1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Груевски купувал плацеви на Водно со партиски донации

ДТЗ /ДВ
19 октомври 2020

Неговиот кум Ристо Новачевски заврши во притвор, а ќе му биде одземен и имотот. Станува збор за три парцели со површина од над 10.000 квадратни метри во вредност од 1.180.000 евра. Осомничени и Мијалков и Камчев.

Ungarn Budapest Nikola Gruevski früherer Ministerpräsident Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Z. Mathe

Со донации за ВМРО-ДПМНЕ, експремиерот Никола Груевски купувал плацеви на Водно. Над еден милион и триста илјади евра донации од фирми и членови на партијата, наместо во партиската каса, завршиле во атрактивни плацеви на Водно, кои тој како лидер на партијата ги купувал.

Обвинителството за организиран криминал и корупција соопшти дека е заокружена истрагата со која Груевски, којшто пребега во Унгарија, е осомничен за перење пари. Освен него, осомничени се и поранешниот шеф на тајната служба, Сашо Мијалков, бизнисменот Орце Камчев и неговата мајка Ратка Камчева, Ненад Јосифовиќ, како и кумот на Груевски, Ристо Новачевски, кој денеска беше приведен и му е одреден притвор од 30 дена. На Новачевски ќе му биде одземен и имот. Станува збор за три парцели со површина од над 10.000 квадратни метри во вредност од 1.180.000 евра.

„Пари кои му биле доверени во работата како претседател на една политичка партија ги присвоил за себе или дел од тие пари со тоа што донации од физички и правни лица не ги пријавувал во извештаите и нели секоја партија мора да има список на донатори на физички и правни лица. Дел од физичките и правни лица вопшто не се во списокот на донатори а донирале средства за партијата“, рече обвинителката Вилма Русковска.

Шемата одела преку Белизе

Според обвинителството, Груевски од донациите за партијата собрал 1,3 милиони евра во периодот од 2006 до 2012 година. Помеѓу октомври 2012 до септември 2013 со парите ги купил плацевите.

„Второосомничениот Сашо Мијалков, иако знаел дека парите се прибавени со кривично дело, стапил во контакт со сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе и побарал документацијата, печатите и жиро-сметката да му бидат дадени на располагање“, соопшти Основното јавно обвинителство.

Била основана ќерка фирма во Скопје, а управител станува Ристо Новачевски. Од таа сметка биле исплатени парите на сопствениците за земјиштето на Водно од 11 илјади метри квадратни. По објавувањето на „бомбите“ во 2015 година од страна на тогашниот лидер на опозицијата, Зоран Заев и прислушуваниот разговор дека Груевски купил скапи плацеви, сопственоста е пренесена на фирма на која управител бил Орце Камчев, а сопственик неговата мајка.

За да се прикрие локацијата, движењето и сопственоста на имотот, тие донеле одлука за преименување на правното лице и одлука за физичка делба на парцелата од 6785 м2 на три нови парцели. За да ја прикријат локацијата и сопственоста, плацевите биле пренесени на физичко лице без платен удел, но со определен рок од 3 години за исплата на купопродажна цена.

Плацевите на Водно станаа актуелни откако во 2015 година тогашната опозициска СДСМ, објави еден од нелегално прислушуваните разговори, меѓу тогашниот премиер Никола Груевски и тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, во кој се разговара токму за овие плацеви. Откако СДСМ ја пушти бомбата за плацевите, тие го менуваат планот, па плацевите одат во рацете на Камчеви, кои се поврзуваат исто така со веќе регистрирани фирми од Белизе, соопштува обвинителството.

Прогон и хајка

Бегалецот Никола Груевски се огласи за случајот на Фејсбук, коментирајќи дека власта продолжува со политичкиот прогон и хајките против него и против негови луѓе кои, според него, се цел на прогон за да им се изнудат какви било невистинити изјави против него.

„Денешната истрага има иста цел како и сите претходни и е без никаква основа затоа што тврдењата се лага очигледно смислена и конструирана со цел за моја дискредитација, понатамошен прогон, дефокус на јавноста од нивното катастрофално работење, тргувањето со националниот интерес, бројните и секојдневни проневери, криминал и рекет кој го прави власта. Се што стои во објавата со која отвориле истрага е лага и неточно и еден ден се ќе им падне. Ќе останат само траумите кои ги направиле кон сите кои ги прогонуваат и сеќавањето за времето кога Македонија е држава со најголем број политички прогонувани лица во Европа заедно со лицата прогонувани со намера да се принудат да бидат средство и алатка на власта во прогонот кон политичките неистомисленици“, вели Груевски од Будимпешта, каде избега откако беа отворени судски постапки против него во земјава.

Екстрадиција

Шефицата на Обвинителството за организиран криминал, Вилма Русковска најави дека ќе го отвори повторно прашањето за екстрадиција на Груевски во земјава откако унгарските власти не одговорија позитивно на претходното барање. Груевски треба да ја одлежи правосилната затворска казна за „Тенк“ (Врховниот суд во септември ја потврди пресудата со која Груевски беше осуден на две години затвор за примање награда за противзаконито влијание за набавката на луксузен „мерцедес“), а обвинет е и за „крвавиот четврток“, односно упадот во парламентот на 27 април 2017 година.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми