1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доналд Трамп покажува мускули

Томас Колман
27 декември 2016

Именувајќи го Питер Наваро за главен советник за трговски прашања, американскиот претседател Доналд Трамп поставува уште еден нов знак за извичник.

Shanghai Donald Trump und China
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Eisele

Надворешната и трговската политика на Доналд Трамп добива сѐ појасни контури. Не само поради именувањето советници и министри кои се пријателски настроени кон Русија или критички кон Кина. И предизборните најави на идниот американски претседател околу неговите размислувања за воведување казнени царини за увезените стоки од Кина не изгледаат како гола закана. Зашто, примерите од минатото покажуваат дека американските претседатели се во состојба да воведат казнени царини и без поддршка од Конгресот. 

Со закони како „Trading with the Enemy Act” од 1917. година,  „Trade Expansion Act” од 1962. или „International Emergency Economic Powers Act” од 1977. година, уште пред Доналд Трамп, американските претседатели своите трговски партнери ги ставале под силен притисок.

Питер Наваро, иден советник на ТрампФотографија: Imago/Zumapress

Така, и именувањето на Питер Наваро , еден од авторите на економско-политичката изборна програма на Трамп, за шеф на новоформираниот Национален трговски совет во Белата куќа изгледа како уште еден натамошен знак дека Трамп не се шегува кога вели дека на Кина сака да ѝ ги покаже економските и геостратешки граници.

И за келнскиот политиколог Томас Јегер овој избор е натамошен знак дека Трамп сака во својот мандат во целост да го реформира досегашниот надворешнополитички и трговски курс на САД. „Именувањето токму го покажува правецот кого досега само го насетувавме, имено, Доналд Трамп, за разлика од германската канцеларка Ангела Меркел, следи поинаков политички стил - не сака да се прилагоди кон ситуациите, туку сака да ги создава.“ 

Кинеските девизни резерви, вклучувајќи и долари, значително опаднааФотографија: picture-alliance/dpa

„Смрт поради Кина“ 

Со советници како што е професорот по економија Наваро, автор на книгата „Смрт поради Кина“ или „Претстојните кинески војни“, кој е познат како остар критичар на Кина, Трамп се залага за политика на демонстрирање сила. Зашто, раководството во Пекинг е под притисок откако економскиот стопански раст видно ослабе, на економијата ѝ претстојат големи реформи и уште не е најдено решение за огромните долгови на државните компании кон привинциските влади.

Стручњаците се согласуваат дека кинеското стопанство е приморано на економски пораст од над шест проценти заради одржување расположение меѓу населението и заради зачувување на социјалниот мир. Одделни економисти го маргинализираат овој проблем, други го преувеличуваат.

Економскиот пораст во 2015. година се намали на 6,9 проценти, додека за 2016. година се очекува тој да биде 6,5 насто. Тоа е централниот проблем, смета Мико Хуотари од берлинскиот Меркатор институт за кинески студии, МЕРИКС: „„Државното и партиско водство е под огромен притисок, зашто структурните промени на кинеската економија ѝ носат неверојатни проблеми. Целите за економски пораст се додуша постигнати годинава, но неизбежно е прашањето - по која цена?“ Итно потребните структурни реформи не се спроведени, туку стабилизацијата е постигната со гигантски нови задолжувања. Долговите на компаниите на ваков начин продолжуваат да растат, што доведува до масивни проблеми со финансиите“, вели Хуотари.

Државата во последните 18 месеци мораше силно да интервенира за да го стабилизира порастот и раководството е под голем притисок: „Трговска војна од оваа причина би била крајно непожелна.“

Професор Томас ЈегерФотографија: privat

Носителите на одлуки во САД тоа го знаат и би можеле сега да ги искористат проблемите на Кина во своја корист, смета експертот за Америка, Томас Јегер: „Времињата на воздржаност кон Кина како да се минато и се чини Кина ќе биде под сѐ поголем притисок. САД се подготвени на редефинирање на својата политика кон Русија и нејзино придобивање како сојузник против Кина.“ Предноста е што САД притоа можат да ги задржат своите сојузници во појасот на Пацификот. „Тоа е голем економски и политички притисок врз Кина, која настојува да ја преземе водечката улога од САД“, нагласува Јегер.

Кинеското раководство под притисок

И стручњакот за трговски прашања Хериберт Дитер од берлинската Фондација за наука и политика верува дека во трговскиот спор, кој е на повидок, повеќе можат да загубат Кинезите. „На Комунистичката партија ѝ е потребен позитивен економски пораст заради задржување легитимност кај населението. Затоа  мислам дека цената на спорот би била превисока за Кина и дека тамошното раководство воопшто нема интерес да влегува во него.“

Според оценката на Дитер, мала е можноста Кинезите, во случај на ескалација на трговскиот спор со САД, масовно да почнат да исфрлаат на пазар американски трговски обврници. Навистина, Кина во последните месеци значително ја намали количината на тие обврзници, така што во меѓувреме Јапонија стана најголем странски доверител на САД. Сепак, Кинезите уште располагаат со американски обврзници во вредност од преку билион долари.

„Ризикот од трговска војна со САД би го почувствувале и САД, но мислам дека аргументот кој постојано се повторува не е одржлив: дека Кинезите можат да продаваат американски државни обврзници . Во таков случај Кинезите би биле силно погодени од падот на цената на обврзниците, со што би ги уништиле и сопствените пари,“ нагласува Дитер. 

Експертот за трговски прашања, д-р Хериберт ДитерФотографија: H. Dieter

Засолнување капитал како доказ на недоверба

Нервозата на Комунистичката партија во Пекинг ја надополнува и одливот на милијарди долари вреден капитал од Кина, вели Мико Хуотари. „На крајот на октомври се одржа необична седница на Постојаниот комитет на Политбирото, кој ги разгледуваше токму тие прашања: финансиската стабилност и одливот на капитал.“ Тоа е сигнал за сериозноста со која државното раководство пристапува кон темата. „Оттогаш видовме цела низа мерки, кои за цел имаат ограничување на одливот на капитал.“

Експертот за трговски прашања Хериберт Дитер заклучува: „Тоа не е ништо друго освен недоверба. Сопствениците парите порадо ги држат во странство отколку во Кина, во согласност со тоа, имаат мала доверба во економскиот развој во Кина. И тоа е поголем проблем за Кина отколку за САД.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми