1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Досие Асанж - едно обвинение помалку

Матијас фон Хајн/З. Јордановски18 август 2015

Денеска застаре и третото дело за кое е осомничен Џулијан Асанж, основач на Викиликс. Остана уште само едно. Но, расте сомнежот во постапките на шведското правосудство и во сразмерноста на применетите средства.

Фотографија: picture-alliance/AP Photo/J. Stillwell

Се вели дека прва жртва на војната е вистината. Џулијан Асанж и платформата Викиликс, во чие основање учествуваше тој, придонесоа на виделина да излезат неубави вистини за начинот на кој Американците ја водеа војната во Ирак и Авганистан. Веќе пет години Асанж и самиот е вплеткан во некој вид војна со шведското правосудство - во која, се чини, исто така страда вистината. Тој е обвинет за принуда и силување. Се’ започна во август 2010 година, кога две жени во полициска станица во Стокхолм побараа совет како да го принудат заедничкиот секс-партнер на тест против сида. Кога по неколку часови ја напуштија станицата, полицијата поведе истрага поради силување и сексуална принуда. Овие факти ги признаваат и Асанж и шведското обвинителство.

Борба околу правното толкување на исказите

Оттогаш се води борба околу толкувањето на исказите на двете жени и дали воопшто има место за судска постапка. Шведското казнено право кај сексуалните деликти е извонредно далекусежно. Констатирано е дека тужителките имале доброволно секс со Асанж, ниедна од нив ни во еден момент не се чувствувала под закана од него. Само последната точка за која го обвинуваат, која застарува дури во 2020 година, се базира врз исказ на едната од нив, дека имало уште еден сексуален чин во текот на ноќта, без кондом, кога таа била во полузаспана состојба.

Битни се да се споменат и фактите дека Асанж ни до денес не е официјално обвинет, а постапката е заглавена во предистражната фаза. Европскиот налог за апсење против Асанж формално се однесува само на израчување заради сослушување во однос на она за што е осомничен.

Амбасадата на Еквадор во Лондон во која е Асанж постојано ја чува полицијаФотографија: REUTERS

Државна обвинителка ја отфрли тужбата

Натамошен факт е дека државната обвинителка Ева Фине од Стокхолм ги отфрли наводите од тужбата како ноесновани. Потоа во случајот се вмеша Мариане Ни, обвинителка од Гетеборг, која го издаде споменатиот меѓународен налог за апсење. Таа пет години упорно одбива да го сослуша Асанж било каде надвор од Шведска, одбива видео сослушување и писмена изјава на Асанж. Дури во почетокот на годинава таа одненадеж искажа готовност за сослушување во Лондон. Ако не го понудеше тоа, веројатно би загубила пред Врховниот суд на Шведска, до кого се обратија адвокатите на Асанж, претпоставува Николаус Гацеас, експерт за меѓународно казнено право од универзитетот во Келн, во разговор за ДВ. Тој укажува дека во изминатите години, во други случаи, правосудните власти 44 пати во странство сослушале осомничени или сведоци. „Напросто е несфатливо како се постапува во случајот Асанж од шведските власти, посебно од државната обвинителка Ни. Таа има можност да ја разјасни фактичката состојба, но не ја користи и по своја вина придонесува за застој во постапката. Сето тоа придонесува постапката против Асанж се‘вкупно да изгледа нефер“, оценува Гацеас.

Преку 1700 денови куќен притвор

Како резултат на тоа на Асанж му е одземена слободата од пред повеќе од 1700 денови: прво беше во ќелија-самица во англиски затвор, потоа во домашен притвор и конечно, веќе три години, во амбасадата на Еквадор во Лондон. Оттогаш таа е нон-стоп надгледувана од полицијата, што британските даночни обврзници досега ги чини околу 17 милиони евра.

Во делот на фактите спаѓа и дека Асанж и Викиликс си создадоа моќни непријатели - посебно САД, особено во 2010 година. Викиликс прво на 5. април 2010. го објави видеото „Колатерални убијци“, кое покажува како од американски воен хеликоптер во јули 2007. година се убиени 12 цивили, меѓу нив и двајца новинари. Потоа уследи објавувањето на „Авганистанскиот воен дневник“: околу 76 илјади тајни документи, најчесто извештаи од фронтот, кои покажуваат ненашминкана, најчесто мрачна слика на реалноста на војната. Изводи од документите објавија „Њујорк Тајмс“, „Гардијан“, „Дер Шпигел“. Во октомври истата 2010. година уследи најобемното објавување воени документи во историјата на САД: „Ирачкиот воен дневник“ опфати околу 400 илјади документи. Стана јасно дека американската војска знаела за тешките тормозења и малтретирања на цивили од страна на ирачките безбедносни сили и го игнорирала тоа, како и дека бројката на жртви кај цивилното население е далеку повисока отколку што беше дотогаш познато. Кон крајот на ноември Викиликс објави интерна комуникација меѓу американските амбасади и Стејт департментот во Вашингтон. Од неа се виде колку непристојно американските дипломати ги оценуваат светот и владејачките политичари во други земји. Четири дена по објавувањето на таа кореспонденција беше издаден европскиот налог за апсење на Асанж. На 7 декември тој доброволно се пријави во една полициска станица, и помина десет дена во затвор-самица. Ден по неговото затворање, британскиот весник „Индепендент“ пишуваше дека САД и Шведска повеле неформални разговори за негово израчување на САД поради објавите од Викиликс.

Бикиликс објави ненашминкани извештаи за САДФотографија: picture-alliance/dpa/J. Büttner

Азил од страв од прогон од страна на САД

Стравот од можното израчување на САД го натерал Асанж да побара заштита во амбасадата на Еквадор во Лондон. Таа официјална причина за азил не е неоснована. Американските власти со крајна острина постапуваат против информанти и откривачи (вистлблоуери). Чарлс Менинг, поранешен водник, како извор на информации за Викиликс во 2013. беше осуден на 35 години затвор. Кон средината на таа година „Њујорк Тајмс“ пишуваше опширно за обемните напори на повеќе американски власти да подготват обвинение против Асанж поради шпионажа и заговор против САД. Наводно тие веќе собрале десетици илјади страници доказен материјал. За разлика од Менинг или Едвард Сноуден, Австралиецот Џулијан Асанж никогаш не работел во некој американски орган на власта. Тој се повикува на правото како новинар и главен уредник на Викиликс да може да објавува информации како на пример, дипломатски депеши.

Поради тоа азилот во еквадорската амбасада веројатно нема да заврши ни кога Шведска ќе го повлече налогот за апсење. Експертот за казнено право Николаус Гацеас претпоставува дека „американските власти веднаш би упатиле до британските власти барање за апсење. Можеби тоа веќе и го сториле, но е договорено да се држи во тајност“, вели Гацеас за ДВ.

Патем, Асанж понуди и да биде сослушан во Шведска под услов да му се даде гаранција дека нема да биде израчен на САД. Тоа беше одбиено.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми