја открија неговата игнорантност кога станува збор за проблемите во надворешната политика. Во ТВ интервју за ЕјБиСи, Трамп рече: „Путин нема да влезе во Украина, разберете го тоа. Можете да го запишете тоа“. Колку што е несвесен, човек навистина би можел да почуствува срам за него.
Поделено општество
Сепак, ништо од ова веројатно нема да го смени расположението меѓу лојалните поддржувачи на Доналд Трамп- најмногу затоа што големото мнозинство од нив нема ни да ги слушнат глупостите кои ги говори. Медиумскиот пазар во САД е премногу поделен за ваквите вести да стигнат до публиката која е најважна. Десничарскиот ТВ канал Фокс њуз, му даде минимално значење на семејството Кан. Либералните медиуми како радио мрежата ЕнПиАр или весниците како Њујорк Тајмс и Вашингтон Пост воглавно им се обраќаат на образованите елити. Малкумина од нивните слушатели или читатели ќе гласаат за Трамп.
Социјалните мрежи како Фејсбук и Твитер се претворени во микрокосмос кој го рефлектира одбраното верување на корисникот. Таму ретко има простор за критичка евалуација на сопствените уверувања.
Оваа изборна година во САД полека покажува што и се случува на земја кога ќе се сведе на лабава асоцијација на паралелни светови каде повеќе нема заеднички платформи на кои ќе се разговара за политичките разлики и конфликти. Она што е останато е многу повеќе заинтересирано да ги скандализира разликите меѓу народот отколку да бара долгорочни решенија.