1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доста е играње жмурка со Турција

Барбара Везел
6 септември 2017

Пристапни преговори со Турција- тоа е една од најголемите лаги на ЕУ. Тоа е идеја уште од времето кога уште постоеше надеж дека Европа може да влијае за демократизација на Турција. Таа идеја повеќе ја нема.

Sergey Elkin Karikatur Merkel EU-Türkeibeitritt

Секое влошување на политичката ситуација во Турција го отвора прашањето дали да се продолжат пристапните преговори или не. Претседателот Ердоган веќе со години консеквентно го следи патот кон автократско владеење и се разбира сите во Европа одамна знаат дека официјалните разговори, кои се замрзнати- се всушност фикција. Сега е прашање дали е дипломатски попаметно тие да се задржат или е достигната точка кога ЕУ треба да повлече консеквенци поради провокативното однесување на турскиот претседател, за да си го зачува образот.

Политика од некое друго време

Кога во 2005 година беа покренати преговорите со Турција, ЕУ се наоѓаше во период исполнет со надеж. За тој проект најмногу се залагаа европските социјалдемократи, верувајќи дека пристапниот процес истовремено ќе има демократизирачко дејство врз земјата.

Во тоа време во средиштето на дискусиите беше прашањето дали Турција според некоја дефиниција географски и политички е дел од Европа или не е. Сомнежот во одржливоста на демократскиот развој на земјата, како и во Реџеп Таип Ердоган, кој во тоа време уште важеше за модернизатор, беше многу мал. И отпорот на конзервативните партии, како германските демохристијани, се засноваше пред сѐ на инстиктивен отпор кон прифаќањето на една муслиманска земја со големо население.

Сомнежите во процесот на приклучување уште тогаш беа разбирливи: кој внимателно го слушаше Ердоган, можеше уште тогаш да препознае арогантни формулации, според системот: не се приклучуваме ние кон ЕУ, туку таа пристапува кон Турција. Што се однесува до ставот на тогашниот британски премиер Тони Блер, еден од најголемите поддржувачи на вклучувањето на Турција во ЕУ, тој целосно се вклопуваше во британската традиција: Блер беше против политичко проширување на ЕУ и се залагаше за безгранично проширување на трговскиот сојуз. Канцеларот Герхард Шредер од редовите на СПД, настојуваше да го одржи ветувањето кое уште претходно го даде неговиот претходник Хелмут Кол, без внимателно осврнување на актерите, со цел европски континуитет.

Пропаднат сон

Погледот во минатото покажува дека од самиот почеток имаше сомнежи во способноста на Турција за пристапување кон ЕУ. Во меѓуврее проектот на надеж  на ЕУ имплодираше и сега е време за простување од него.

Барбара Везел, авторка на коментаротФотографија: DW/B. Riegert

Има и многу контра-аргументи. Ниту дијалогот со Анкара кој треба да се одржи, ни надежите на опозицијата, имаат тежина. Меѓутоа, како Европејците и Германците уште можат да им помогнат на турските опозиционери, кога и самите нивни граѓани се во турски затвори и во политичко затвореништво, а Берлин очигледно не може многу да стори за нив. А конструктивни разговори со Ердоган- кој се повеќе настапува како автократ без мерка и околу себе има само круг на послушници- веќе со месеци немало. Ангела Меркел во текот на последната посета на Анкара беше многу лошо примена. ЕУ меѓутоа во последниве години ниту во најмала мерка не успеа да го спречи  антидемократско проширување на власта на Ердоган во Турција. Само беспомошно набљудуваше што се случува.

Неопходно е да се сочува образот

Затоа е време да дојде до простување со илузијата дека нешто може да тргне на подобро. Доколку се погледа Полска, се гледа колку е тешко дури и во сопствените редови, кога една држава ја демонтира веќе постоечката демократија. Уште една расправа со Турција- која редовно води кон навреди кон шефовите на европските влади и нивните земји- во меѓувреме е повеќе штетна отколку корисна. ЕУ сега мора да го зачува образот и европските вредности. Во спротивно политичката претпазливост ќе се претвори во слабост.

Впрочем, заканите од Анкара се шупливи. Турција ќе остане во НАТО, зашто геополитички нема друг избор. А проблемот со бегалците во меѓувреме во добар дел се решава сам од себе. Бранот на бегалци од Сирија и од Ирак опадна. Мигрантите од Блискиот Исток сега знаат дека нема да можат и натаму да останат заглавени во кампови во Грција.

Клучот е во економијата

Европејците имаат можност на Ердоган да му покажат црвен картон. Првиот чекор би бил на самитот на ЕУ во октомври официјално да се суспендираат пристапните преговори. Со тоа би била замрзната и претпристапната помош, која до 2020 година предвидува исплата на девет милијарди евра. Кон тоа се придодава и блокадата на натамошни кредити, како и апел до граѓаните да не патуваат во Турција, сѐ додека германски и други граѓани таму се држат како политички затвореници. И повеќе нема да станува збор за проширување на царинската унија.

Претставници на турското стопанство, кои би биле погодени од тоа, тогаш би морале со сопствени напори да го зауздаат својот султан и неговата автократска политика. Но по бранот на чистки и сталинистички судења во Турција, Европа не може да ја гледа Анкара како потенцијален политички партнер. Време е за искреност и за признавање дека проектот на пристапување на Турција кон ЕУ пропадна. Сѐ додека властодржецот во Анкара се вика Реџеп Таип Ердоган.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми